ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | БОЖЈЕТО ЦАРСТВО — ШТО МОЖЕ ДА ЗНАЧИ ЗА ТЕБЕ?
Божјето Царство — колку му значи на Исус
Додека ја извршувал својата служба на Земјата, Исус им зборувал на луѓето за најразлични работи. На пример, тој ги поучил своите следбеници како да се молат, како да му угодат на Бог и како да бидат вистински среќни (Матеј 6:5-13; Марко 12:17; Лука 11:28). Но, Исус најмногу сакал да зборува за Божјето Царство (Лука 6:45).
Како што беше истакнато во претходната статија, главно нешто во животот на Исус било ‚да ја проповеда и да ја објавува добрата вест за Божјето царство‘ (Лука 8:1). Тој изодил стотици километри низ израелската земја и вложил голем труд за да ги поучува луѓето за тоа Царство. За неговата служба пишува во сите четири евангелија, во кои Царството се спомнува повеќе од 100 пати. Во повеќето од тие стихови, Царството го спомнал Исус. Сепак, тоа најверојатно е само мал дел од сето она што тој го кажал за Божјето Царство! (Јован 21:25).
Зошто Царството толку му значело на Исус додека бил на Земјата? Како прво, Исус знаел дека Бог го избрал него за да биде Владетел на тоа Царство (Исаија 9:6; Лука 22:28-30). Но, на Исус не му било најважно да стекне моќ или слава (Матеј 11:29; Марко 10:17, 18). Тој ја ширел пораката за Царството од несебични причини. Исус бил — и сѐ уште е — заинтересиран за Царството * главно поради она што Царството ќе го направи за сите што тој ги сака — неговиот небесен Татко и неговите верни следбеници.
ШТО ЌЕ НАПРАВИ ЦАРСТВОТО ЗА ТАТКО МУ НА ИСУС
Исус многу го сака својот небесен Татко (Изреки 8:30; Јован 14:31). Тој му се восхитува на неговите убави особини, како што се љубовта, сочувството и правдата (5. Мојсеева 32:4; Исаија 49:15; 1. Јованово 4:8). Според тоа, сигурно му е крајно одбивно да ги слуша лагите што се шират за неговиот Татко — како, на пример, дека Бог е бесчувствителен кон страдањата на луѓето и дека тој сака ние да страдаме. Тоа е една причина зошто Исус ревносно ја објавувал „добрата вест за царството“. Тој знаел дека со текот на времето Царството ќе го отстрани срамот од името на неговиот Татко (Матеј 4:23; 6:9, 10). Како ќе го направи тоа?
Преку Царството, Јехова ќе преземе драстични мерки за доброто на луѓето. „Тој ќе ја избрише секоја солза“ од очите на верните луѓе. Јехова ќе ги отстрани причините за таквите солзи, „и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:3, 4). Преку Царството, Бог ќе ги отстрани сите страдања. *
Воопшто не е за изненадување тоа што Исус не штедел ни време ни сили за да им кажува на луѓето за Царството! Тој знаел дека тоа Царство ќе покаже колку моќен и сочувствителен е неговиот Татко (Јаков 5:11). Исто така, Исус знаел дека Царството ќе биде за доброто и на други што тој ги сака — на верните луѓе.
ШТО ЌЕ НАПРАВИ ЦАРСТВОТО ЗА ВЕРНИТЕ ЛУЃЕ
Долго време пред да дојде на Земјата, Исус живеел на небото со својот Татко. Преку Синот, Таткото создал сѐ што постои — од чудесното небо со неговите безброј ѕвезди и галаксии до нашата прекрасна планета со целиот жив свет на неа (Колошаните 1:15, 16). Сепак, од сите тие работи, Исус најмногу ‚им се радувал на‘ луѓето (Изреки 8:31).
Исус зрачел од љубов додека ја извршувал својата служба на Земјата. Уште од самиот почеток, јасно дал до знаење дека дошол за да им ‚објави добра вест‘ на сиромашните (Лука 4:18). Но, неговата љубов не била само на зборови. Тој покажал дека ги сака луѓето и со дела. На пример, во една прилика околу него се собрало големо мноштво за да ги слуша неговите поуки. Тогаш Исус ‚се сожалил на нив и ги излекувал нивните болни‘ (Матеј 14:14). Во друга прилика, некој човек со тешка болест покажал вера дека Исус може да го излекува ако сака. Тоа многу го трогнало Исус. Пред да го излекува, сочувствително му рекол: „Сакам, исчисти се“ (Лука 5:12, 13). А кога ја видел својата пријателка Марија како ја оплакува смртта на брат ѝ, Лазар, Исус ‚бил длабоко трогнат и потресен‘ и ‚почнал да рони солзи‘ (Јован 11:32-36). Тогаш направил нешто незамисливо — го вратил во живот својот пријател Лазар, кој бил мртов цели четири дена! (Јован 11:38-44).
Се разбира, Исус знаел дека помошта што им ја укажувал на луѓето била само привремена. Знаел дека, порано или подоцна, сите луѓе што ги излекувал пак ќе се разболат, а сите луѓе што ги воскреснал пак ќе умрат. Но, Исус знаел и дека Божјето Царство ќе донесе трајно решение за таквите проблеми. Токму затоа, не го посветил целото свое време за да прави чуда. Напротив, ревносно ја проповедал „добрата вест за царството“ (Матеј 9:35). Чудата што ги направил навестиле што ќе постигне Божјето Царство во иднина во многу поголеми размери. Да спомнеме некои работи што ги ветува Библијата за тоа време.
Нема да има болести
„Тогаш ќе им се отворат очите на слепите и ќе им се отнат ушите на глувите. Тогаш сакатиот ќе скока како елен, а јазикот на немиот радосно ќе извикува“. Освен тоа, „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24; 35:5, 6).
Нема да има смрт
„Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29).
„Ќе ја уништи смртта засекогаш и Севишниот Господар Јехова ќе ги избрише солзите од секое лице“ (Исаија 25:8).
Оние што умреле пак ќе живеат
„Сите оние што се во гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29).
„Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15).
Нема да има бездомници и невработени
„Тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род. Нема тие да градат, а некој друг да живее во нив, нема тие да садат, а некој друг да го јаде нивниот род... Моите избраници ќе уживаат во плодовите на своите раце“ (Исаија 65:21, 22).
Нема да има војни
„Ги прекинува војните до крајот на земјата“ (Псалм 46:9).
„Народ против народ повеќе нема да крева меч и повеќе нема да учат да војуваат“ (Исаија 2:4).
Нема да има глад
„Земјата ќе го даде својот род, ќе нѐ благослови Бог, нашиот Бог“ (Псалм 67:6).
„На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:16).
Нема да има сиромаштија
„Сиромавиот нема да биде заборавен засекогаш“ (Псалм 9:18).
„Тој ќе го избави сиромавиот кој вика за помош, страдалникот и секој што нема помошник. Ќе се сожали на бедниот и на сиромавиот и ќе ги спаси душите на сиромасите“ (Псалм 72:12, 13).
Откако видовме што сѐ ќе постигне Божјето Царство, можеш ли да сфатиш зошто Царството му значи толку многу на Исус? Додека бил на Земјата, Исус ревносно му зборувал за Божјето Царство на секој што сакал да слуша, бидејќи знаел дека тоа ќе им стави крај на сите проблеми.
Дали се радуваш на благословите што ќе ги донесе Царството? Како можеш да дознаеш нешто повеќе за тоа Царство? И што можеш да направиш за да уживаш во благословите што ќе ги донесе? На овие прашања ќе добиеме одговор во следната статија.
^ пас. 5 Во оваа статија зборуваме за Исус и во сегашно време затоа што тој сега живее на небото, и нема сомнеж дека Царството многу му значи и откако се вратил на небото (Лука 24:51).
^ пас. 8 Нешто повеќе во врска со тоа зошто Бог сѐ уште дозволува луѓето да страдаат, можеш да прочиташ во поглавје 11 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.