ОБЈАСНЕТИ БИБЛИСКИ СТИХОВИ
Изреки 16:3: „Препушти му ги на Господа своите дела“
„Довери му ги своите дела на Јехова, и твоите намери ќе успеат“ (Изреки 16:3, Превод Нов свет).
„Препушти му ги на Господа своите дела, и твоите намери ќе се сигурни“ (Изреки 16:3, Превод на д-р Д. Х. Константинов).
Значењето на Изреки 16:3
Оваа изрека ги уверува оние кои му служат на вистинскиот Бог дека нивните намери, односно планови, ќе успеат ако имаат доверба во него така што ќе го бараат и ќе го следат неговото водство.
„Довери му ги своите дела на Јехова.“ Пред да донесат некоја одлука, оние што го обожаваат Јехова a понизно бараат водство од него (Јаков 1:5). Зошто? Една причина е тоа што луѓето честопати имаат мала или немаат никаква контрола над настаните кои влијаат врз нивниот живот (Проповедник 9:11; Јаков 4:13-15). Освен тоа, можеби им недостасува мудрост за да ги спроведат своите планови. Поради овие причини, многумина постапуваат мудро со тоа што му ги доверуваат своите планови на Бог. Тие го прават тоа така што го молат за водство и постапуваат во склад со неговата волја која е запишана во неговата Реч, Библијата (Изреки 3:5, 6; 2. Тимотеј 3:16, 17).
Изјавата „препушти му ги на Господа b своите дела“ дословно значи „отркалај му ги своите дела на Господа“. Според едно стручно дело, оваа изјава создава слика на „еден човек кој го префрла товарот од својот грб на некој што е посилен од него и кој може полесно да го носи“. Оние кои понизно се потпираат на Бог, можат да бидат сигурни дека тој ќе им помага и ќе ги поддржува (Псалм 37:5; 55:22).
Изразот „своите дела“ не значи дека Бог ќе го одобри или ќе го благослови секој план што луѓето можеби го имаат. За да го добијат Јеховиниот благослов, нивните планови мора да бидат во склад со неговите мерила и со неговата волја (Псалм 127:1; 1. Јованово 5:14). Бог нема да ја благослови непослушноста. Всушност, во Библијата за Бог пишува: „Патот на злите го искривува“ (Псалм 146:9). Од друга страна, тој ги поддржува оние кои му се послушни така што живеат според мерилата кои тој ги дал во Библијата (Псалм 37:23).
„И твоите намери ќе успеат.“ Во некои преводи, овој израз гласи „твоите планови ќе се сигурни“. Во Хебрејските списи, кои се нарекуваат и Стар завет, хебрејскиот збор преведен со „сигурни“ ја пренесува мислата за поставување темел и честопати укажува на стабилноста на она што Бог го создал (Изреки 3:19; Еремија 10:12). На сличен начин, Бог ќе се погрижи да бидат сигурни плановите на оние што го прават она што е исправно во негови очи помагајќи им да имаат посигурен, постабилен и посреќен живот (Псалм 20:4; Изреки 12:3).
Контекстот на Изреки 16:3
Оваа изрека е од цар Соломон, кој го напишал поголемиот дел од книгата Изреки. Тој можел да состави илјадници изреки благодарение на мудроста што му ја дал Бог (1. Царевите 4:29, 32; 10:23, 24).
Во поглавје 16, Соломон најпрво ја слави Божјата мудрост и покажува дека Бог ја презира горделивоста (Изреки 16:1-5). Потоа, поглавјето го води читателот до еден важен заклучок кој често се повторува во книгата Изреки: луѓето можат да бидат вистински мудри и успешни само ако се понизни — ако му дозволуваат на Бог да ги води нивните чекори (Изреки 16:3, 6-8, 18-23). Оваа основна вистина се повторува на многу места во Библијата (Псалм 1:1-3; Исаија 26:3; Еремија 17:7, 8; 1. Јованово 3:22).
Гледај го овој краток видеоклип за да се запознаеш со книгата Изреки.
a Јехова е името на Бог (Псалм 83:18). Види ја статијата: „Кој е Јехова?“
b Во многу преводи на Библијата, наместо Божјето име се користи „Господ“. За да дознаеш зошто ова може да збуни мнозина што ја читаат Библијата, види ја статијата од оваа рубрика „Исаија 42:8: ’Јас сум Господ‘“.