Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Учи од Божјата Реч

Дали Бог ќе воспостави светска влада?

Дали Бог ќе воспостави светска влада?

Во оваа статија се разгледани прашања за кои можеби си размислувал. Таа ќе ти покаже каде можеш да го најдеш одговорот во твојата Библија. На Јеховините сведоци ќе им биде мило да разговараат со тебе за овие прашања.

1. Зошто на луѓето им е потребна една светска влада?

Денес проблемите на човештвото обично се од светски размери. Во некои земји повеќето луѓе се сиромашни и угнетени. Во други земји многу луѓе имаат повеќе отколку што им е потребно. Само една светска влада може на праведен начин да ги распредели природните богатства на Земјата. (Прочитај Проповедник 4:1; 8:9.)

2. Кој би можел успешно да владее со светот?

Многу луѓе не ја прифаќаат идејата еден човек да владее со целиот свет затоа што не постои некој што е способен за такво нешто. Никој не може да ги освои симпатиите на сите луѓе. Освен тоа, кој може да гарантира дека моќта нема да го расипе? Самата помисла некој тирански да владее со светот е страшна. (Прочитај Изреки 29:2; Еремија 10:23.)

Јехова Бог го избрал својот Син, Исус, засекогаш да владее со човештвото (Лука 1:32, 33). Исус многу добро знае како е да се живее на Земјата. Додека бил овде, тој ги лекувал болните, ги поучувал кротките и им посветувал внимание на децата (Марко 1:40-42; 6:34; 10:13-16). Тоа покажува дека Исус е совршен Владетел. (Прочитај Јован 1:14.)

3. Дали е навистина можно да се воспостави светска влада?

Бог го поставил својот Син да владее со Земјата од небото (Даниел 7:13, 14). Исто како што еден човек не мора да биде присутен во секој град со кој владее, така ни Исус не мора да биде физички присутен на Земјата за да владее со луѓето. (Прочитај Матеј 8:5-9, 13.)

Дали секој ќе го прифати Исус како Владетел? Не. Ќе го прифатат само луѓето што го сакаат она што е добро. Јехова ќе ја исчисти Земјата од оние што го отфрлаат добриот и праведен Владетел што го поставил. (Прочитај Матеј 25:31-33, 46.)

4. Што ќе направи Исус како Владетел?

Како што еден пастир ги собира своите овци, така и Исус веќе ги собира кротките луѓе од сите народи и ги поучува да се сакаат како што ги сака Бог (Јован 10:16; 13:34). Таквите луѓе од сѐ срце го поддржуваат Исус и неговото владеење (Псалм 72:8; Матеј 4:19, 20). Во целиот свет, верните поданици на Исус обединето објавуваат дека тој станал Цар. (Прочитај Матеј 24:14.)

Наскоро, Исус ќе ја употреби својата власт за да го спаси човештвото од расипаните влади. Тој избрал некои од своите верни следбеници заедно со него да владеат над Земјата како цареви од небото (Даниел 2:44; 7:27). Кога Исус ќе владее како Цар, Земјата ќе биде полна со знаење за Јехова и ќе стане рај како што била во почетокот на човечката историја. (Прочитај Исаија 11:3, 9; Матеј 19:28.)