Префрли се на текстот

Кога ќе дојде крајот на светот?

Кога ќе дојде крајот на светот?

Што вели Библијата:

 За да дознаеме кога ќе дојде крајот на светот, најпрво мора да видиме што точно значи зборот „свет“ кога е употребен во Библијата. Грчкиот збор космос, кој во Библијата обично е преведен со „свет“, најчесто се однесува на човештвото, особено на луѓето што не постапуваат според Божјата волја (Јован 15:18, 19; 2. Петрово 2:5). Понекогаш, зборот космос може да се однесува и на човечкото општествено уредување (1. Коринќаните 7:31; 1. Јованово 2:15, 16). a

Што е „крајот на светот“?

 Изразот „крајот на светот“, кој го има во многу библиски преводи, може да биде преведен и со „свршетокот на овој поредок“ или „свршетокот на векот“ (Матеј 24:3, Превод на д-р Д. Х. Константинов). Овој израз не се однесува на уништување на Земјата ниту, пак, на сите луѓе, туку на крајот на човечкото општествено уредување (1. Јованово 2:17).

 Библијата вели дека „оние што прават зло, ќе бидат истребени“, за да можат добрите луѓе да живеат во мир на Земјата (Псалм 37:9-11). Тоа уништување ќе се случи во една „голема неволја“, која ќе кулминира со војната Армагедон (Матеј 24:21, 22; Откровение 16:14, 16).

Кога ќе дојде крајот на светот?

 Исус рекол: „За тој ден и час никој не знае, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото“ (Матеј 24:36, 42). Потоа додал дека крајот ќе дојде неочекувано, во час кога не се надеваме (Матеј 24:44).

 Иако не го знаеме точниот ден и час, Исус опишал повеќе настани што заедно ќе служат како знак дека крајот на светот е близу (Матеј 24:3, 7-14). Овој период Библијата го нарекува „времето на крајот“, „последното време“ и „последните денови“ (Даниел 12:4, Превод на МПЦ; 2. Тимотеј 3:1-5).

Дали со крајот на светот ќе биде уништено сѐ?

 Не. Земјата ќе продолжи да постои, бидејќи Библијата вели дека таа „нема да се разниша довека, за сета вечност“ (Псалм 104:5). Освен тоа, по целата Земја ќе живеат луѓе. Библијата ветува: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29). Бог ќе се погрижи на Земјата да ги има истите услови за живеење како што имал намера во почетокот:

a Во некои Библии, грчкиот збор аион исто така е преведен со „свет“. Во тој случај го има истото значење како зборот космос кога се однесува на општественото уредување.