Дали парите се корен на сето зло?
Што вели Библијата
Не. Библијата не вели дека парите се зло ниту, пак, вели дека тие се причина за сите лоши работи. Луѓето знаат да кажат дека парите се корен на сето зло. Но ова, всушност, е нецелосна библиска изјава која наведува на погрешен заклучок. Во Библијата стои дека „љубовта кон парите е корен на секакви зла“ (1. Тимотеј 6:10).
Што вели Библијата за парите?
Библијата вели дека парите можат да ни користат, па дури и да ни служат како заштита (Проповедник 7:12). Се разбира, под услов мудро да ги трошиме. Освен тоа, Библијата зборува пофално за оние што великодушно им подаруваат нешто на другите, во што може да бидат вклучени и пари (Изреки 11:25).
Од друга страна, Библијата нѐ предупредува да внимаваме животот да не ни се врти околу парите. Во неа пишува: „Во вашиот живот нека нема љубов кон парите, туку бидете задоволни со она што го имате“ (Евреите 13:5). Поуката е дека треба да имаме исправен став кон парите и да не трчаме по материјални работи. Наместо тоа, треба да се трудиме да бидеме задоволни со оние работи што вистински ни се потребни, како на пример, храна, облека и покрив над главата (1. Тимотеј 6:8).
Зошто Библијата кажува дека не треба да имаме љубов кон парите?
Оние што се лакоми нема да добијат вечен живот (Ефешаните 5:5). Зошто? Како прво, лакомоста е еден вид идолопоклонство (Колошаните 3:5). Како второ, за да го добијат она што го сакаат, оние што се лакоми честопати ги кршат моралните вредности. Во Изреки 28:20 пишува дека „оној што брза да се збогати, не останува невин“. Таквите луѓе би можеле дури и да извршат кривични дела, како што се уцена, изнудување, измама, киднапирање или убиство.
Дури и ако љубовта кон парите не наведе некого да направи нешто лошо, сепак таа носи други штетни последици. Во Библијата пишува: „Оние што решиле да се збогатат, паѓаат во искушение и во замка и во многу неразумни и штетни желби“ (1. Тимотеј 6:9).
Како ни користат библиските совети за парите?
Ако не ги погазиме моралните и духовните вредности со цел да стекнеме повеќе пари, ќе имаме поголема самопочит, а ќе ја имаме и Божјата наклоност и поддршка. На оние што искрено се трудат да го радуваат, Бог им го дава следново ветување: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“ (Евреите 13:5, 6). Тој исто така нѐ уверува дека верниот човек ќе добие многу благослови (Изреки 28:20).