Ќе имаш ли доверба во Бог?
ЗАМИСЛИ СИ дека еден твој пријател кој многу го почитуваш направил нешто што воопшто не личи на него. Другите го критикуваат, му припишуваат лоши мотиви и тврдат дека е суров. Дали веднаш ќе им поверуваш, или ќе почекаш твојот пријател да ти ја каже другата страна на приказната? Ако во моментот не е тука за да објасни што се случило, дали стрпливо ќе почекаш наместо брзо да го осудиш?
Пред да одговориш, можеби ќе сакаш да дознаеш уште неколку работи. Веројатно ќе прашаш: Колку добро го познавам тој пријател, и зошто го почитувам толку многу? Таквите прашања се на место. Сега размисли: Зар истото ова не важи и во однос на прашањето дали Бог е суров?
Можеби никако не можеш да разбереш зошто Бог направил или дозволил да се случат некои работи. Мнозина ќе ти речат дека тој е суров и ќе те наведуваат да му припишеш погрешни мотиви исто како нив. Наместо брзо да го осудиш, ќе почекаш ли малку за да дознаеш повеќе факти? Одговорот може да зависи од тоа колку добро го познаваш Бог. Прашај се: ‚Кои добри работи Бог ги има направено за мене?‘
Ако животот ти е тежок, можеби ти доаѓа да го обвиниш Бог за тоа. Но, размисли малку. Дали Бог е оној што ти создава тешкотии — или оној што ти носи убави работи во животот? Како што веќе видовме, со овој свет владее Сатана, а не Јехова (Јован 12:31). Значи, Сатана стои зад најголемиот дел од неволјите и неправдите што ги доживуваме. А сигурно ќе се сложиш и дека многу од нашите проблеми се резултат на грешка од наша страна или на некоја ситуација вон наша контрола.
Дали Бог ти создава тешкотии — или ти носи убави работи во животот?
Од друга страна, зад кои работи стои Бог? Во Библијата пишува дека Бог е „Творецот на небото и на земјата“, дека нашите тела се ‚чудесно создадени‘ и дека Јехова е ‚Бог во чии раце е твојот здив‘ (Псалм 124:8; 139:14; Даниел 5:23). Што значи сето тоа?
Тоа значи дека секој наш здив, самото наше постоење му го должиме нему, затоа што тој нѐ создал (Дела 17:28). Тоа значи дека животот како дар, убавините на природата што нѐ опкружува, задоволството што го носат љубовта и пријателството, радостите што доаѓаат од сетилата за вкус, допир, звук и мирис — сето тоа е дар од Бог (Јаков 1:17). Сигурно ќе се согласиш дека сите овие прекрасни работи што ни ги дал покажуваат дека ни е Пријател кој заслужува ценење и доверба.
И покрај сѐ, можеби ти е тешко да имаш доверба во Бог. Можеби сметаш дека сѐ уште не го познаваш доволно добро за да му веруваш. Тоа е сосема разбирливо. Во овие кратки статии не можеме да ги спомнеме сите причини зошто некои мислат дека Бог е суров. Но, зар не се исплати да вложиш труд подобро да го запознаеш Бог? * Уверени сме дека така ќе ја дознаеш вистината за него. Дали тој е суров? Воопшто не. Точно е сосема спротивното: „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8).
^ пас. 8 На пример, нешто повеќе за тоа зошто Бог го допушта злото можеш да прочиташ во поглавје 11 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.