Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Романтична врска — Дел 1: Дали сум спремен за врска?

Романтична врска — Дел 1: Дали сум спремен за врска?

Што значи да бидеш во врска?

  Некои луѓе гледаат на започнувањето врска како на нешто што се прави само заради забава. Меѓутоа, во оваа статија, кога зборуваме за врска, мислиме на периодот кога еден дечко и една девојка поминуваат време заедно за да видат дали би си одговарале како брачни партнери. Затоа, романтичната врска си има своја цел. Тоа не е само начин да се добие внимание од некој од спротивниот пол.

 После некое време, врската треба да води до одлука — или да се стапи во брак или да се стави крај на врската. Кога ќе започнеш врска со некого, треба да си спремен и за двете можности.

 Заклучок: Ако мислиш дека си спремен за врска, всушност, треба да си спремен и за брак.

Да започнеш врска без да имаш цел да стапиш во брак е исто како да одиш на интервју за работа без да имаш цел да се вработиш

Дали си спремен за врска?

  Бидејќи врската може да води до брак, добро е да размислиш како особините што ги имаш ќе влијаат врз вашиот брачен живот. На пример, размисли за следново:

  •   Семејни односи. Начинот на кој се однесуваш со твоите родители и со твоите браќа и сестри, особено кога си под притисок, може да биде показател за тоа како ќе се однесуваш со твојот сопружник.

     Библиско начело: „Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор заедно со сета злоба“ (Ефешаните 4:31).

     Прашај се: „Дали моите родители и моите браќа и сестри сметаат дека се однесувам кон нив со почит? Кога имам некое несогласување со нив, дали успевам да разговарам смирено, или пак избувнувам и се расправам?“

    Ако не реагираш на исправен начин кога имаш недоразбирања со родителите, зарем би било поинаку со брачниот другар?

  •   Самопожртвуваност. Кога ќе стапиш во брак, ќе треба да земаш предвид што сака твојот сопружник и честопати ќе треба да попушташ за да биде онака како што сака тој.

     Библиско начело: „Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:24).

     Прашај се: „Дали секогаш сакам да биде по мое? Дали другите сметаат дека сум разумна личност? Во кои прилики сум покажал дека сум спремен да ги ставам потребите на другите пред своите?“

  •   Понизност. Еден добар сопружник ги признава своите грешки и искрено се извинува.

     Библиско начело: „Сите ние честопати грешиме“ (Јаков 3:2).

     Прашај се: „Дали спремно си ги признавам грешките, или пак си барам изговори? Дали се вознемирувам или навредувам кога другите ми даваат совети или предлози за тоа каде да се подобрам?“

  •   Финансии. Оној што знае одговорно да ракува со парите ќе ја избегне една од најчестите причини за расправии во бракот.

     Библиско начело: „Кој од вас, кога сака да гради кула, најнапред не седнува и не го пресметува трошокот за да види дали има со што да ја доврши?“ (Лука 14:28).

     Прашај се: „Дали имам контрола врз тоа колку трошам, или пак честопати сум должен некому? Како досега сум покажал дека знам мудро да управувам со парите?“

  •   Духовни навики. Ако си Јеховин сведок, треба да имаш стекнато навика редовно да ја проучуваш Библијата и да одиш на христијанските состаноци.

     Библиско начело: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3).

     Прашај се: „Дали преземам иницијатива да се држам за моите духовни навики? Дали духовните активности ми се на прво место во животот, или пак дозволувам други работи да ми го одвлекуваат вниманието?“

 Заклучок: Личноста со која ќе стапиш во брак заслужува добар брачен партнер. Ако вложуваш труд да бидеш таква личност, поверојатно е дека ќе му го привлечеш вниманието на некој што го прави истото.