Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Дали да се крстам? — Трет дел: Што ме спречува?

Дали да се крстам? — Трет дел: Што ме спречува?

 Дали помислата да му се заветуваш на Јехова и да се крстиш те плаши? Ако да, оваа статија ќе ти помогне да ги надминеш твоите стравови.

Во оваа статија

 Што ако направам сериозна грешка откако ќе се крстам?

 Зошто тоа те загрижува: Можеби познаваш некој што направил сериозен грев и бил отстранет од собранието (1. Коринќаните 5:11-13). Можеби се плашиш дека ќе се случи истото и со тебе.

 „Кога помислував на крштавање, ме плашеше помислата дека можеби нешто ќе оплескам. Можам само да замислам колку лошо би се чувствувале моите родители“ (Ребека).

 Главен стих: „Злосторникот нека го остави својот пат... и нека се врати кај Јехова, кој ќе му се смилува, кај нашиот Бог, зашто тој ќе му прости великодушно!“ (Исаија 55:7).

 Размисли: Иако непокајничките грешници се отстрануваат од собранието, Јехова покажува милост кон оние што понизно се каат и прифаќаат исправка (Псалм 103:13, 14; 2. Коринќаните 7:11).

 Факт е дека, иако си несовршен, ти можеш да се спротивставиш на искушението со помош на Бог (1. Коринќаните 10:13). Најпосле, кој одлучува како ќе постапиш? Ти? Или некој друг?

 „Се плашев дека ќе направам сериозна грешка откако ќе се крстам, но сфатив дека грешка би било ако не се крстам. Сфатив дека стравот од тоа што би можело да се случи утре не треба да ме спречи да направам нешто денес“ (Керен).

 Заклучок: Ти можеш да му останеш верен на Јехова и да не направиш сериозен грев — изборот е твој. Всушност, поголемиот дел од Јеховините слуги успеваат во тоа (Филипјаните 2:12).

 Ти треба додатна помош? Види ја статијата „Како да не им попуштам на искушенијата?

 Што ако се плашам од одговорноста што ја носи крштавањето?

 Зошто тоа те загрижува: Можеби познаваш некои млади кои заминале далеку од семејството и пријателите за да ја зголемат својата служба за Јехова. Се плашиш дека истото ќе се очекува и од тебе.

 „Крстените христијани имаат можност да прават повеќе во службата за Јехова, но некои едноставно не се спремни да се стават на располагање или околностите не им го дозволуваат тоа“ (Мери).

 Главен стих: „Секој нека го испита своето дело, па ќе има причина за задоволство во самиот себе, а не споредувајќи се со други“ (Галатите 6:4).

 Размисли: Наместо да се споредуваш со другите, имај ги на ум зборовите од Марко 12:30: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце“.

 Забележи дека треба да му служиш на Јехова со сето свое срце — не со срцето на некој друг. Ако навистина го сакаш Јехова, ќе најдеш начин да му го дадеш твоето најдобро.

 „Иако крштавањето е сериозен чекор, тоа не ти го отежнува животот. Ако имаш добри пријатели, тие ќе ти помогнат. Тоа што постепено ќе преземаш одговорности, ќе те направи посреќен. Ако го избегнуваш крштавањето, ќе си направиш само штета“ (Џулија).

 Заклучок: Развивај сѐ поголема благодарност за љубовта што Јехова ти ја покажува. Тоа ќе те поттикне за возврат да му го дадеш твоето најдобро (1. Јованово 4:19).

 Ти треба додатна помош? Види ја статијата „Дали сум одговорна личност?

 Што ако се чувствувам недостоен да му служам на Јехова?

 Зошто тоа те загрижува: Јехова е Владетел на целата вселена; во споредба со него, луѓето се ништо! Можеби се прашуваш дали Јехова воопшто знае дека постоиш.

 „Моите родители се Јеховини сведоци, и затоа си мислев дека моето пријателство со Јехова сум го ’наследила‘ и дека Јехова не ме привлекол мене лично“ (Натали).

 Главен стих: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото, кој ме испрати“ (Јован 6:44).

 Размисли: Самото тоа што размислуваш за крштавање можеби покажува дека Јехова те привлекува и дека сака да биде уште поблизок со тебе. Ќе ја прифатиш ли таа покана?

 Не заборавај дека Јехова — не ти или некој друг — одлучува кого ќе привлече. Во неговата Реч тој нѐ уверува дека ако му се приближиш на Бог, и тој ќе ти се приближи тебе (Јаков 4:8).

 „Фактот дека го познаваш Јехова и дека те привлекол кон себе е доказ дека те сака. Затоа, ако мислиш дека не си достоен да му служиш, сети се дека Јехова не мисли така. А Јехова секогаш е во право“ (Селина).

 Заклучок: Ако ги исполнуваш библиските барања за крштавање, тогаш можеш да му служиш на Јехова. Што е уште поважно, тој заслужува да го обожаваш (Откровение 4:11).

 Ти треба додатна помош? Види ја статијата „Зошто да се молам?