Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Дали доволно спијам?

Дали доволно спијам?

 Ако слабо ти оди математика, можеби сметаш дека треба да учиш повеќе. Ако не си добар во некој спорт, можеби мислиш дека треба да вежбаш повеќе. Но што ако проблемот е во нешто друго? На пример, можеби ти треба повеќе сон. Да разгледаме зошто.

 Зошто спиењето е важно?

 Експертите за здравје велат дека на повеќето тинејџери им се потребни од 8 до 10 часа сон. Зошто е толку важно добро да се наспиеш?

  •   Сонот ги подобрува твоите умствени способности. За сонот се вели дека е „храна за мозокот“. Сакаш ли да бидеш добар ученик, да бидеш добар во некој спорт или добро да ги решаваш проблемите? Тогаш, спиј доволно.

  •   Сонот позитивно влијае врз твоето однесување и расположение. Оние на кои им недостасува сон имаат поголеми шанси да доживуваат промени во расположението и да бидат тажни или депресивни. А може да имаат и повеќе несогласувања со другите.

  •   Сонот придонесува да бидеш побезбеден возач. Според едно испитување направено во САД, бројот на возачи кои направиле сообраќајна незгода поради поспаност бил двојно поголем кај лица на возраст од 16 до 24 години отколку кај лица на возраст од 40 до 59 години.

  •   Сонот е чувар на твоето здравје. Кога спиеш, се обновуваат клетките, ткивата и крвните садови во твоето тело. Исто така, кај оние што имаат квалитетен сон помал е ризикот од дијабетес, мозочен удар или прекумерна тежина.

Исто како што еден мобилен телефон треба да се полни за да работи, така и тебе ти треба доволно спиење за да можеш добро да функционираш

 Што те спречува да си легнеш на време?

 И покрај сите придобивки кои ги спомнавме, многу тинејџери не спијат доволно. На пример, Елејн, која има 16 години, вели:

 „Една професорка нѐ праша кога си легнуваме навечер. Повеќето ученици рекоа во два часот наутро. Некои рекоа во пет часот наутро. Само еден ученик рече дека си легнува во девет и пол часот навечер“.

 Кои работи можат да те спречат да си легнеш на време?

 Друштвото. „Ако си излезен со пријателите, лесно можеш да заборавиш на времето и да останеш до доцна“ (Памела).

 Одговорности. „Сакам да спијам, но понекогаш ми е тешко да си легнам на време бидејќи имам еден куп работи кои треба да ги завршам“ (Ана).

 Електронски уреди. „Телефонот — мислам тоа е главната причина зошто не спијам доволно. Кога ќе си легнам, автоматски ми доаѓа да го земам телефонот в раце“ (Аниса).

 Што можеш да направиш за добро да се наспиеш?

  •   Прашај се колку ти е важно спиењето тебе лично. Библијата вели: „Подобар е еден грст одмор отколку два грста труд и трчање по ветар“ (Проповедник 4:6). Сонот не е нешто што треба да си го дозволиш од време на време, сонот е потреба. Ако не спиеш доволно, нема да можеш квалитетно да ги извршуваш своите обврски, а нема да уживаш дури и кога ќе се рекреираш.

  •   Пронајди го главниот виновник. На пример, дали со пријателите остануваш до доцна навечер? Дали имаш преполн распоред со обврски? Дали поради телефонот си легнуваш доцна, или дали штом ќе заспиеш те буди некој повик или порака?

 Размисли: Откако ќе ја откриеш главната причина поради која не спиеш доволно, можеби ќе треба да промениш нешто, но не заборавај дека се исплаќа. Во Изреки 21:5 пишува: „Замислите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“.

 Секако, бидејќи сите сме различни, секој сам треба да открие што може да му помогне за да има добар сон. На пример, некои велат дека, ако преспијат во текот на денот, навечер спијат подобро. Но други велат дека, за нив, тоа има сосема спротивен ефект. Затоа, самиот треба да откриеш што најмногу ти одговара. Еве неколку предлози што можат да ти помогнат:

  •   Опушти се пред спиење. Ако пред да си легнеш одвоиш малку време да се релаксираш, тоа најверојатно ќе ти помогне полесно да заспиеш.

     „Добро е да си ги завршиш училишните и другите обврски на време за да не мислиш на нив кога ќе си легнеш“ (Марија).

  •   Направи си план. Не оставај ги работите на случајноста, направи си добар план со цел да си легнуваш навреме.

     „Ми требаат најмалку осум часа сон. Затоа, ако некогаш треба да станам порано од обично, се трудам и да легнам порано од обично“ (Винсент).

  •   Нека ти стане навика да си легнуваш на време. Твоето тело си има внатрешен часовник, но за да може тој да функционира мора да правиш нешто. Стручњаците предлагаат секој ден да легнуваш и да стануваш во исто време. Обиди се да го правиш тоа еден месец — ќе осетиш голема разлика.

     „Ако секоја вечер си легнуваш во исто време, наутро ќе бидеш многу посвеж и ќе бидеш многу попродуктивен во текот на денот“ (Џаред).

  •   Биди урамнотежен кога станува збор за дружењето. Библијата вели дека треба да бидеме „умерени во сѐ“, а тука е вклучено и она што го правиш во твоето слободно време (1. Тимотеј 3:2, 11).

     „Успеав да си поставам граници колку време ќе бидам со пријателите навечер. Ако не скратам од времето што го трошам на забава, ќе треба да скратам од нешто друго, а обично тоа е сонот“ (Ребека).

  •   Остави го и телефонот да „одмори“. Најмалку еден час пред спиење, одбегнувај да пребаруваш на интернет или да им праќаш пораки на пријателите. Некои стручњаци велат дека, поради светлината што зрачи од телефонот, телевизорот, или таблетот, ќе ти биде потешко да заспиеш.

     „Некои очекуваат да си достапен 24 часа на ден. Но, ако сакаш добро да се одмориш, мора да прекинеш да го користиш телефонот пред спиење“ (Џулиса).