МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ
Како да се справам со чувствата на загриженост?
Која е причината за твојата загриженост?
Дали се пронаоѓаш во некоја од следниве изјави?
„Цело време размислувам што може да се случи. ,Што ако имаме сообраќајна несреќа?‘ ,Што ако ни се сруши авионот?‘ Се грижам за работи за кои повеќето луѓе воопшто не би се секирале“ (Чарлс).
„Нонстоп сум загрижена. Се чувствувам како хрчак кој цело време трча во тркалото а не стигнува никаде. Трошам толку многу енергија, и ништо не постигнувам!“ (Ана).
„Кога некој ќе ми рече дека треба да сум среќен што уште одам на училиште, си мислам: ,Не сте свесни колку е стресно на училиште!‘“ (Даниел).
„Се чувствувам како балон кој може да пукне во секој момент. Постојано се грижам што сѐ може да се случи или што треба да направам следно“ (Лора).
Факт: Живееме во период кој Библијата го нарекува „особено тешки времиња“ (2. Тимотеј 3:1). Од таа причина, младите можат да бидат исто толку загрижени колку и возрасните.
Дали секогаш е лошо да се грижиш?
Не. Всушност, Библијата вели дека е добро луѓето да се грижат за оние што ги сакаат (1. Коринќаните 7:32-34; 2. Коринќаните 11:28).
Освен тоа, загриженоста може многу да нѐ мотивира. На пример, да речеме дека следната недела имаш тест на училиште. Загриженоста може да те натера да учиш оваа недела, и така да извадиш подобра оценка!
Умерената загриженост може да ти помогне да избегнеш некои опасности. „Можеби си загрижен бидејќи знаеш дека правиш нешто лошо и треба да преземеш нешто за да имаш мирна совест“, вели една тинејџерка по име Серена. (Спореди со Јаков 5:14.)
Факт: Загриженоста може да биде корисна — сѐ додека те поттикнува да постапуваш исправно.
Но, што ако си толку загрижен што постојано те мачат негативни мисли и се чувствуваш како да си заглавен во лавиринт?
Пример: „Станувам многу вознемирен кога ќе помислам што сѐ би можело да се случи во некоја ситуација“, вели Ричард, кој има 19 години. „Го вртам тој филм одново и одново, сѐ додека грижите не ме исцрпат потполно.“
Библијата вели дека „мирното срце е живот за телото“ (Изреки 14:30). Од друга страна, загриженоста може да биде причина за бројни непријатни физички симптоми како, на пример, главоболки, вртоглавици, стомачни тегоби и забрзано чукање на срцето.
Што да направиш ако ти се чини дека загриженоста повеќе ти штети отколку што ти користи?
Што можеш да направиш
Размисли дали твојата загриженост е оправдана. „Една работа е да се грижиш за своите одговорности, но сосема друга работа е да си претерано загрижен. Како што велат некои, претераната загриженост е како статичен велосипед. Сеедно колку силно ги вртиш педалите, нема да стигнеш никаде“ (Катерина).
Библијата вели: „Кој од вас може со својата загриженост да го продолжи својот животен век макар малку?“ (Матеј 6:27).
Што значи тоа: Ако загриженоста не те води кон решение, само ќе ти го зголеми проблемот — или таа ќе стане твој проблем.
Не грижи се за она што уште не дошло. „Размисли: дали она за кое се грижиш сега ќе биде толку страшно утре, по еден месец, по една година или по пет години?“ (Ентони).
Библијата вели: „Не бидете загрижени за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе си има свои грижи. На секој ден му е доволно неговото зло“ (Матеј 6:34).
Што значи тоа: Нема логика да се секираш за можните проблеми во иднина — некои од нив никогаш нема ни да се случат.
Научи да живееш со она што не можеш да го смениш. „Најпаметно е да бидеш колку што е можно поподготвен за она што го носи животот, но помири се со фактот дека не можеш сѐ да држиш под контрола“ (Роберт).
Библијата вели: „Трката не ја добиваат брзите... ниту се во милост оние што имаат знаење; зашто, времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого од нив“ (Проповедник 9:11).
Што значи тоа: Можеби не можеш да ги смениш околностите, но можеш да го смениш начинот на кој гледаш на нив.
Гледај пообјективно на твојата ситуација. „Сфатив дека треба да ја гледам целата слика и да не се нервирам за ситници. Треба да знаеш за што вреди да се бориш и за што треба да си ја чуваш силата“ (Алексис).
Библијата вели: „Да можете да процените што е најважно“ (Филипјаните 1:10).
Што значи тоа: Луѓето што гледаат пообјективно на проблемите полесно се справуваат со нив.
Зборувај со некого. „Кога имав 11 години, постојано се враќав од училиште страшно загрижена. Се плашев од секој нареден ден. Мајка ми и татко ми секогаш беа спремни да ме сослушаат. Тоа многу ми значеше. Можев слободно да си кажам како се чувствувам бидејќи можеа да ме разберат. Тоа ми даваше сила да се соочам со следниот ден“ (Мерилин).
Библијата вели: „Од загриженост срцето на човекот му премалува, а добриот збор го радува“ (Изреки 12:25).
Што значи тоа: Твојот родител или некој пријател може да ти даде практичен совет што да направиш за да ти се намали загриженоста.
Моли се. „Секогаш ми помага кога се молам наглас. Така можам да ги изразам грижите наместо хаотично да ми се вртат низ глава. Исто така, тоа ми помага да имам на ум дека Јехова е поголем од моите грижи“ (Лора).
Библијата вели: „Сите свои грижи фрлете ги на [Бог], зашто тој се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7).
Што значи тоа: Молитвата не е психолошка терапија. Таа е вистински разговор со Јехова Бог, кој ветува: „Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог! Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам“ (Исаија 41:10).