Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали да позајмам пари?

Дали да позајмам пари?

„Кога позајмуваш пари е како да одиш на свадба, кога враќаш пари е како да одиш на погреб“ (поговорка од народот Свахили)

ОВАА поговорка им е добро позната на луѓето што живеат во Источна Африка, и без сомнение добро го одразува гледиштето на многу луѓе од целиот свет. Дали и ти се чувствуваш така во врска со позајмувањето пари од некој пријател или од друго место? Иако понекогаш изгледа дека има потреба да се задолжиш, дали тоа е добра идеја? На какви опасности и замки може да наиде оној што зема пари на заем?

Една друга поговорка од народот Свахили објаснува кој би можел да биде главниот проблем кај позајмувањето. Таа гласи: „Заемот го уништува пријателството“. И навистина, долговите можат да ги расипат пријателствата и меѓусебните односи. Дури и со најдобар план и најдобри намери, работите не испаѓаат секогаш онака како што сме очекувале. На пример, ако времето минува а должникот не ги отплаќа ратите, позајмувачот може да почне да се нервира. Може да се јави огорченост и да дојде до затегнати односи меѓу заемодавачот и позајмувачот, па дури и меѓу нивните семејства. Бидејќи заемот може да биде извор на несогласувања, тој треба да ни биде последен избор, а не лесно решение за финансиските проблеми.

Земањето пари на заем може да наруши и нечиј личен однос со Бог. На кој начин? Како прво, Библијата вели дека оној што свесно и намерно не си ги отплаќа долговите е злобен (Псалм 37:21). Освен тоа, во неа пишува дека оној „кој зема на заем, слуга му е на оној што му го дава заемот“ (Изреки 22:7). Оној што зел заем мора да сфати дека сѐ додека не ги врати парите, има обврски кон заемодавачот. Вистинита е уште една африканска поговорка: „Ако земеш на заем нечии нозе, ќе одиш каде што ќе ти каже тој“. Смислата на оваа поговорка е дека оној што е заглавен во долгови повеќе нема слобода да прави што сака.

Според тоа, меѓу најважните обврски што некој треба да ги исполни е да го врати долгот. Во спротивно, има голема веројатност да дојде до проблеми. Трупањето долгови може да води до зголемен стрес, бессони ноќи, прекувремена работа, расправии меѓу мажот и жената, па дури и до распад на семејството, а да не ги спомнуваме судските парници и затворските казни. Зборовите од Римјаните 13:8 се многу мудри: „Не  должете никому ништо, освен да се сакате еден со друг“.

ДАЛИ МОРА ДА ЗЕМАМ ПАРИ НА ЗАЕМ?

Со оглед на сево ова, најдобро е да се биде претпазлив кога треба да се земат пари на заем. Мудро е да се прашаш: Дали навистина мора да позајмам пари? Дали заемот ми е единственото решение за да продолжам да заработувам за леб? Или, пак, покажувам желба да живеам над моите можности, па дури и алчност? Во повеќето случаи би било подобро да бидеш задоволен со помалку отколку да влезеш во долгови.

Се разбира, може да има исклучоци како, на пример, кога ќе се појави некој непредвиден трошок и нема друг излез. Дури и тогаш, оној што ќе одлучи да земе пари на заем треба да биде чесен. Ако ти се најдеш во слична ситуација, како ќе покажеш таква чесност?

Како прво, никогаш не се обидувај да искористиш некого само затоа што има повеќе пари. Не треба да сметаме дека, ако некој е богат, должен е да ни помогне финансиски. Освен тоа, не треба да мислиме дека немаме морална обврска да бидеме чесни кон таа личност. Немој да им завидуваш на оние што навидум немаат финансиски проблеми (Изреки 28:22).

Следно, совесно врати ги парите што си ги зел на заем, и тоа што поскоро. Дури и ако оној што ти го дал заемот не ти поставил конкретен рок до кога да му го вратиш долгот, самиот направи си план и држи се за него. Препорачливо е да направите писмен договор за да се избегнат секакви недоразбирања од која и да е страна (Еремија 32:9, 10). Ако е можно, позајмените пари врати ги лично за да можеш да му се заблагодариш на тој што ти го дал заемот. Кога совесно го враќаш она што си го позајмил, ќе задржиш добри односи со другите. Во својата Проповед на гората, Исус кажал: „Кога ќе речете: ‚Да‘, тоа нека значи ‚да‘, а кога ќе речете: ‚Не‘, тоа нека значи ‚не‘“ (Матеј 5:37). Освен тоа, секогаш мисли на Златното правило: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12).

КОРИСНИ БИБЛИСКИ СОВЕТИ

Библијата ни помага да не дојдеме до ситуација да земеме пари на заем. Во неа пишува: „Несомнено, оддаденоста на Бог е извор на голема добивка, кога човек е задоволен со она што го има“ (1. Тимотеј 6:6). Со други зборови, најдобар начин да ги избегнеш непријатните последици од позајмувањето е да бидеш задоволен со она што го имаш. Сепак, мора да се признае дека не е лесно да се биде задоволен во овој свет во кој повеќето луѓе сакаат веднаш да си ги задоволат желбите. Токму затоа ни е потребна „оддаденоста на Бог“. Во која смисла?

Да земеме како пример еден брачен пар Јеховини сведоци од Азија. Кога биле помлади, тие им се восхитувале на оние што можеле да си дозволат да имаат своја куќа. Затоа одлучиле и тие да си купат куќа со својата заштеда и со парите што ги позајмиле од банка и од роднините. Меѓутоа, наскоро сфатиле колку е тешко да се отплаќаат рати секој месец. Почнале да работат по цел ден, поради што им останувало малку време за децата. „Стресот, болката и недостатокот на сон ми се собраа како тежок товар што морав да го носам на грбот. Бев под огромен притисок“, вели сопругот.

„Ќе бидеш заштитен само ако на материјалните работи гледаш од Божја гледна точка“

По некое време, тие се сетиле на зборовите запишани во 1. Тимотеј 6:6 и сфатиле дека единствено решение е да ја продадат куќата. Од финансискиот товар се ослободиле дури по две години. Што научиле од ова искуство? „Ќе бидеш заштитен само ако на материјалните работи гледаш од Божја гледна точка“, заклучиле тие.

Поговорката од народот Свахили што ја спомнавме во почетокот им е добро позната на многу луѓе. Сепак, многумина и понатаму земаат пари на заем. Во светло на библиските совети што ги спомнавме во оваа статија, зар не би било мудро сериозно да размислиш за прашањето: ‚Дали да позајмам пари?‘