Префрли се на текстот

Дали Библијата била изменета?

Дали Библијата била изменета?

 Не. Направените споредби на древните ракописи покажуваат дека Библијата во основа останала непроменета иако била препишувана на трошни материјали во текот на стотици години.

Дали тоа значи дека не била направена ниту една грешка во препишувањето?

 Пронајдени се илјадници древни библиски ракописи. Некои од нив содржат мали разлики, што покажува дека во препишувањето биле направени некои грешки. Повеќето од тие разлики се мали и не ја менуваат смислата на текстот. Меѓутоа, откриени се и неколку поголеми разлики, од кои некои биле направени пред многу години, по сѐ изгледа со цел да се измени пораката на Библијата. Да разгледаме два примера:

  1.   Во 1. Јованово 5:7 во некои постари преводи на Библијата, меѓу другото, стојат и следниве зборови: „на небото: Отецот, Словото и Светиот Дух; и Троица се едно“. Меѓутоа, веродостојните ракописи потврдуваат дека овие зборови не биле дел од оригиналниот текст. Тие биле додадени подоцна. a Затоа, тие зборови не се дел од денешните веродостојни преводи на Библијата.

  2.   Божјето лично име се појавува илјадници пати во древните ракописи на Библијата. Сепак, во многу преводи на Библијата тоа било заменето со титули како „Господ“ и „Бог“.

Како да знаеме дека нема и многу други грешки кои сѐ уште не се откриени?

 Досега се пронајдени толку многу ракописи што е полесно од кога и да било порано да се откријат евентуалните грешки. b Што открило споредувањето на тие примероци во врска со точноста на Библијата што ја имаме денес?

  •   Во врска со текстот во Хебрејските списи (познати и како „Стар Завет“), изучувачот Вилијам Грин рекол: „Слободно може да се рече дека ниту едно друго древно дело не е пренесувано низ вековите со толку голема точност“.

  •   Во врска со Христијанските грчки списи, или „Новиот Завет“, библискиот изучувач Фредерик Брус напишал: „Доказите за точноста на записите од Новиот Завет се многу поголеми од доказите за точноста на многу списи на класичните автори, чија автентичност никој не ни помислува да ја оспори“.

  •   Сер Фредерик Кенјон, познат изучувач на библиски ракописи, рекол дека човек „може да ја земе Библијата в рака и без никаков страв или сомнеж да рече дека ја држи вистинската Реч Божја, која низ вековите била пренесувана од колено на колено без никакви значајни измени“.

Од кои други причини може да бидеме сигурни дека Библијата била точно пренесувана?

  •   И еврејските и христијанските препишувачи верно ги препишале извештаите во кои се истакнати сериозните грешки што ги направил Божјиот народ c (4. Мојсеева 20:12; 2. Самоилова 11:2-4; Галатите 2:11-14). Верно ги препишале и стиховите во кои еврејскиот народ е осуден поради својата непослушност, како и стиховите кои ги разоткриваат учењата измислени од луѓе (Осија 4:2; Малахија 2:8, 9; Матеј 23:8, 9; 1. Јованово 5:21). Со тоа што точно ги препишале овие извештаи, препишувачите покажале дека се достојни за доверба и дека многу ја ценеле Божјата света Реч.

  •   Ако Бог се погрижил Библијата да биде напишана, зарем не е логично дека ќе се погрижи таа да биде и зачувана? d (Исаија 40:8; 1. Петрово 1:24, 25). На крајот на краиштата, тој имал намера Библијата да им користи не само на луѓето во минатото туку и нам денес (1. Коринќаните 10:11). Всушност, сѐ што било напишано во неа, „напишано е за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјаните 15:4).

  •   Исус и неговите следбеници цитирале од некои преписи на Хебрејските списи без да изразат никаков сомнеж во нивната точност (Лука 4:16-21; Дела 17:1-3).

a Тие зборови не се наоѓаат во Синајскиот кодекс, Александрискиот кодекс, Ватиканскиот ракопис бр. 1209, изворната латинска Вулгата, сириската верзија Филоксенијана-Харкленсија и сириската Пешита.

b На пример, пронајдени се преку 5.000 грчки ракописи од т.н. Нов Завет, односно Христијанските грчки списи.

c Библијата не ги прикажува како непогрешливи луѓето што го претставувале Бог. Во неа отворено пишува: „Нема човек што не греши“ (1. Царевите 8:46).

d Библијата кажува дека, иако Бог не им ја диктирал сета содржина на писателите, сепак ги водел нивните мисли додека пишувале (2. Тимотеј 3:16, 17; 2. Петрово 1:21).