„Не се дел од светот“
„Не се дел од светот“
„Светот ги замрази, бидејќи не се дел од светот“ (ЈОВАН 17:14)
Што значи тоа? Бидејќи не бил дел од светот, Исус бил политички неутрален и не се мешал во општествените конфликти во негово време. Тој рекол: „Да беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа за да не им бидам предаден на Евреите. Но моето царство не е одовде“ (Јован 18:36). Исто така, Исус ги советувал своите ученици да ги отфрлат ставовите, говорот и однесувањето што се осудени во Божјата Реч (Матеј 20:25-27).
Какви биле првите христијани? Според Џонатан Дајмонд, писател на религиозни теми, христијаните во првиот век „одбивале да учествуваат во [војните]; без оглед на последиците — понижување, затвор или смрт“. Тие избрале да страдаат наместо да се откажат од својата неутралност. Се издвојувале од другите и по високиот морал. На христијаните им било речено: „Поради тоа што повеќе не трчате со нив во истата таа тиња на распуштеноста, се чудат и зборуваат срамно за вас“ (1. Петрово 4:4). Историчарот Вил Дјурант напишал дека христијаните „со својата побожност и пристојност го вознемирувале паганскиот свет кој бил луд по задоволства“.
Кој е таков денес? Во врска со неутралноста на христијаните, една католичка енциклопедија вели: „Приговорот на совеста нема никаква морална основа“ (New Catholic Encyclopedia). Една статија од весникот Reformierte Presse наведе дека, според извештајот на организацијата за човекови права наречена Африкански права, во геноцидот во Руанда што беше извршен во 1994 год. учествувале сите цркви „со исклучок на Јеховините сведоци“.
Осврнувајќи се на холокаустот за време на нацистичкиот режим, еден професор во средно училиште изразил жалење што „ниту една група или организација на граѓани не го кренала својот глас против многуте лаги, злосторства и ѕверства“. Откако го посетил Меморијалниот музеј на холокаустот во САД, тој напишал: „Таму ми се расчисти дилемата“. Дознал дека Јеховините сведоци цврсто се држеле за своите верувања иако биле сурово малтретирани.
Што да се каже за нивниот морал? „Повеќето млади католици не се сложуваат со она што го вели црквата за заедничкиот живот пред брак и за предбрачниот секс“, пишува во списанието U.S. Catholic. Во ова списание е цитирана и следнава изјава на еден ѓакон: „Гледам дека голем број парови — би рекол и повеќе од половина — веќе живееле заедно пред да дојдат да се венчаат“. Но, како што стои во една енциклопедија, Јеховините сведоци „строго се држат за високи морални мерила во својот живот“ (The New Encyclopædia Britannica).