Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | МОЖЕШ ДА ЈА РАЗБЕРЕШ БИБЛИЈАТА

Помош да ја разбереш Библијата

Помош да ја разбереш Библијата

Замисли си дека за прв пат посетуваш некоја странска земја. Таму среќаваш луѓе, обичаи, храна и пари кои не ти се познати. Нормално е да се чувствуваш збунето.

Можеби ќе имаш слични чувства и кога ќе почнеш да ја читаш Библијата. Преку нејзините страници, ќе посетиш еден древен свет кој ти е сосема непознат. Таму ќе се сретнеш со луѓе кои се наречени Филистејци, со несекојдневни обичаи, како што е раскинување на облеката, со храна наречена мана и со пари наречени драхми (2. Мојсеева 16:31; Исус Навин 13:2; 2. Самоилова 3:31; Лука 15:9). Сето ова можеби многу ќе те збуни. Слично како при посета на странска земја, зар нема да ти биде мило ако некој се понуди да ти ги објасни работите што не ти се познати?

ПОМОШ ДА СЕ РАЗБЕРАТ БОЖЈИТЕ ЗБОРОВИ ВО МИНАТОТО

Уште од 16. век пр. н.е., кога почнале да се пишуваат светите списи, на луѓето им била пружена помош за да ги разберат Божјите зборови. На пример, Мојсеј, првиот водач на израелскиот народ, ‚го објаснувал‘ она што било напишано (5. Мојсеева 1:5).

И околу десет векови потоа имало вешти учители кои го поучувале народот за Светите списи. Во 455 год. пр. н.е., една голема група Евреи, меѓу кои имало и многу деца, се собрале на плоштадот во Ерусалим. Таму учителите ‚читале на глас од светата книга‘. Освен тоа, ‚тие им помагале на луѓето да ја сфатат нејзината смисла‘ (Неемија 8:1-8).

Пет векови подоцна, и Исус Христос ги поучувал луѓето на сличен начин. Затоа, меѓу народот бил познат како учител (Јован 13:13). Тој поучувал и големи мноштва и поединци. Во една прилика, Исус ја одржал својата прочуена Проповед на гората пред голем број луѓе. Откако завршил, мноштвата биле „восхитени од неговото поучување“ (Матеј 5:1, 2; 7:28). Пролетта 33 год. од н.е., Исус им ги толкувал Писмата на двајца свои апостоли додека пешачеле кон едно село во близина на Ерусалим (Лука 24:13-15, 27, 32).

И учениците на Исус ги поучувале другите за Божјата Реч. Во една прилика, додека еден службеник од Етиопија читал од Писмата, еден ученик по име Филип му пристапил и го прашал: „Го разбираш ли тоа што го читаш?“ Етиопјанецот му одговорил: „Како ќе го разберам ако никој не ме упати?“ Тогаш, Филип му го објаснил значењето на она што го читал (Дела 8:27-35).

ПОМОШ ДА СЕ РАЗБЕРЕ БИБЛИЈАТА ДЕНЕС

Исто како вештите учители кои поучувале за Светите списи во минатото, Јеховините сведоци денес учествуваат во едно библиско образовно дело што се извршува во 239 земји (Матеј 28:19, 20). Во моментов, тие водат библиски курсеви со повеќе од девет милиони лица. Многу од луѓето што ја проучуваат Библијата со Сведоците немаат христијанско потекло. Библискиот курс е бесплатен и може да се одржува во нечиј дом или на некое друго соодветно место. Некои ја проучуваат Библијата преку телефон, компјутер или некој друг електронски уред.

Те молиме стапи во контакт со Јеховините сведоци за да дознаеш повеќе детали за библискиот курс. Ќе откриеш дека воопшто не е тешко да се разбере Библијата. Освен тоа, ќе се увериш дека таа е ‚корисна за поучување, за укорување, за поправање и за воспитување во праведноста‘. Библијата може да ти помогне да бидеш „вистински способен и потполно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17).