Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да им помагаме на другите

Да им помагаме на другите

„Кој има добронамерно око, ќе биде благословен, зашто му дава од својот леб на сиромавиот“ (ИЗРЕКИ 22:9)

Зошто некои го слават Божиќ?

Бидејќи Исус им помагал на сиромашните, болните и обесправените, некои луѓе сакаат да го следат неговиот пример. Тие мислат дека најдоброто време за тоа е Божиќ, кога хуманитарните организации вложуваат посебни напори за да соберат донации.

Каде лежи проблемот?

За време на празниците, мнозина се преокупирани со купување, забави и одење на гости кај пријатели и роднини. Поради тоа им остануваат многу малку време, сили и пари за да направат нешто за сиромашните и за оние што имаат потреба од помош, освен можеби да донираат одредена сума.

Кои библиски начела можат да ни помогнат?

„Немој да им скратуваш некакво добро на оние на кои им е потребно, кога твојата рака може да го стори тоа“ (Изреки 3:27). Сиромашните, гладните и тажните не страдаат само на Божиќ. Ако гледаш дека на некој му треба помош и „твојата рака може да го стори тоа“, зошто да чекаш да дојде празник за да помогнеш? Твојата добрина и сочувствителност ќе бидат благословени.

„Секој прв ден од седмицата, секој од вас во својата куќа нека става настрана и нека собира колку што може“ (1. Коринќаните 16:2). Овој совет им бил даден на христијаните во првиот век кои сакале да им помогнат на сиромашните. Можеш ли ‚да ставаш настрана‘, односно да штедиш пари за редовно да им помагаш на поединци или на некоја организација што знаеш дека паметно ќе ги искористи тие средства? На овој начин ќе бидеш сигурен дека им даваш на сиромашните во рамките на твоите финансиски можности.

„Не заборавајте да правите добро и да делите со другите, зашто со таквите жртви му се угодува на Бог“ (Евреите 13:16). Освен што треба ‚да делиме со другите‘, мора и ‚да им правиме добро‘. На пример, мудрите родители ги учат своите деца да им помагаат на постарите во секојдневните обврски и да ги тешат болните така што ќе им испратат картичка, ќе ги посетат или ќе им се јават. Исто така, ги учат да покажуваат искрена грижа кон другите дечиња што се сиромашни или имаат некаков хендикеп. Како резултат на тоа, децата учат да покажуваат добрина и дарежливост во текот на целата година.

Мудрите родители ги учат своите деца да им помагаат на постарите, на болните и на децата со хендикеп. Како резултат на тоа, децата учат да покажуваат добрина и дарежливост во текот на целата година