Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Читателите прашуваат...

Дали верата во Бог е бегство од реалноста?

Дали верата во Бог е бегство од реалноста?

Кога ќе се соочат со проблеми, некои луѓе се обидуваат да избегаат од реалноста и не сакаат да размислуваат логично. Тие се мамат себеси со тоа што утеха бараат во работи што им носат привремено олеснување во емоционален поглед. На пример, некои луѓе пијат за да заборават на своите проблеми. Во почетокот, алкохолот им дава чувство на поголема самодоверба и сила да се справат со проблемите во животот. Но, на долги патеки, оние кои прибегнуваат кон алкохол си нанесуваат штета. Може ли истото да се каже и за верата во Бог?

Некои сметаат дека верата е исто што и лековерноста. Тие велат дека побожните луѓе не сакаат да размислуваат со своја глава или не дозволуваат јасните докази да влијаат врз нивните верувања. Ваквите скептици сакаат да кажат дека оние што имаат цврсти верски убедувања бегаат од реалноста.

Во Библијата многу се зборува за верата. Сепак, никаде во неа не пишува дека треба да бидеме лековерни или наивни. Исто така, во неа не пишува дека не треба да го употребуваме својот разум. Напротив, за оние што веруваат во секој збор што ќе го чујат таа вели дека се лековерни, па дури и глупави (Изреки 14:15, 18). Навистина би било неразумно од наша страна да прифатиме некое гледиште без да ги провериме фактите! Тоа би било како да си ги затвориме очите за да преминеме некоја прометна улица само затоа што некој друг ни вели да го направиме тоа.

Наместо да нѐ поттикнува слепо да веруваме, Библијата нѐ опоменува да сме претпазливи за да не бидеме измамени (Матеј 16:6). Ќе бидеме претпазливи ако ‚го користиме својот разум‘ (Римјаните 12:1). Библијата нѐ учи да ги земаме предвид доказите и да доаѓаме до точни заклучоци што се темелат на факти. Да спомнеме неколку примери од она што го напишал апостол Павле.

Кога Павле им пишал на христијаните во Рим, не сакал тие да веруваат во Бог само затоа што тој им го рекол тоа. Напротив, ги поттикнал да размислат за доказите кои покажуваат дека Бог навистина постои. Тој напишал: „Неговите [Божјите] невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено, па така тие луѓе [што не признаваат дека Бог постои] немаат изговор“ (Римјаните 1:20). Слична логика Павле употребил и кога им пишал на Евреите. „Зашто, секоја куќа некој ја изградил, а Бог е оној што изградил сѐ“, рекол тој (Евреите 3:4). Во едно писмо што им го напишал на христијаните кои живееле во Солун, Павле ги советувал внимателно да изберат во што ќе веруваат. Тој сакал тие ‚сѐ да испитуваат за да се уверат во тоа‘ (1. Солуњаните 5:21).

Верата која не се темели на цврсти докази може да биде бегство од реалноста и да предизвика штета. Во врска со некои побожни луѓе во негово време, Павле напишал: „Сведочам за нив дека ревносно се трудат да му угодат на Бог, но не знаат точно што е неговата волја“ (Римјаните 10:2). Затоа, многу е важно да го послушаме советот што Павле му го дал на собранието во Рим! Тој напишал: „Преобразете се така што ќе го обновите својот ум, за да утврдите која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено“ (Римјаните 12:2). Ако нашата вера се темели на точни сознанија за Бог, нема да биде бегство од реалноста, туку ‚голем штит‘ кој нѐ чува од емоционална и духовна штета (Ефешаните 6:16).