СЛУЧАЈНО ИЛИ СОЗДАДЕНО?
Сонарот на делфинот
Делфините испуштаат најразлични звуци како, на пример, кликови и свирења, а потоа го слушаат ехото кое го создаваат овие звуци. На тој начин, тие можат да се ориентираат во просторот и да ја истражуваат средината. Инспирирани од сонарот на клунестиот делфин (Tursiops truncatus), научниците се обидуваат да развијат подводни акустични системи со кои ќе можат да се решат проблеми кои денешната технологија не може да ги реши.
Размисли: Со помош на сонарот, делфинот може да пронајде риба која се крие во песокот на морското дно или да направи разлика помеѓу карпа и риба. Според Кејт Браун, вонреден професор на универзитетот Хериот-Ват во Единбур (Шкотска), делфинот „може да препознае дали во едно буре има питка вода, солена вода, сируп или масло на оддалеченост од 10 метри“. Научниците сакаат да направат уреди кои ќе имаат некои од овие карактеристики.
Некои истражувачите ги анализирале уникатните способности на делфинот, имено да создава специфични звуци и добро да слуша, и се обиделе да ги копираат. Што постигнале? Успеале да направат софистициран електронски сонар кој го сместиле во цилиндар долг околу еден метар и го прицврстиле на подводно роботско возило слично на торпедо. Овој уред би требало да го испитува морското дно, да пронаоѓа закопани предмети, како што се кабли и цевки, а потоа да ги анализира од одредена далечина без да има контакт со нив. Производителите на овој уред сметаат дека тој ќе има голема примена во индустријата со нафта и гас. Сонарите направени по пример на оние на делфинот би требало да собираат многу повеќе информации од веќе постоечките уреди за таа цел. Со помош на овие сонари, стручњаците ќе можат подводната опрема да ја стават на најдобра локација и да откриваат било какви оштетувања — на пример, микропукнатини на потпорните столбови на нафтените платформи, па дури и да лоцираат затнување во цевките.
Што мислиш? Дали сонарот на делфинот е производ на случајноста или, пак, е дело на мудар Творец?