Префрли се на текстот

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

„Мислев дека имам сѐ што би можел да посакам“

„Мислев дека имам сѐ што би можел да посакам“
  • Роден: 1962

  • Земја: Канада

  • Некогаш: Водел неморален живот

МОЕТО МИНАТО

 Роден сум во Монтреал, најголемиот град во канадската област Квебек. Заедно со мојата сестра и двајцата браќа пораснав во убавата населба Розмон. Родителите нѐ воспитуваа со многу љубов, и водевме мирен и спокоен живот.

 Се интересирав за Библијата уште како мал. Се сеќавам дека, кога имав 12 години, уживав да го читам Новиот завет во кој се зборува за животот на Исус. Бев трогнат од неговата љубов и сочувство кон другите. Сакав и јас да бидам како него. За жал, со текот на времето ја изгубив таа желба бидејќи западнав во лошо друштво.

 Татко ми беше саксофонист. Освен што ми го подари својот саксофон, тој ми всади и голема љубов кон музиката. Таа ми стана најважното нешто во животот. Научив да свирам и гитара. Со неколку пријатели формиравме рок-група и имавме неколку настапи. Ме забележаа некои познати музички продуценти и ми понудија да соработувам со нив. Потпишав договор со една голема дискографска куќа. Моите песни станаа многу популарни и нон-стоп се вртеа на радио во Квебек.

 Мислев дека имам сѐ што би можел да посакам. Бев млад и познат, добро заработував и го работев она што го сакав. Преку ден одев во вежбалница, давав интервјуа, ставав автограми на плочите и настапував на телевизија. Навечер имав живи свирки и одев по забави. За полесно да се носам со притисокот од славата, почнав да пијам уште како млад, а подоцна почнав и да земам дрога. Водев неморален живот и не ми беше грижа за ништо.

 Некои луѓе ми завидуваа затоа што изгледав како среќен човек. Но, длабоко во себе чувствував огромна празнина, особено кога бев сам. Бев потиштен и вознемирен. Кога бев на врвот на славата, двајца мои продуценти умреа од СИДА. Тоа многу ме потресе. Многу ја сакав музиката, но ми се згади од мојот начин на живот.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

 Иако бев успешен музичар, бев свесен за страшните работи што се случуваа во светот. Не можев да сфатам зошто има толку неправди и зошто Бог не направи нешто во врска со тоа. Го молев да ми помогне да го дознаам одговорот. По завршетокот на една турнеја, почнав повторно да ја читам Библијата. Иако не го разбирав поголемиот дел од она што го читав, сфатив дека крајот на светот мора да е близу.

 Додека ја читав Библијата, дознав дека Исус во една прилика постел 40 дена во пустината (Матеј 4:1, 2). Си помислив дека, ако и јас го направам истото, можеби Бог ќе ми се открие. Така си одредив датум кога да почнам да постам. Но, две недели пред да почнам со постот, двајца Јеховини сведоци дојдоа на мојата врата. Веднаш ги поканив да влезат. Го погледнав право во очи едниот од нив, кој се викаше Жак, и го прашав: „Од каде може да знаеме дека живееме во последните денови на овој свет?“ Тогаш тој ја отвори Библијата и ми прочита 2. Тимотеј 3:1-5. Ги преплавив со многу други прашања, а тие секогаш ми одговараа на темел на Библијата. Бев воодушевен од нивните логични и смисловни одговори. Откако ме посетија неколку пати, сфатив дека нема потреба да постам.

 Почнав редовно да ја проучувам Библијата со Сведоците. По некое време, си ја скратив косата и почнав да одам на сите нивни состаноци кои се одржуваа во моето место. Таму секогаш срдечно ме поздравуваа и разговараа со мене. Тоа ми беше уште еден доказ дека конечно ја најдов вистината.

 Се разбира, морав да направам огромни промени за да почнам да живеам во склад со она што го учев од Библијата. Морав да престанам да земам дрога и да живеам неморално. Исто така, сфатив дека не сум центар на светот и дека треба повеќе да мислам на другите. Како самохран родител, морав да научам да се грижам за емоционалните и за духовните потреби на моите две деца. Се откажав од мојата музичка кариера и најдов послабо платена работа во една фабрика.

 Не ми беше лесно да ги направам сите тие промени. Кога решив да ја оставам дрогата, се борев со симптоми на одвикнување и неколку пати попуштив (Римјаните 7:19, 21-24). Најтешко ми беше да прекинам со неморалниот начин на живот. Освен тоа, новата работа ми беше многу напорна, а и платата ми беше мизерна. Ми требаа три месеци за да ги заработам парите што ги заработував за само два часа како музичар.

 Молитвата ми помогна да не се откажам и да ги направам овие големи промени. Сфатив и колку е важно редовно да ја читам Библијата. Многу ме охрабруваа некои библиски стихови како, на пример, 2. Коринќаните 7:1, кој ги поттикнува христијаните да се исчистат „од секоја валканост на телото и духот“. Друг стих кој ме увери дека е можно да прекинам со лошите навики е Филипјаните 4:13 каде што пишува: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“. Јехова Бог ми одговори на молитвите и ми помогна да ја разберам библиската вистина и да почнам да живеам во склад со неа. Ова ме поттикна да му го заветувам мојот живот (1. Петрово 4:1, 2). Се крстив како Јеховин сведок во 1997 год.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА

 Уверен сум дека досега ќе бев мртов ако продолжев со поранешниот начин на живот. Наместо тоа, сега сум навистина среќен. Мојата прекрасна жена, Елви, ми е вистински дар од Бог. Секој месец, и двајцата одвојуваме голем дел од времето за да разговараме со луѓето за Библијата. Тоа ми носи огромна радост и задоволство. Многу сум му благодарен на Јехова што ме привлече кон себе (Јован 6:44).