Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

Библиската вистина ми ја згаси жедта за одговори

Библиската вистина ми ја згаси жедта за одговори
  • РОДЕНА: 1987

  • ЗЕМЈА: АЗЕРБЕЈЏАН

  • ПОТЕКЛО: ТАТКО МУСЛИМАН И МАЈКА ЕВРЕЈКА

МОЕТО МИНАТО:

Родена сум во Баку (Азербејџан), како помалото од две деца. Татко ми беше муслиман, а мајка ми Еврејка. Моите родители многу се сакаа и покажуваа толеранција за нивните различни верски убедувања. Татко ми постеше за време на празникот Рамазан, а мајка ми ја прославуваше Пасхата. Дома имавме и Коран и Тора и Библија.

Јас одлучив да бидам муслиманка. Иако никогаш не се сомневав дека Бог постои, некои работи ме збунуваа. Се прашував: ‚Зошто Бог ги создал луѓето, и каква смисла би имало некој да страда цел живот, а на крајот вечно да биде мачен во пекол?‘ Со оглед на тоа што луѓето велат дека сѐ што се случува е по Божја волја, се прашував: ‚Дали Бог е само како еден куклар кој со уживање гледа како луѓето страдаат?‘

Кога имав 12 години, почнав да правам намаз — муслиманска церемонија при која некој се моли петпати на ден. Некаде во тоа време, татко ми нѐ испрати мене и сестра ми во едно еврејско училиште. Меѓу другите предмети, требаше да учиме традиции од Тората и хебрејски јазик. Пред да започнат часовите, секој ден моравме да се молиме според еврејската традиција. Така, наутро дома правев намаз, а подоцна на училиште кажував еврејски молитви.

Очајно барав логични одговори на моите прашања. Постојано ги прашував рабините на училиште: „Зошто Бог ги создал луѓето? Како гледа на мојот татко, кој е муслиман? Тој е добар човек, зошто да биде сметан за нечист? Зошто Бог воопшто го создал?“ Неколкуте одговори што ги добив ми беа нелогични и крајно неубедливи.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ:

Мојата вера во Бог се разниша во 2002 год. Само една седмица откако се преселивме во Германија, татко ми доби мозочен удар и падна во кома. Претходно со години се молев  за здравјето и доброто на моето семејство. Убедена дека само Семоќниот Бог има власт над животот и смртта, секој ден го молев за животот на татко ми. Си мислев: ‚За Бог е ситница да ја исполни силната желба на едно девојче‘. Бев уверена дека тој ќе одговори на моите молитви. Но, татко ми почина.

Запрепастена од тоа што изгледаше дека Бог е потполно незаинтересиран, бев скршена. ‚Или се молам на погрешен начин, или Бог не постои‘, си мислев. По тој шок, повеќе не можев да правам намаз. Бидејќи другите религии не ми беа логични, дојдов до заклучок дека Бог не постои.

По шест месеци, на нашата врата дојдоа Јеховини сведоци. Бидејќи немавме убаво мислење за христијанството, јас и сестра ми сакавме учтиво да им покажеме дека не се во право. Ги прашавме: „Како можат христијаните да ги обожаваат Исус, крстот, Марија и други идоли кога сето тоа е спротивно на Десетте заповеди?“ Со помош на Библијата, Сведоците ни изнесоа убедливи докази дека на вистинските христијани им е забрането да обожаваат идоли и дека треба да му се молиме само на Бог. Нивниот одговор ме изненади.

Тогаш ги прашавме: „А што е со тројството? Ако Исус е Бог, како можел да живее на Земјата и да биде убиен од луѓето?“ Тие повторно ни дадоа одговор од Библијата и ни објаснија дека Исус не е ниту Бог ниту, пак, е еднаков со Бог. Сведоците ни објаснија дека од таа причина не веруваат во тројство. Кога го чув тоа, многу се зачудив и си помислив: ‚Овие христијани се навистина чудни‘.

Сепак, сакав да знам зошто луѓето умираат и зошто Бог ги допушта страдањата. Сведоците ми ја покажаа книгата Спознание кое води до вечен живот, * во која имаше неколку поглавја што даваа одговор на моите прашања. Веднаш почнав да ја проучувам Библијата со нив.

Секојпат кога проучувавме, наоѓав логични библиски одговори на моите прашања. Дознав дека Бог се вика Јехова (Псалм 83:18). Неговата главна особина е несебичната љубов (1. Јованово 4:8). Ги создал луѓето затоа што сакал да им даде живот и на други суштества. Сфатив дека, иако Бог ги допушта неправдите, тој ги мрази и наскоро сосема ќе ги отстрани. Дознав и какви жални последици за човештвото имала побуната на Адам и Ева (Римјаните 5:12). Една од тие последици е и смртта на нашите најмили, како што беше смртта на татко ми. Меѓутоа, Бог ќе ја отстрани сета штета што ја предизвикале таквите трагедии. Во новиот свет што наскоро ќе дојде, оние што умреле ќе воскреснат и повторно ќе живеат (Дела 24:15).

Библиската вистина ми ја згаси жедта за одговори. Повторно почнав да верувам во Бог. Кога подобро ги запознав Јеховините сведоци, сфатив дека претставуваат едно меѓународно братство. Единството и љубовта што владееја меѓу нив ми оставија силен впечаток (Јован 13:34, 35). Она што го дознав за Јехова ми создаде желба да му служам, па затоа одлучив да станам Јеховин сведок. Се крстив на 8 јануари 2005 год.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА:

Уверливите одговори што ги добив од Библијата сосема ми го променија ставот кон животот. Почнав да гледам позитивно на работите. Логичните објаснувања од Божјата Реч ми донесоа внатрешен мир. А надежта дека повторно ќе го видам татко ми кога ќе воскресне, како што е ветено во Божјата Реч, ми носи голема радост и утеха (Јован 5:28, 29).

Веќе шест години сум во среќен брак со Џонатан, кој исто така верува во Бог. Двајцата знаеме дека вистината за Бог е логична и едноставна, а во исто време е како бесценето богатство. Затоа, со радост им зборуваме и на другите за нашата вера и надеж. Сега знам дека Јеховините сведоци не се „чудни“, туку дека се вистински христијани.

^ пас. 15 Издадена од Јеховините сведоци, но веќе не се печати.