Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ти можеш да „го пронајдеш знаењето за Бог“

Ти можеш да „го пронајдеш знаењето за Бог“

Приближи му се на Бог

Ти можеш да „го пронајдеш знаењето за Бог“

ЈЕХОВА БОГ ни дава можност да стекнеме скапоцено богатство. Тој од сѐ срце сака да успееме во тоа. Ова богатство нема да ни донесе материјална добивка, туку работи што не можат да се купат со пари — внатрешен мир, задоволство и исполнет живот. За што станува збор? Мудриот цар Соломон во Изреки 2:1-6 го дал одговорот на ова прашање.

Соломон ни открива дека тоа богатство е „знаењето за Бог“ — односно, вистината за Бог и за неговите намери запишани во Библијата (стих 5). Да спомнеме неколку аспекти од ова богатство.

Вистинити учења. Библијата ни дава одговор на прашањата како што се: Кое е Божјето име? (Псалм 83:18). Што се случува кога некој ќе умре? (Псалм 146:3, 4). Зошто постоиме? (1. Мојсеева 1:26-28; Псалм 115:16). Што мислиш, колку пари вреди одговорот на овие прашања?

Мудри совети. Библијата ни покажува кој е најдобриот начин на живот. Како да имаш траен брак? (Ефешаните 5:28, 29, 33). Како да ги воспитуваш децата? (5. Мојсеева 6:5-7; Ефешаните 6:4). Како да бидеш среќен? (Матеј 5:3; Лука 11:28). Размисли колку вредат добрите совети на овие полиња од животот.

Каков е Бог и какви особини има. Библијата е главниот извор на точни информации за Бог. Каков е тој? (Јован 1:18; 4:24). Дали е заинтересиран за нас? (1. Петрово 5:6, 7). Кои се некои од неговите прекрасни особини? (2. Мојсеева 34:6, 7; 1. Јованово 4:8). Што мислиш, колку вреди вистината за нашиот Творец?

„Знаењето за Бог“ претставува духовно богатство. Како можеш да го најдеш? Одговорот го добиваме во 4. стих од 2. поглавје на книгата Изреки, каде што Соломон го споредил тоа знаење со „скриено богатство“. Размисли за следново: Едно скриено богатство нема самото да дојде кај оној што седи со скрстени раце. За да го најдеме, мора малку да се помачиме. Истото важи и за знаењето за Бог. Всушност, ова богатство е закопано во Библијата. За да го пронајдеме, мора да вложиме труд.

Соломон објаснил што треба да правиме за да го најдеме „знаењето за Бог“. Изразите „ако ги примиш моите зборови“ и „го приклониш срцето“ покажуваат дека треба да бидеме послушни од срце (стихови 1, 2). Изразите „го повикаш“, „го побараш“ и „трагаш“ покажуваат дека треба да се напрегаме, односно, да го направиме првиот чекор (стихови 3, 4). Значи, за да го најдеме тоа богатство, треба трудољубиво, искрено и од срце да ја проучуваме Библијата (Лука 8:15).

Ако правиме така, Јехова ќе ни помогне да го најдеме сето ова богатство. „Јехова дава мудрост“, пишува во стих 6. Само со Божја помош можеме да ја разбереме вистината од Библијата (Јован 6:44; Дела 16:14). Биди уверен дека, ако искрено бараш во Божјата Реч, ќе го најдеш „знаењето за Бог“ — богатство кое ќе му даде вистинска смисла на твојот живот (Изреки 2:10-21). a

Читање на Библијата во октомври:

Изреки 1-21

[Фуснота]

a Јеховините сведоци низ целиот свет бесплатно ја проучуваат Библијата со луѓето. Стапи во контакт со нив или пиши на најблиската адреса наведена на страница 4.