Префрли се на текстот

Зошто Јеховините сведоци не слават родендени?

Зошто Јеховините сведоци не слават родендени?

 Јеховините сведоци не слават родендени бидејќи веруваат дека таквите прослави не му се допаѓаат на Бог. Иако Библијата не кажува директно дека не треба да славиме родендени, таа ни помага да разбереме што мисли Бог за таквите прослави. Да разгледаме четири факти за овие прослави и некои библиски начела во врска со нив.

  1.   Роденденските прослави имаат паганско потекло. Според Funk & Wagnalls Standard Dictionary of Folklore, Mythology, and Legend, овие прослави потекнуваат од верувањето дека на нечиј роденден, „злите духови и сили можат да му наштетат на славеникот“ и дека „присуството на пријатели и посакувањето на убави желби помагаат да се заштити славеникот“. Книгата The Lore of Birthdays вели дека во старо време датумот на раѓање „бил важен за да се направи хороскоп“ кој се темелел на „астрологија проткаена со мистицизам“. Оваа книга додава дека „роденденските свеќи, според народните верувања, имаат посебна магична моќ за исполнување на желби“.

     Меѓутоа, Библијата ги осудува магијата, гатањето, спиритизмот и други слични работи (5. Мојсеева 18:14; Галатите 5:19-21). Всушност, една причина зошто Бог го осудил древниот град Вавилон било тоа што неговите жители се занимавале со астрологија, што е еден вид гатање (Исаија 47:11-15). Јеховините сведоци не го испитуваат детално потеклото на секој обичај, но кога Светото писмо дава јасни насоки, тие не ги игнорираат.

  2.   Првите христијани не славеле родендени. Во книгата The World Book Encyclopedia пишува дека „тие го сметале славењето родендени за пагански обичај“. Библијата покажува дека апостолите и другите кои биле поучувани од Исус оставиле пример кој сите христијани треба да го следат (2. Солуњаните 3:6).

  3.   Од христијаните се бара да го одбележуваат денот на смртта на Исус, а не денот на неговото раѓање (Лука 22:17-20). Ова не треба да нѐ изненади бидејќи во Библијата пишува дека „смртниот ден е подобар од денот на раѓањето“ (Проповедник 7:1). До крајот на својот живот на Земјата Исус стекнал добро име кај Бог, и затоа денот на неговата смрт е поважен од денот на неговото раѓање (Евреите 1:4).

  4.   Во Библијата никаде не пишува дека некој слуга на Бог славел роденден. Ова не е пропуст бидејќи во Библијата пишува за две роденденски прослави на некои што не му служеле на Бог. И двете прослави се прикажани во лошо светло (1. Мојсеева 40:20-22; Марко 6:21-29).

Дали децата на Сведоците сметаат дека пропуштаат нешто затоа што не слават родендени?

 Како сите добри родители, и Сведоците им покажуваат на своите деца дека ги сакаат во текот на целата година. Еден начин како го прават тоа е така што им даваат подароци и организираат весели дружења. Тие се трудат да го следат совршениот пример на Бог, кој им дава добри работи на своите деца без да чека некоја посебна прилика за тоа (Матеј 7:11). Децата на Сведоците не сметаат дека пропуштаат нешто како што покажуваат овие изјави:

  •   „Многу е поубаво да добиеш подарок кога најмалку очекуваш“ (Тами, 12).

  •   „Иако не добивам подароци на мојот роденден, мама и тато ми купуваат подароци во други прилики. Тоа ми се допаѓа бидејќи така секогаш ме изненадуваат“ (Грегори, 11).

  •   „Мислите ли дека забава од десет минути, торта и една песна е нешто посебно? Треба да дојдете кај мене и да видите што е права забава“ (Ерик, 6).