Кој е Исус Христос?
Учи од Божјата Реч
Кој е Исус Христос?
Во оваа статија се разгледани прашања за кои можеби си размислувал. Таа ќе ти покаже каде можеш да го најдеш одговорот во твојата Библија. На Јеховините сведоци ќе им биде мило да разговараат со тебе за овие прашања.
1. Кој е Исус Христос?
За разлика од другите луѓе, пред да се роди на Земјата Исус живеел на небото како духовно суштество (Јован 8:23). Тој бил првото суштество што Бог го создал, а потоа помагал во создавањето на сѐ друго. Единствено Исус бил создаден директно од Јехова и затоа е наречен Божји „единороден“ Син. Бидејќи служел како Божји Гласноговорник, Исус е наречен и „Речта“ (Јован 1:1-3, 14; прочитај Изреки 8:22, 23, 30; Колошаните 1:15, 16).
2. Зошто Исус дошол на Земјата?
Бог го испратил својот Син на Земјата на тој начин што го пренел неговиот живот од небото во утробата на една еврејска девица која се викала Марија. Значи, Исус немал човечки татко (Лука 1:30-35). Тој дошол на Земјата: 1) да ја каже вистината за Бог, 2) да остави пример вршејќи ја Божјата волја, и 3) да го даде својот совршен живот „како откупнина“. (Прочитај Матеј 20:28; Јован 18:37.)
3. Зошто ни е потребна откупнина?
Откупнина е цената што се плаќа за да се ослободи некој човек од ропство. Во почетокот Бог немал намера луѓето да стареат и да умираат. Од каде го знаеме тоа? На првиот човек, Адам, Бог му рекол дека ќе умре ако го направи она што Библијата го нарекува грев. Да не згрешел, Адам немало никогаш да умре. Иако живеел уште многу векови, тој почнал да умира од денот кога престанал да го слуша Бог (1. Мојсеева 2:16, 17; 5:5). На сите свои потомци Адам им пренел грев, а казна за гревот е смртта. Така, смртта ‚влегла‘ меѓу луѓето преку Адам. Затоа ни е потребна откупнина. (Прочитај Римјаните 5:12; 6:23.)
4. Зошто Исус умрел?
Кој можел да ја плати откупнината за да нѐ ослободи од смртта? Кога ќе умреме, ја плаќаме казната само за сопствените гревови. Ниеден несовршен човек не може да плати за гревовите на другите. (Прочитај Псалм 49:7-9.)
Бидејќи Исус не наследил несовршенство од човечки татко, не умрел за сопствените гревови туку за гревовите на другите. Бог го испратил својот Син да умре за нас, и со тоа покажал дека неизмерно нѐ сака. Исто така, Исус покажал љубов кон луѓето така што го слушал својот Татко и го дал животот за нашите гревови. (Прочитај Јован 3:16; Римјаните 5:18, 19.)
5. Што прави Исус сега?
Со тоа што лекувал болни, воскреснувал мртви и го дал својот живот за да ги спаси луѓето од гревот и смртта, Исус покажал што ќе направи еден ден за сите послушни луѓе (Лука 18:35-42; Јован 5:28, 29). Откако умрел, Бог го оживеал Исус како духовна личност (1. Петрово 3:18). Потоа чекал од десната страна на Бог сѐ додека Јехова не го овластил да владее како Цар над целата Земја (Евреите 10:12, 13). Сега Исус е на небото и владее како Цар, а неговите следбеници на Земјата ја објавуваат таа добра вест низ целиот свет. (Прочитај Даниел 7:13, 14; Матеј 24:14.)
Наскоро, Исус ќе ја употреби својата царска моќ за да му стави крај на сето страдање и на луѓето што го предизвикуваат. Милиони лица што покажуваат вера во Исус и го слушаат, ќе живеат во рај на Земјата. (Прочитај Псалм 37:9-11.)
Нешто повеќе можеш да прочиташ во 4. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци
[Слика на страница 17]
Милиони лица што покажуваат вера во Исус и го слушаат, ќе живеат во рај на Земјата