ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА
Дали крајот е близу?
Дали Бог ќе им дозволи на луѓето да продолжат да владеат едни над други и да го доведат човештвото на работ на истребување? Не. Како што видовме, тој ќе им стави крај на страдањата и на угнетувањето кои траат со векови. Творецот на Земјата и на луѓето сака да знаеме дека времето што го одредил да ги земе работите во свои раце е многу близу. Како ни го открива тоа?
Размисли за следниов пример. Пред да тргнеш на пат со кола, можеби бараш некои информации на Интернет или разгледуваш карта. Потоа, додека патуваш, забележуваш знаци и знаменитости кои се совпаѓаат со упатствата, и затоа стануваш посигурен дека се приближуваш до целта. Слично на тоа, Бог ни ја дал својата Реч во која открил кои настани ќе се случуваат и какви ќе бидат луѓето во времето на крајот. Кога гледаме како тие зборови се исполнуваат, стануваме поуверени дека крајот е близу.
Во Библијата било проречено дека ќе настапи еден значаен и неповторлив период во човечката историја кој ќе води до крајот. Во тој период истовремено ќе се случуваат настани и ќе владеат услови кои ќе се разликуваат од сѐ што било во минатото. Да разгледаме некои од тие обележја што се спомнати во Божјата Реч.
1. НАСТАНИ ОД СВЕТСКИ РАЗМЕРИ. Во едно пророштво запишано во 24. поглавје од Матеј се наведени настани кои ќе се случуваат на Земјата и кои ќе бидат дел од еден знак. Тој знак ќе го означи „свршетокот на овој поредок“ и ќе води до времето кога „ќе дојде крајот“ (стихови 3, 14). Во знакот спаѓаат војни, глад, земјотреси, беззаконие, омраза и лукави обиди на верските водачи да ги измамат луѓето (стихови 6-26). Се разбира, вакви настани се случувале и во минатото, но во многу помали размери. Сепак, ова пророштво покажува дека, како што наближува крајот, сите овие настани ќе се случуваат во ист период.
2. ЛОШИ ОСОБИНИ КАЈ ЛУЃЕТО. Библијата вели дека во „последните денови“ — по кои ќе следи крајот — луѓето ќе покажуваат сѐ полоши особини. Во 2. Тимотеј 3:1-4 пишува: „Луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени, хулители, непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, бесчувствителни кон другите, неспремни за каков и да било договор, клеветници, без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата, предавници, своеглави, горди, повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“. Точно е дека луѓето уште од многу одамна имаат лоши особини, но во „последните денови“ тие ќе бидат толку злобни што тој период со право е наречен „особено тешки времиња“. Дали забележуваш дека луѓето од ден на ден стануваат сѐ полоши?
3. ЛУЃЕТО ЈА УНИШТУВААТ ЗЕМЈАТА. Библијата вели дека Бог ќе ги уништи оние што „ја уништуваат земјата“ (Откровение 11:18). Како луѓето ја уништуваат Земјата? Она што се случувало во времето на Ное ни открива еден начин на кој луѓето го прават тоа. Во Библијата пишува: „Земјата се расипа пред вистинскиот Бог и се наполни со насилство. И Бог погледна на земјата, и гледај, беше расипана“. Поради тоа, Бог рекол дека ‚ќе ги уништи‘ злобните луѓе (1. Мојсеева 6:11-13). Дали ги забележуваш бројните докази кои потврдуваат дека во светот има сѐ повеќе насилство? Човештвото стигна до еден пресуден момент од историјата: луѓето поседуваат оружје со кое би можеле да го збришат човечкиот род од Земјата. Таа се уништува и на друг начин. Екосистемите кои го поддржуваат животот на Земјата — воздухот што го вдишуваме, животинскиот свет, растителниот свет и океаните — постепено се уништуваат поради тоа што луѓето се несовесни.
Запрашај се: ‚Дали пред еден век луѓето имаа моќ да се самоуништат?‘ Сега е очигледно дека имаат таква моќ затоа што поседуваат современо оружје и затоа што ја уништуваат околината. Изгледа дека брзиот развој на технологијата ги заслепува луѓето и не им дозволува да ги увидат или да ги спречат последиците. Но, иднината на Земјата не е оставена во рацете на луѓето. Бог ни ветува дека нема да дозволи луѓето да го истребат животот од нашата планета и дека ќе ги уништи оние што ја уништуваат Земјата.
4. ПРОПОВЕДНИЧКО ДЕЛО ШТО СЕ ИЗВРШУВА ПО ЦЕЛИОТ СВЕТ. Во Библијата е проречено дека во времето на крајот ќе се извршува едно досега невидено дело. Во Матеј 24:14 пишува: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“. Ова проповедничко дело се разликува од проповедањето што го вршеле повеќето религии низ вековите. Во последните денови се пренесува една конкретна порака — добрата вест за Царството. Дали знаеш некоја религиозна група која ја шири оваа порака? Ако да, дали таа група ја шири добрата вест „по целиот свет, за сведоштво на сите народи“?
Интернет-страницата www.jw.org ја пренесува добрата вест за Царството. На оваа страница има публикации кои ја објаснуваат таа порака на повеќе од 700 јазици. Дали си слушнал за друг сличен потфат со кој се шири добрата вест за Царството по целиот свет? Долго пред да постои Интернет, Јеховините сведоци биле познати по тоа што вложувале напори да ја шират добрата вест за Божјето Царство. Уште од 1939 год., на насловната страница од секое издание на списанието Стражарска кула стои: „Го објавува Јеховиното Царство“. Во една книга за религиите пишува дека проповедничкото дело на Јеховините сведоци е „речиси неспоредливо во поглед на големината и обемот“. Со ова дело се шири добрата вест дека наскоро преку Божјето Царство „ќе дојде крајот“.
ЗНАЧАЕН МОМЕНТ ВО ЧОВЕЧКАТА ИСТОРИЈА
Дали си забележал дека овие четири библиски обележја кои го навестуваат крајот се исполнуваат пред твои очи? Ова списание веќе над сто години ни дава информации за она
што се случува во светот за да можеме лично да се увериме дека крајот е блиску. Сепак, некои луѓе велат дека фактите и статистиките се субјективни и дека секој може да манипулира со нив. Тие тврдат и дека состојбата во светот ни изгледа полоша поради тоа што сега имаме пристап до повеќе информации. Меѓутоа, има сѐ поголем број докази дека живееме во времето на крајот.Некои експерти тврдат дека на Земјата ќе се случат огромни промени. На пример, во 2014 год., во едно научно списание беше изнесено предупредување до Советот за безбедност при Обединетите нации дека на човештвото му се заканува истребување (Bulletin of the Atomic Scientists). Научниците изјавија: „Откако внимателно ги разгледавме заканите, дојдовме до заклучок дека постои голем ризик да се случи технолошка катастрофа која може да има сериозни последици врз човештвото“. Многу луѓе стануваат уште поуверени дека живееме во најзначајниот период од човечката историја. Издавачите на списанието Стражарска кула и многу од неговите читатели немаат ни ронка сомнеж дека навистина живееме во последните денови и дека крајот е близу. Но, наместо да се плашиш од иднината, биди радосен затоа што и ти можеш да го преживееш крајот!