Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Исус е Бог?

Дали Исус е Бог?

Разговор на библиски теми — дали Исус е Бог?

ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ со задоволство разговараат со другите луѓе за Библијата. Имаш ли некое прашање за кое многу сакаш да знаеш каков одговор дава таа? Дали сакаш да дознаеш нешто повеќе за Јеховините сведоци и нивните верувања? Ако е така, слободно прашај сѐ што те интересира кога ќе сретнеш некој од нив. Сигурно со задоволство ќе ти одговори.

Следи еден типичен разговор на Јеховин сведок со некој станар. Да речеме дека една жена Кате, која е Јеховин сведок, отишла кај друга жена по име Силвана.

Точно ли е дека не верувате во Исус?

Силвана: Нашиот свештеник ни кажа дека Јеховините сведоци не веруваат во Исус. Дали тоа е точно?

Кате: Не, тоа не е точно. Ние веруваме во Исус. Всушност, ако не веруваме во Исус, не можеме да бидеме спасени.

Силвана: И јас мислам така.

Кате: Драго ми е што сме истомисленици! Инаку, јас сум Кате. А Вие?

Силвана: Силвана.

Кате: Мило ми е. Силвана, можеби се прашувате: „Ако Јеховините сведоци веруваат во Исус, зошто луѓето велат дека не е така?“

Силвана: Да, чудно ми е тоа.

Кате: Едноставно кажано, иако вистински веруваме во Исус, не веруваме во сѐ што ќе се каже за него.

Силвана: На пример, во што?

Кате: На пример, некои луѓе велат дека Исус бил само еден добар човек. Но, ние не мислиме така.

Силвана: Ни јас.

Кате: Одлично, значи и во тоа сме истомисленици. Друга работа е што Јеховините сведоци не се согласуваат со учењата што се спротивни на она што го рекол самиот Исус за својот однос со Таткото.

Силвана: Што сакате да кажете?

Кате: Според многу религии, Исус е Бог. Можеби и Вие го мислите истото.

Силвана: Да, и за мене Исус е Бог.

Кате: Но, сигурно ќе се согласите дека најдобриот начин да ја дознаеме вистината за Исус е да видиме што рекол самиот тој за себе.

Силвана: Така е.

Што рекол Исус?

Кате: Да видиме што пишува во Библијата. Според Јован 6:38, Исус рекол: „Не слегов од небото да ја вршам својата волја, туку волјата на оној што ме испрати“. Ако Исус е Бог, зар не би било малку нелогично да рече вакво нешто?

Силвана: На што мислите?

Кате: Па, Исус тука рекол дека не дошол да ја врши својата волја.

Силвана: Да, рекол дека дошол да ја врши волјата на Оној што го испратил.

Кате: Но, ако Исус е Бог, тогаш кој го испратил од небото? И зошто се подложил на волјата на Тој што го испратил?

Силвана: Сфаќам што сакате да кажете. Но, ова не е доволно да ме увери дека Исус не е Бог.

Кате: Ајде да видиме што рекол Исус во една друга прилика. Нешто слично тој кажал и во следното поглавје од Јован. Ќе сакате ли Вие да прочитате што пишува овде, во Јован 7:16?

Силвана: Може. „А Исус им одговори: ‚Она за кое поучувам не е мое, туку доаѓа од оној што ме испрати‘“.

Кате: Ви благодарам. Според ова што го прочитавте, дали Исус ширел свои идеи?

Силвана: Не, туку рекол дека она што го поучува доаѓало од Оној што го испратил.

Кате: Точно. Тогаш, на место е да се прашаме: ‚Кој го испратил Исус? И кој му ги кажал вистините за кои поучувал?‘ Зар тоа не би бил некој што е на повисока положба од него? Логично е дека оној што испраќа некого е на повисока положба од оној што е испратен.

Силвана: Интересно. Ова го немам забележано досега.

Кате: Да прочитаме уште еден библиски стих. Во Јован 14:28 Исус кажал: „Чувте дека ви реков: ‚Си одам и ќе се вратам кај вас‘. Ако ме сакате, ќе се радувате што си заминувам кај Таткото, зашто Таткото е поголем од мене“. Значи, како се гледал Исус себеси во однос на својот Татко?

Силвана: Па, рекол дека Таткото е поголем од него. Тоа покажува дека сметал дека Бог е на повисока положба.

Кате: Токму така. Ајде сега да видиме што им рекол Исус во една прилика на своите ученици, според Матеј 28:18. Таму пишува: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“. Дали Исус рекол дека тој отсекогаш ја имал сета власт?

Силвана: Не, туку рекол дека таа власт му била дадена.

Кате: Но, ако Исус е Бог, како може да му биде дадена поголема власт? И кој му ја дал?

Силвана: Ќе треба да размислам за тоа.

На кого му зборувал?

Кате: Има уште една работа што збунува ако е точно дека Исус е Бог.

Силвана: Која?

Кате: Она што се случило кога се крстил. Да видиме што пишува во Лука 3:21, 22. Ќе сакате пак да прочитате Вие?

Силвана: „Кога се крсти сиот народ, се крсти и Исус. И додека се молеше, се отвори небото и светиот дух слезе на него во телесен облик како гулаб, и од небото се чу глас: ‚Ти си мојот сакан Син, ти си по мојата волја!‘“

Кате: Забележавте ли што правел Исус додека се крштавал?

Силвана: Се молел.

Кате: Да. Тогаш, на место е да се прашаме: ‚Ако Исус е Бог, кому му се молел?‘

Силвана: Е, тоа е добро прашање. Ќе морам да зборувам со свештеникот.

Кате: Освен тоа, кога Исус излегол од водата, некој му се обратил. Дали забележавте што рекол Тој?

Силвана: Рекол дека Исус му е Син, дека го сака и дека е по негова волја.

Кате: Точно. Но, ако Исус е Бог, кој ги кажал овие зборови од небото?

Силвана: Никогаш не сум помислила на тоа.

Зошто „Татко“ и „Син“?

Кате: Има уште една интересна работа. Прочитавме дека Исус рекол дека Бог е негов небесен Татко. А кога се крштавал, еден глас од небото го нарекол Исус свој Син. Дури и Исус се нарекол себеси Божји Син. Сега, ако сакате да ми покажете дека две лица се еднакви, која роднинска врска би ја употребиле?

Силвана: Да речеме... двајца браќа.

Кате: Одлично — можеби дури и идентични близнаци. Но, Исус го нарекувал Бог Татко, а себеси се нарекувал Син. Што мислите дека сакал да покаже со тоа?

Силвана: Ве сфаќам. Сакал да покаже дека едната личност е постара и има поголема власт од другата.

Кате: Точно. Сега размислете: Вам ви беше многу лесно да покажете дека две лица се исти со тоа што ги споредивте со браќа, или близнаци. Ако Исус навистина бил Бог, зар немало и тој, како прочуен како учител, да се сети да ја каже истата споредба — па дури и да најде некоја уште подобра?

Силвана: Се разбира.

Кате: Но, наместо тоа, својот однос со Бог го опишал со зборовите „Татко“ и „Син“.

Силвана: Да, интересно.

Што рекле првите ученици на Исус?

Кате: Ако не Ви одземам многу време, може ли да Ви спомнам само уште нешто интересно пред да си одам?

Силвана: Слободно.

Кате: Ако Исус навистина е Бог, зарем неговите ученици не би го кажале тоа отворено?

Силвана: Би требало.

Кате: Сепак, никаде во Библијата не пишува дека кажале такво нешто. Напротив, видете што запишал еден од првите ученици на Исус, апостол Павле. Во Филипјаните 2:9 тој опишува што направил Бог по смртта и воскресението на Исус: „Бог го возвиши и му подари име кое е над секое друго име“. Според ова, што направил Бог за Исус?

Силвана: Го поставил на повисока положба.

Кате: Да. Но, ако Исус бил еднаков со Бог пред да умре, а подоцна Бог го возвишил на повисока положба, зар тоа не би значело дека Исус е над Бог? Може ли некој да биде над Бог?

Силвана: Не, тоа не е возможно.

Кате: И јас мислам така. Значи, дали Библијата покажува дека Исус е Бог?

Силвана: Па, изгледа дека не. Според Библијата, тој е Божји Син.

Кате: Точно. Силвана, ние, Јеховините сведоци, многу го почитуваме Исус. Веруваме дека, со својата смрт како ветениот Месија, овозможил да се спасат сите верни луѓе.

Силвана: Во тоа верувам и јас.

Кате: Тогаш, можеби се прашувате: ‚Како да покажеме ценење за тоа што Исус го дал својот живот за нас?‘ *

Силвана: Да, баш би сакала да знам.

Кате: Би можела да навратам повторно за да Ви покажам што вели Библијата за тоа. Ќе бидете ли дома следната седмица некаде во ова време?

Силвана: Да, ќе бидам.

Кате: Одлично, тогаш ќе се видиме пак.

[Фуснота]

^ пас. 76 Нешто повеќе на оваа тема можеш да прочиташ во 5. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?