Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како влијаат боите врз нас?

Како влијаат боите врз нас?

Кога гледаме околу себе, нашите очи и нашиот мозок примаат информации. Кога ќе забележиме некое овошје, проценуваме дали да го изедеме. Кога ќе погледнеме во небото, одредуваме дали ќе врне или не. Додека ги читаме овие зборови, го разбираме нивното значење. Сето тоа е можно затоа што врз нас влијаат боите. На кој начин?

Според бојата на овошјето можеме да препознаеме дали е зрело и добро за јадење. Бојата на небото и облаците ни покажува какво ќе биде времето. Додека ја читаме оваа статија, нашите очи го препознаваат текстот заради контрастот меѓу буквите и заднината. Можеби дури и без да сме свесни за тоа, боите секојдневно ни помагаат да го осознаеме светот што нѐ опкружува. Освен тоа, боите влијаат и врз нашите емоции.

БОИТЕ И ЕМОЦИИТЕ

Додека сме во некоја продавница, гледаме многу производи со најразлични амбалажи. Сеедно дали сме свесни за тоа или не, рекламните агенти внимателно избираат бои и комбинации од бои кои ќе бидат привлечни за секој пол и возраст. Декораторите, модните креатори и уметниците добро знаат дека боите можат да влијаат врз емоциите.

Луѓето различно ги доживуваат боите поради нивната култура и обичаи. На пример, некои луѓе во Азија ја поврзуваат црвената боја со благосостојба и веселби, но во некои делови од Африка црвената боја е знак за оплакување. Сепак, без разлика на тоа каде и како пораснале, сите луѓе реагираат исто на неколку бои. Да кажеме нешто повеќе за три бои и како тие влијаат врз нас.

ЦРВЕНАТА е многу јака боја. Таа честопати се поврзува со енергија, војна и опасност. Црвената боја ги побудува емоциите и може да ги забрза метаболизмот и дишењето и да го покачи крвниот притисок.

Во Библијата, хебрејскиот збор кој се преведува со „црвено“ доаѓа од еден збор кој значи „крв“. Со оваа боја живописно е претставена една озлогласена блудница облечена во пурпурна и црвена облека која јава на „црвен ѕвер полн со богохулни имиња“ (Откровение 17:1-6).

ЗЕЛЕНАТА боја има спротивно дејство од црвената. Таа го забавува метаболизмот и смирува. Поради тоа што е боја која смирува, честопати се поврзува со спокојство. Кога гледаме зелени ливади и ридови, се опуштаме. Во библискиот извештај за создавањето пишува дека Бог го создал сето зеленило (1. Мојсеева 1:11, 12, 30).

БЕЛАТА боја често се поврзува со светлина, сигурност и чистота, како и со добрина, невиност и неизвалканост. Оваа боја најчесто се спомнува во Библијата. Во виденијата се прикажани луѓе и ангели во бела облека, со која се истакнува праведноста и духовната чистота (Јован 20:12; Откровение 3:4; 7:9, 13, 14). Белите коњи и коњаници облечени во бел и чист лен се симбол за праведна војна (Откровение 19:14). Бог ја користи белата боја за да покаже дека сака да ни ги простува гревовите: „Ако бидат вашите гревови како црвено платно, ќе станат бели како снег“ (Исаија 1:18).

ПОМОШ ВО ПОМНЕЊЕТО

Тоа што во Библијата се користат боите покажува дека Бог знае како реагираме на нив. На пример, во библиската книга Откровение се претскажани настани што се случуваат во денешно време, како што се војните, гладот и предвремената смрт поради недостиг на храна и поради заразни болести. За да можеме полесно да го запомниме тоа, во едно сликовито видение ни се прикажани јавачи на коњи — меѓутоа, не на обични коњи туку на коњи со одредени бои.

Прво е прикажан еден чисто бел коњ, со кој е претставена праведната војна што ја води Исус Христос. Потоа гледаме коњ со пламена боја, со кој се претставени војните. По него јава страшен црн коњ, кој означува глад. На крајот гледаме ‚блед коњ и на него јавач, чие име е Смрт‘ (Откровение 6:1-8). Бојата на секој коњ може да предизвика во нас емоции, во зависност од тоа што претставува секој коњ. Лесно можеме да запомниме што значат тие коњи и нивните бои.

Во Библијата многупати се спомнуваат бои за сликовито да се прикажат некои работи. Оној што ја создал светлината, боите и човечкото око, вешто ги користи боите за да ни ги претстави работите на таков начин што ќе ги разбереме и запомниме. Боите ни помагаат да сфатиме различни концепти. Тие влијаат врз нашите емоции. Боите можат да ни помогнат да се сетиме на некои важни работи. Тие ни се прекрасен дар од нашиот Творец за да му се радуваме на животот.