Префрли се на текстот

Што се случува кога некој ќе умре?

Што се случува кога некој ќе умре?

Што вели Библијата:

 Во Библијата пишува: „Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5; Псалм 146:4). Според тоа, кога човек ќе умре, престанува да постои. Мртвите не можат да размислуваат, да работат ниту, пак, да чувствуваат нешто.

„Во прав ќе се вратиш“

 Бог му кажал на првиот човек, Адам, што се случува кога некој ќе умре. Поради тоа што Адам бил непослушен, Бог му рекол: „Зашто си прав, и во прав ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3:19). Пред Бог да го создаде „од земниот прав“, Адам не постоел (1. Мојсеева 2:7). Слично на тоа, кога Адам умрел повторно се вратил во прав и престанал да постои.

 Истото се случува и кога ќе умре некој денес. Во Библијата за луѓето и за животните пишува: „Сите настанале од прав и сите се враќаат во прав“ (Проповедник 3:19, 20).

Смртта не мора да биде крај на сѐ

 Во Библијата смртта честопати е споредена со спиење (Псалм 13:3; Јован 11:11-14; Дела 7:60). Кога некој е во длабок сон не е свесен за она што се случува околу него. Слично, мртвите не се свесни за ништо. Меѓутоа, од Библијата дознаваме дека Бог може да ги разбуди мртвите од смртниот сон и да им го врати животот (Јов 14:13-15). Значи, за оние што Бог ќе ги воскресне, смртта не е крај на сѐ.