Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Наследство пренесено на седум генерации

Наследство пренесено на седум генерации

Луѓето велат дека многу личам на татко ми. Од него ги имам наследено очите, држењето и смислата за хумор. Но, тој ми пренесе и нешто друго — семејно наследство што веќе седум генерации се пренесува во мојата фамилија. Да ви раскажам нешто повеќе за тоа.

Јас и татко ми се потсетуваме на нашата семејна историја

На 20 јануари 1815 год., во Хорнкасл (Англија) се родил Томас 1) a Вилијамс, дедото на мојот прапрадедо. Неговата мајка умрела две години подоцна, па за него и за останатите три деца се грижел татко им, Џон Вилијамс. Џон го учел Томас да биде дрводелец, но Томас го влечело нешто друго.

Во тоа време Англија доживувала религиозно будење. Проповедникот Џон Весли се одвоил од Англиканската црква и ја основал Методистичката црква, која ставала акцент на личното проучување на Библијата и на проповедањето. Учењата на Весли многу брзо се ширеле и семејството Вилијамс ги прифатило со цело срце. Томас станал методистички проповедник и набрзо се пријавил да служи како мисионер на Јужниот Пацифик. Во јули 1840 год., тој и неговата сопруга, Мери, 2) пристигнале на островот Лакеба b (Фиџи), вулкански остров на кој тогаш живееле човекојадци.

ЖИВОТ МЕЃУ ЧОВЕКОЈАДЦИ

Првите неколку години на Фиџи им биле многу тешки на Томас и Мери. Морале долго и напорно да работат на тропската горештина и во примитивни услови. Биле сведоци и на грозоморни работи — племенска војна, давење на вдовици, убивање новороденчиња и човекојадство. Освен тоа, локалното население најчесто не ја прифаќало нивната порака. Мери и нејзиното прво дете, Џон, се разболеле и за малку ќе умреле. Во 1843 год., Томас напишал: „Срцето ми беше скршено... Бев на работ на очајот“. Сепак, тој и Мери издржале, а сила црпеле од верата во Јехова Бог.

Во меѓувреме, Томас го искористил својот дрводелски занает и си направил куќа. Тоа било првата куќа во европски стил на Фиџи. Била малку подигната од земјата, што овозможувало да има струење на воздух, а Томас вовел и други новитети, со што куќата го привлекувала вниманието на локалното население. Кога куќата била речиси готова, Мери го родила своето второ дете, Томас Витон 3) Вилијамс, таткото на мојот прапрадедо.

Во 1843 год., Томас постариот помогнал Евангелието според Јован да се преведе на фиџиски јазик, задача што воопшто не му била лесна. c Меѓу другото, тој бил и одличен антрополог со добра моќ на забележување. Во својата книга Fiji and the Fijians (1858), дал детален и веродостоен опис на животот на Фиџи во 19 век.

По 13 години макотрпен живот на Фиџи, здравјето на Томас толку се влошило што морал да се пресели со семејството во Австралија. Долги години бил свештеник на добар глас меѓу луѓето. Починал во 1891 год. во Баларт (Викторија).

„ЗЛАТО“ НА ЗАПАД

Во 1883 год., Томас Витон Вилијамс и неговата сопруга, Фиби, 4) се преселиле со своите деца во Перт (Западна Австралија). Во тоа време, нивниот втор син, Артур Бејквел 5) Вилијамс, мојот прапрадедо, имал девет години.

Со желба да се збогати, на 22-годишна возраст, Артур отишол во Калгурли. Тој град, на околу 600 километри источно од Перт, доживувал невиден процвет поради наоѓалиштата на злато. Таму Артур дошол во контакт со литература што ја издавале Меѓународните истражувачи на Библијата, како што тогаш се нарекувале Јеховините сведоци. Исто така, се претплатил на списанието Сионска Стражарска кула. Одушевен од она што го читал, почнал и на другите да им кажува за тоа и да одржува состаноци за проучување на Библијата. Денешната активност на Јеховините сведоци во Западна Австралија се должи на тие скромни почетоци.

Артур му го пренел и на своето семејство она што го научил. На татко му, Томас Витон, му било мило тоа што Артур се поврзал со Истражувачите на Библијата, но по кратко време починал. Мајка му, Фиби, и неговите сестри, Вајолет и Мери, исто така станале Истражувачи на Библијата. Вајолет станала пионер, односно поголемиот дел од своето време го посветила на проповедање. Артур рекол дека таа била „најдобриот и најревносен пионер во Западна Австралија“. Најверојатно бил малку пристрасен, но ревноста на Вајолет одиграла големо влијание врз следните поколенија на семејството Вилијамс.

По некое време, Артур се оженил и се преселил во Донибрук, град со многу овоштарници во југозападниот дел на Западна Австралија. Таму го добил прекарот „Стариот Луд 1914“ затоа што ревносно зборувал за библиските пророштва што укажувале на таа година. d Но, исмејувањата престанале кога избувнала Првата светска војна. Артур редовно им сведочел на муштериите во неговата продавница и на излогот ставал библиска литература. На излогот ставил и еден натпис на кој напишал дека му нуди награда од 100 фунти на секој што ќе успее да го докаже тројството — небиблиско учење кое тој одлучно го отфрлил. Никој не ја освоил наградата.

Во домот на семејството Вилијамс во Донибрук редовно се собирале луѓе да ја проучуваат Библијата и да одржуваат состаноци. Подоцна, Артур изградил сала за состаноци во градот, една од првите во Западна Австралија. Дури и во своите 70-ти години, ќе се дотерал во костум, ќе ставел вратоврска, ќе се качел на својот стар коњ, Дол, и ќе проповедал низ целиот регион на Донибрук.

Артур, кој бил тивок и достоинствен човек, а сепак полн со жар, извршил големо влијание во животот на своите деца. Неговата ќерка, Флоренс, 6) служела како мисионер во Индија. Неговите синови, Артур Линдзи 7) и Томас, следејќи ги стапките на својот татко, долго време служеле како собраниски старешини.

СЛАТКАТА „ЛЕЈДИ ВИЛИЈАМС“

Артур Линдзи Вилијамс, мојот прадедо, бил многу мил и сакан човек. Секогаш имал време за луѓето и се однесувал со почит кон нив. Тој бил и шампион во сечење дрва со секира и за 12 години победил на 18 регионални натпревари.

Меѓутоа, Артур не се израдувал многу кога неговиот 2-годишен син, Роналд, 8) (мојот дедо) замавнал со секира по една мала јаболкница до куќата. Мајка му на Роналд внимателно го преврзала дрвцето, кое по некое време родило неверојатно благи јаболка. Оваа нова сорта го добила името лејди вилијамс, а подоцна од неа била добиена сортата крипс пинк, една од најпопуларните сорти јаболка во светот.

Роналд, или дедо, како што си го викам јас, подоцна се зафатил со малку поконструктивни работи. Тој и баба ми со години служеа како доброволци на градежните проекти на Јеховините сведоци низ Австралија и на Соломоновите Острови. Дедо сега има речиси 80 години и сѐ уште служи како собраниски старешина и помага при изградба и реновирање на Сали на Јеховините сведоци во Западна Австралија.

ГО ЦЕНАМ МОЕТО НАСЛЕДСТВО

Почитувајќи го семејното наследство, моите родители, Џефри 9) и Џенис 10) Вилијамс, многу се трудеа да нѐ воспитаат мене 12) и сестра ми, Кетрин, 11) да ги цениме христијанските начела. Кога имав 13 години, и јас почнав да живеам според тие мерила. На еден христијански собир, Џон Бар, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, ги поттикна младите: „Немојте да го испуштите од раце највредното нешто што го имате — можноста да го познавате и да го сакате Јехова“. Таа вечер, во молитва му ветив на Јехова дека ќе му служам со сета душа. Две години подоцна, станав пионер.

Денес, јас и жена ми, Клои, со радост служиме како пионери во Том Прајс, еден далечен рударски град во северозападниот дел на Западна Австралија. Се издржуваме така што работиме со скратено работно време. Моите родители, сестра ми, Кетрин, и маж ѝ, Ендру, служат како пионери во Порт Хедланд, околу 420 километри на север. Јас и татко ми служиме и како собраниски старешини.

Мојот предок Томас Вилијамс решил да му служи на Јехова Бог. Веќе низ седум генерации, верата и службата за Јехова се пренесуваат во нашето семејство како скапоцено наследство. Таквото духовно наследство прави да се чувствувам вистински богат.

a Броевите ги означуваат лицата прикажани на сликите што следат.

b Овој остров, чие поранешно име е Лакемба, е дел од Лау Групата, острови источно од Фиџи.

c Мисионерот Џон Хант го превел поголемиот дел од Новиот Завет на фиџиски јазик, издаден во 1847 год. Овој превод е значаен затоа што во него се користи Божјето име, Јехова.

d Види ја темата „1914 — значајна година во библиските пророштва“, која се наоѓа во додатокот од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци. Достапна е и на www.jw.org/mk.