Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тајни на семејната среќа

Развивајте духовност како брачен пар

Развивајте духовност како брачен пар

Фредерик *: „Кога се земавме, сакав јас и жена ми заедно да ја проучуваме Библијата. Очекував таа да биде концентрирана на материјалот што го проучувавме. Но, Лиан како да не можеше да седи на едно место. А кога поставував прашања, одговараше само со ‚да‘ или ‚не‘. Тоа не беше онака како што си замислував дека треба да изгледа нашето проучување“.

Лиан: „Се омажив за Фредерик на 18 години. Редовно ја проучувавме Библијата, но Фредерик секогаш го користеше тоа време за да ми укаже на сите грешки и пропусти што ги правев како сопруга. Бев многу обесхрабрена и повредена“.

ШТО мислиш, каде лежел проблемот во односот меѓу Фредерик и Лиан? И двајцата имале добри намери. Го сакале Бог и им било јасно дека треба заедно да ја проучуваат Библијата. Но, токму она што требало да им помогне да се зближат, ги оддалечувало. Тоа што проучувале заедно не им ја зацврстило духовноста како брачна двојка.

Што е духовност? Зошто треба брачните парови да ја развиваат? На кои проблеми може да наидат и како може да ги решат?

Што е духовност?

Зборот „духовност“ што се користи во Библијата се однесува на гледиштето, односно ставот кон животот (Јуда 18, 19, фуснота). На пример, библискиот писател Павле ја истакнал разликата во ставот што го има една духовна и една телесна личност. Тој рекол дека телесните луѓе повеќе се концентрираат на себеси отколку на другите. Тие го прават она што е исправно во нивни очи, наместо да живеат според Божјите мерила (1. Коринќаните 2:14; Галатите 5:19, 20).

За разлика од нив, оние што се духовни ги ценат Божјите мерила. Тие го сметаат Јехова Бог за свој Пријател и се трудат да се угледаат на него (Ефешаните 5:1). Затоа се обѕирни, љубезни и благи кон другите (2. Мојсеева 34:6). Исто така, го слушаат Бог дури и кога тоа не им оди во прилог (Псалм 15:1, 4). „Според мое мислење“, вели Дарен од Канада, кој е во брак 35 години, „духовниот човек секогаш размислува како неговите зборови и постапки ќе се одразат врз неговото пријателство со Бог.“ Жена му, Џејн, додава: „Мислам дека една духовна жена секој ден се труди да ги покажува плодовите на Божјиот свет дух“ (Галатите 5:22, 23).

Се разбира, не мора некој да е во брак за да се обликува во духовна личност. Всушност, Библијата вели дека секој е должен да го запознае Бог и да ги покажува неговите особини (Дела 17:26, 27).

Зошто треба да ја развивате духовноста како брачен пар?

Зошто сопружниците треба да развиваат духовност како брачен пар? Да наведеме еден пример: Двајца градинари имаат една бавча на која сакаат да одгледуваат зеленчук. Едниот решава да ја засади во еден период од годината, а другиот смета дека бавчата треба да се засади подоцна. Едниот сака да употреби одреден вид ѓубриво, додека другиот смета дека нема потреба од никакво ѓубриво. Едниот сака секој ден да работи во бавчата, а другиот сака само да седи и да гледа. Во тој случај, бавчата ќе роди нешто, но тоа сигурно ќе биде многу помалку отколку ако градинарите сложно работеа.

Мажот и жената се како овие градинари. Дури и ако само едниот од нив се грижи за својата духовност, ќе има резултати (1. Петрово 3:1, 2). Сепак, далеку подобро е ако и двајцата сакаат да живеат според Божјите мерила и си помагаат додека му служат на Бог. „Подобро им е на двајца отколку на еден“, напишал мудриот цар Соломон. Зошто? „Зашто имаат добра плата за својот труд. Зашто, ако падне едниот, другиот ќе го подигне другарот свој“ (Проповедник 4:9, 10).

Сигурно сакаш да развивате духовност заедно, како брачен пар. Но, исто како одгледувањето зеленчук, желбата сама по себе нема да даде резултати. Ќе спомнеме два проблема кои може да се појават и ќе видиме како може да се надминат.

ПРОБЛЕМ 1: Не можеме да најдеме време.

„Маж ми ме зема од работа во 19.00 часот“, вели Сју, која од неодамна е во брак. „Кога ќе се вратиме дома, нѐ чекаат сите домашни обврски. Мора да водиме битка меѓу умот и телото. Умот ни вели дека треба да одвоиме време за духовни работи, но телото ни плаче за одмор.“

Можно решение: Бидете флексибилни и спремни за соработка. Сју вели: „Јас и маж ми решивме да стануваме порано за да прочитаме и да поразговараме за дел од Библијата пред да одиме на работа. Тој ми помага и околу некои домашни обврски за да ми остане време да бидам со него“. Какви биле резултатите од тоа? Ед, маж ѝ на Сју, вели: „Кога со Сју редовно разговараме на духовни теми, полесно се справуваме со проблемите и грижите“.

Освен што ќе разговарате, многу е важно секој ден и да се молите заедно. Како ќе ви помогне тоа? „Пред кратко време“, вели Рајан, кој е во брак 16 години, „имавме голема криза во бракот. Но, секоја вечер заедно се молевме и му кажувавме на Бог што нѐ загрижува. Мислам дека тоа ни помогна да ги решиме проблемите во бракот и повторно да бидеме среќни.“

ПРЕДЛОГ: На крајот од секој ден, одвојте време да поразговарате за убавите моменти што сте ги поминале заедно и за кои сакате да му се заблагодарите на Бог. Размислете и за проблемите што се појавиле, особено оние за кои ќе треба да побарате помош од Бог во молитва. Внимавај: Не ја користи оваа прилика за да ги спомнеш пропустите на твојот брачен другар. Наместо тоа, во заедничката молитва спомни ги само оние работи на кои треба да им посветите внимание како брачен пар. Од следниот ден, почнете да постапувате во склад со она што сте го кажале во молитвата.

ПРОБЛЕМ 2: Имаме различни способности.

„Не сум многу по читањето“, си признава Тони. Жена му, Натали, вели: „Уживам да читам, и многу сакам да зборувам за она што сум го прочитала. Понекогаш ми се чини дека на Тони му е малку непријатно кога ќе почнам разговор на некоја библиска тема“.

Можно решение: Давај поддршка наместо да покажуваш колку знаеш или да критикуваш. Пофалувај го својот партнер за неговите јаки страни. „Понекогаш ми е напорно да зборувам за библиски работи толку колку што би сакала да зборува жена ми“, вели Тони, „па затоа порано не ми се зборуваше баш секогаш на духовни теми. Но, Натали ми дава голема поддршка. Сега редовно разговараме за библиски теми, и гледам дека тоа не е ништо страшно. Всушност, многу ми е пријатно кога си зборуваме за духовни работи. Тоа ни помага да бидеме поопуштени и да се зближиме.“

На многу парови бракот им се подобрил откако секоја седмица почнале да одвојуваат време заедно да ја читаат и да ја проучуваат Библијата. Но, додека го правите тоа, размислувај кои совети важат за тебе, а не за твојот брачен партнер (Галатите 6:4). За брачните проблеми разговарајте во друг момент, а не кога ја проучувате Библијата. Зошто?

Прашај се: Дали би преврзувал загноена рана додека си на ручек со своето семејство? Се разбира дека не. Со тоа на сите ќе им го расипеш апетитот. И вршењето на Божјата волја Исус го споредил со земање храна (Матеј 4:4; Јован 4:34). Ако зборуваш за емоционални рани секојпат кога ќе ја отвориш Библијата, твојот сопружник може да го изгуби духовниот апетит. Се разбира дека не е погрешно да се разговара за проблемите. Но, оставете го тоа за друг момент (Изреки 10:19; 15:23).

ПРЕДЛОГ: Запиши две-три особини кај твојот брачен другар кои многу ти се допаѓаат. Следниот пат кога ќе разговарате за некоја тема поврзана со тие особини, кажи му дека многу цениш што ги гледаш и кај него.

Што ќе посееш, тоа ќе пожнееш

Ако како брачен пар сеете, или вложувате во својата духовност, ќе имате подобар и посреќен брак. Всушност, Божјата Реч вели дека „човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“ (Галатите 6:7).

Фредерик и Лиан, цитирани во почетокот на оваа статија, се увериле во точноста на ова библиско начело. Тие се во брак 45 години и знаат дека трудот и истрајноста се исплателе. „Порано вината за нашата лоша комуникација ѝ ја префрлав на жена ми“, вели Фредерик. „Меѓутоа, со текот на времето сфатив дека и јас треба да го дадам својот дел.“ Лиан вели: „Она што и на двајцата ни помогна да ги пребродиме тешките периоди беше нашата љубов кон Јехова Бог. Низ годините, редовно проучувавме и се молевме заедно. Кога гледам дека Фредерик се труди уште повеќе да ги покажува христијанските особини, полесно ми е да го сакам“.

^ пас. 3 Имињата се сменети.

ПРАШАЈ СЕ...

  • Кога последен пат се молевте заедно?

  • Што да направам за мојот сопружник послободно да разговара со мене на духовни теми?