Што е грев?
Што вели Библијата:
Грев е секоја постапка, секое чувство или секоја мисла што се коси со Божјите мерила. Во Божји очи е грев секоја погрешна и неправедна постапка со која се прекршуваат неговите закони (1. Јованово 3:4; 5:17). Според Библијата, за грев се смета и да не го правиш она што е исправно (Јаков 4:17).
На изворните јазици на кои е пишувана Библијата, зборовите што се користат за грев значат „да промашиш мета“, односно цел. На пример, за една група војници во древниот Израел се велело: „Секој погодуваше многу точно со камен од праќа и не ја промашуваше целта“ (Судиите 20:16). Кога изразот „не ја промашуваше целта“ би се превел дословно, би гласел „не правеше грев“. Според тоа, да направиш грев значи да ја промашиш целта — Божјите совршени мерила.
Како Творец, Бог има право да им поставува мерила на луѓето (Откровение 4:11). Ние полагаме сметка пред него за нашите постапки (Римјаните 14:12).
Дали е можно никогаш да не направиме грев?
Не. Библијата вели дека „сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23; 1. Царевите 8:46; Проповедник 7:20; 1. Јованово 1:8). Зошто?
Првите луѓе, Адам и Ева, биле безгрешни затоа што биле создадени совршени, според Божјиот лик (1. Мојсеева 1:27). Меѓутоа, го изгубиле совршенството затоа што не му биле послушни на Бог (1. Мојсеева 3:5, 6, 17-19). Кога им се родиле деца, им пренеле во наследство грев и несовршенство (Римјаните 5:12). Цар Давид го потврдил тоа кога рекол: „Во престап сум роден“ (Псалм 51:5).
Има ли разлика од грев до грев?
Да. На пример, во врска со луѓето од древниот град Содом, Библијата вели дека биле лоши и големи грешници и дека нивниот грев бил многу тежок (1. Мојсеева 13:13; 18:20). Да разгледаме три фактори кои одредуваат колку е тежок еден грев.
Колку е сериозен гревот. Библијата нѐ предупредува да се чуваме од сериозни гревови како што се сексуален неморал, идолопоклонство, крадење, пијанство, изнудување, убиство и спиритизам (1. Коринќаните 6:9-11; Откровение 21:8). Библијата прави разлика помеѓу ваквите гревови и непромислените, ненамерни гревови, како што се зборови или постапки што ги повредуваат другите (Изреки 12:18; Ефешаните 4:31, 32). Меѓутоа, Божјата Реч нѐ поттикнува да не минимизираме ниту еден грев зашто тоа би можело да нѐ наведе да направиме посериозен престап против Божјиот закон (Матеј 5:27, 28).
Од кои мотиви е направен. Некои луѓе прават гревови затоа што не се свесни што очекува Бог од нив (Дела 17:30; 1. Тимотеј 1:13). Иако Библијата не ги оправдува ваквите гревови, таа прави разлика помеѓу нив и намерното кршење на Божјите закони (4. Мојсеева 15:30, 31). Зад намерните гревови стои „злобно срце“ (Еремија 16:12).
Колку често се повторува. Библијата прави разлика меѓу тоа да се направи грев еднаш и да се повторува гревот (1. Јованово 3:4-8). Јехова ги осудува и ќе ги казни оние кои, иако знаат што е исправно, продолжуваат намерно грешат (Евреите 10:26, 27).
На оние што направиле сериозен грев може да им биде многу тешко поради тоа. На пример, цар Давид напишал: „Моите престапи ми се прелија преку глава, како тежок товар, претешки се за мене“ (Псалм 38:4). Сепак, Библијата не нѐ остава без надеж. Таа вели: „Злосторникот нека го остави својот пат и злобниот нека ги остави своите мисли, и нека се врати кај Јехова, кој ќе му се смилува, кај нашиот Бог, зашто тој ќе му прости великодушно!“ (Исаија 55:7)