Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ НИ Е ПОТРЕБЕН БОГ?

Зошто ни е потребен Бог

Зошто ни е потребен Бог

За да бидат вистински среќни, на луѓето им треба нешто кое духовно ќе ги исполнува. Така велат експертите за ментално здравје. Потврда за тоа е фактот дека луѓето обично сакаат да направат нешто во животот што ќе остане по нив или ќе послужи за доброто на другите. За таа цел, во слободното време некои се посветуваат на природата, уметноста, музиката и слично. Сепак, повеќето не наоѓаат вистинско и трајно задоволство во овие работи.

Бог сака луѓето да бидат среќни сега и засекогаш

За оние што ја читаат Библијата не е ништо чудно тоа што луѓето имаат вродени духовни потреби. Почетните поглавја од Библијата покажуваат дека, откако ги создал првите маж и жена, Бог редовно зборувал со нив. Таквата комуникација духовно ги исполнувала (1. Мојсеева 3:8-10). Бог не ги создал луѓето за да бидат независни од него. Според тоа, секој човек има вродена потреба да комуницира со својот Творец. Библијата често зборува за оваа потреба на луѓето.

На пример, Исус рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). Овие зборови јасно покажуваат дека, за да се чувствуваме среќни и нашиот живот да има смисла, мора да ги задоволиме своите духовни потреби, односно добро да го запознаеме Бог. Како можеме да го постигнеме тоа? Исус го дал одговорот кога рекол: „Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (Матеј 4:4). Значи, зборовите што излегуваат од Божјата уста, односно Божјите гледишта и совети што се наоѓаат во Библијата, ни овозможуваат да имаме среќен и исполнет живот. На кој начин? Да разгледаме три важни работи.

Потребни ни се добри совети

Денес има безброј експерти и специјалисти кои нудат совети за меѓучовечките односи, љубовта, семејниот живот, конфликтите, среќата, па дури и за смислата на животот. Но, кој може да ни даде најдобри совети на сите овие полиња ако не Јехова Бог, оној што го создал човекот?

Исто како упатство за користење на некој производ, Библијата ни е водич во животот

Да наведеме еден пример. Кога ќе купиш некој нов апарат, како што е камера или компјутер, очекуваш да биде приложено и упатство во кое е објаснето како најдобро да се користи тој апарат. Библијата може да се спореди со такво упатство за употреба. Таа покажува како да го користиме „производот“, односно нашиот живот, кој ни го дал „произведувачот“, односно Бог. Во ова „упатство“ е објаснето зошто ни е даден животот и како најдобро да го користиме.

Како секое добро напишано упатство за употреба, и Библијата нѐ предупредува со кои постапки можеме да го нарушиме безбедното и сигурно функционирање на „производот“ — нашиот живот. Можеби ќе ни се чини дека советите што ни ги даваат други лица се подобри, па дури и дека побрзо водат до резултати. Но, зарем не е пологично дека ќе имаме најдобри резултати и ќе избегнеме многу проблеми ако го следиме „упатството“ на оној што нѐ создал?

„Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро, кој те води по патот по кој треба да одиш. О, да внимаваше на моите заповеди! Твојот мир ќе беше како река и твојата праведност како морски бранови“ (Исаија 48:17, 18).

Библијата содржи совети што можат да ни помогнат

Иако Јехова Бог ни дава упатства и совети, тој не нѐ присилува да ги прифатиме. Наместо тоа, со љубов нѐ поттикнува: „Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро, кој те води по патот по кој треба да одиш. О, да внимаваше на моите заповеди! Твојот мир ќе беше како река и твојата праведност како морски бранови“ (Исаија 48:17, 18). Значи, ако ги слушаме Божјите совети, ќе ни биде добро и ќе бидеме среќни. Со други зборови, за да бидеме среќни, потребен ни е Бог.

Потребно ни е решение за проблемите

Некои сметаат дека не им треба Бог затоа што мислат дека во животот се случуваат многу работи што не можат да се објаснат ако постои Бог што нѐ сака. На пример, можеби прашуваат: ‚Зошто добрите луѓе страдаат?‘ ‚Зошто се раѓаат деца со деформитети?‘ ‚Зошто има толку многу неправди?‘ Ова се навистина сериозни прашања. Нивниот одговор може многу да го смени нашиот живот. Но, наместо брзо да го обвиниме Бог за таквите проблеми, да видиме што има да каже Библијата во врска со тоа.

Во третото поглавје од библиската книга 1. Мојсеева е запишана една случка со Сатана Ѓаволот. Тој искористил една змија за да ги наведе првите маж и жена да ја прекршат заповедта од Јехова Бог да не јадат од дрвото на спознанието на доброто и злото. Тие знаеле дека ако јадат од тоа дрво ќе умрат. Но, Сатана ѝ рекол на Ева: „Нема да умрете. Зашто Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како Бог и ќе знаете што е добро, а што зло“ (1. Мојсеева 2:16, 17; 3:4, 5).

Со овие зборови Сатана го обвинил Бог дека лаже и дека е неправеден владетел. Ѓаволот тврдел дека на луѓето ќе им биде многу подобро ако го слушаат него. Дали бил во право? Тоа не можело да се види веднаш. Јехова одлучил да остави времето да покаже дали обвиненијата изнесени против него се точни. Всушност, Јехова им дал можност на Сатана и на оние што застанале на негова страна да покажат дали на луѓето ќе им биде добро без Бог.

Што мислиш ти за она што го тврдел Сатана? Може ли на луѓето да им биде добро без Бог и успешно да владеат без него? Страдањата, неправдите, болестите, смртта, криминалот, нискиот морал, војните, геноцидите и други ѕверства што со векови го измачуваат човештвото се непобитен доказ дека секаков обид на луѓето да владеат независно од Бог е бедно промашување. Библијата не вели дека Бог е виновен за неволјите што го погодуваат човештвото. Напротив, таа јасно кажува која е главната причина за сите неволји: „Човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9).

Со оглед на сево ова, зар не е јасно дека ни е потребен Бог за да ни даде одговор на прашањата што нѐ измачуваат, но и решение за сите проблеми? Што ќе направи тој?

Потребна ни е помош од Бог

Луѓето отсекогаш копнееле по свет без болести, старост и смрт. Тие посветиле многу време, труд и средства за да го постигнат тоа, но напразно. Некои се надевале дека ќе успеат со помош на алтернативната медицина, редовното вежбање, науката и слично. Но, сите тие обиди воделе само до разочарување.

Бог сака да ни биде убаво и да бидеме среќни. Тој ги создал луѓето со таа намера и никогаш нема да се откаже од неа (1. Мојсеева 1:27, 28; Исаија 45:18). Јехова Бог нѐ уверува дека сигурно ќе направи сѐ што наумил (Исаија 55:10, 11). Во Библијата стои дека тој има намера да го врати Рајот што го изгубиле првите луѓе. Во последната библиска книга пишува: „Тој [Јехова Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:4). На кој начин Бог ќе донесе такви прекрасни услови, и што треба да направиме ние за да го дочекаме исполнувањето на тоа ветување?

Божјиот Син, Исус Христос, ги поучил своите следбеници да се молат да се врши Божјата волја. Многу луѓе ја знаат и често ја повторуваат оваа молитва, која се нарекува Оченаш. Таа почнува со зборовите: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое. Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Да, преку Божјето Царство, Јехова Бог ќе им стави крај на тешките последици од човечкото владеење и ќе воспостави еден праведен нов свет, како што ветил * (Даниел 2:44; 2. Петрово 3:13). Што мора да правиме за да го доживееме исполнувањето на Божјето ветување?

Исус Христос покажал кој едноставен чекор треба да го направи секој од нас. Тој рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Пред нас стои можност да добиеме вечен живот во прекрасниот нов свет, кој е на прагот. Ова ни дава уште една причина да одговориме потврдно на прашањето: ‚Дали ни е потребен Бог?‘

Сега е време да го бараме Бог

Пред две илјади години, на Ареопагот, или Марсовото брдо во Атина, апостол Павле им се обратил на слободоумните Атињани и им го рекол следново за Бог: „Тој самиот им дава на сите живот и здив и сѐ. Зашто, преку него имаме живот и се движиме и постоиме, како што рекоа и некои ваши поети: ‚Дури сме и негово потомство‘“ (Дела 17:25, 28).

Она што Павле им го рекол на Атињаните важи и за нас денес. Нашиот Творец ни го дава воздухот што го дишеме, храната што ја јадеме и водата што ја пиеме. Едноставно, не можеме да живееме без сето она што ни го дава Јехова за да нѐ одржи во живот. Но, зошто Бог продолжува да им ги дава сите овие работи на луѓето, сеедно дали тие помислуваат на него или не? Како што рекол Павле, „за да го бараат Бог, и некако да го напипаат и да го најдат, иако не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27).

Дали би сакал подобро да го запознаеш Бог? Сакаш ли да дознаеш нешто повеќе за неговите намери и за тоа какви совети дава за да живееме подобро сега и засекогаш? Тогаш, разговарај со лицето што ти го донесе ова списание или контактирај со издавачите. Тие со задоволство ќе ти помогнат.

^ Нешто повеќе за тоа како Божјето Царство ќе се погрижи Јеховината волја да се врши на Земјата можеш да прочиташ во поглавје 8 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци. Таа е достапна онлајн и може да се преземе на www.jw.org/mk.