МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ
Како може да ми помогне Библијата? — прв дел: Истражувај ја Библијата
„Неколкупати сум пробала да ја читам Библијата, ама секој пат кога ќе видев колку е голема се откажував!“ (Бриана, 15).
Дали и тебе ти се случило ова? Оваа статија може да ти помогне.
Зошто да ја читам Библијата?
Можеби помислата да ја читаш Библијата не ти е баш привлечна. Тоа е разбирливо. Можеби за тебе таа е само една книга со повеќе од илјада страници, начичкани со ситни букви без ниту една слика. Сигурно си мислиш дека читањето на Библијата во никој случај не може да се спореди со гледање телевизија.
Но, размисли за следново: Ако случајно најдеш голем древен ковчег со богатство, зарем нема да сакаш да видиш што сѐ има внатре?
Библијата е токму таков ковчег со богатство. Таа е полна со бисери на мудрост кои ќе ти помогнат да
донесуваш добри одлуки
најдеш заеднички јазик со родителите
стекнеш вистински пријатели
се справиш со стресот
Како е можно една толку стара книга да биде практична за нашево време? Таа е напишана под водство на Божјиот свет дух (2. Тимотеј 3:16). Тоа значи дека советите од Библијата доаѓаат од Бог, а тој може да ни ги даде најдобрите совети.
Како да ја читам Библијата?
Еден начин е така што ќе ја читаш од почеток до крај. Така ќе дознаеш која е нејзината порака. Има многу начини на кои можеш да ја читаш Библијата. Еве два предлога:
Би можел да ги читаш сите 66 книги по ред, од 1. Мојсеева до Откровение.
Би можел да ја читаш Библијата хронолошки — според тоа како се одвивале настаните.
Предлог: Во Свето писмо — превод Нов свет во Додатокот 19, како и во брошурката Да ја истражуваме Божјата Реч дел 4 има список во кој се наведени главните настани од животот на Исус на Земјата по хронолошки редослед.
Друг начин како можеш да ја читаш Библијата е така што ќе си избереш некој извештај во кој се зборува за нешто со кое моментално се соочуваш. На пример:
Сакаш ли да најдеш вистински пријатели? Прочитај го извештајот за Јонатан и Давид (1. Самоилова, поглавја 18-20). Потоа, за да извлечеш некои практични поуки, пополни го работниот лист „Како да најдеш верни пријатели“.
Сакаш ли да научиш како подобро да им се спротивставуваш на искушенијата? Прочитај го извештајот за тоа како Јосиф им се спротивставил на искушенијата (1. Мојсеева, поглавје 39). Потоа, за да извлечеш некои практични поуки, пополни ги работните листови „Како да им се спротивставиме на искушенијата — Јосиф (дел 1)“ и „Лажно обвинет! — Јосиф (дел 2)“.
Сакаш ли да дознаеш како може да ти помогне молитвата? Прочитај го искуството на Неемија (Неемија, поглавје 2). Потоа, за да извлечеш некои практични поуки, пополни го работниот лист „Бог одговорил на неговата молитва“.
Предлог: Кога ја читаш Библијата, одбери некое тивко место каде што ќе можеш подобро да се концентрираш.
Уште еден начин како можеш да ја читаш Библијата е да си избереш еден извештај или псалм, да го прочиташ, а потоа да размислиш како можеш да ги примениш поуките. Откако ќе го прочиташ, можеш да си ги поставиш следниве прашања:
Зошто Јехова го вклучил ова во Библијата?
Што ми открива за Јехова и за начинот на кој тој ги прави работите?
Како можам да ги применам овие информации во мојот живот?
Предлог: Постави си цел! Запиши си датум кога сакаш да почнеш со твојот личен распоред за читање на Библијата.