Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали навистина постоела рајската градина?

Дали навистина постоела рајската градина?

Дали навистина постоела рајската градина?

СИ ЈА ЧУЛ ЛИ приказната за Адам, Ева и рајот? Многу луѓе во светот ја знаат таа приказна. Зошто не ја прочиташ и ти? Запишана е во 1. Мојсеева 1:26—3:24. Еве ја во кратки црти:

Јехова Бог * го создал човекот од прав, му го дал името Адам и го сместил во една градина во местото Еден. Таа градина ја направил лично Бог. Била добро наводнета и имало многу дрвја кои давале богат род. Среде неа се наоѓало „дрвото за познавање на доброто и на злото“. Бог им забранил на луѓето да јадат од него и им рекол дека ќе умрат ако не послушаат. По некое време, Јехова зел едно ребро од Адам и му направил придружничка, која се викала Ева. Бог им рекол да се грижат за градината, да имаат деца и да ја наполнат Земјата со луѓе.

Еднаш, додека Ева била сама, со неа зборувала една змија. Таа ја навела да јаде од забранетиот плод велејќи ѝ дека Бог ја излажал и дека ѝ скратува нешто добро, нешто што ќе ѝ помогне да стане како Бог. Ева поверувала во тоа и јадела од плодот. Потоа каснал и Адам, па така и тој покажал непослушност. Затоа, Јехова им изрекол пресуда на Адам, Ева и змијата. Кога луѓето биле истерани од рајската градина, пред неа биле поставени ангели кои не дозволувале никој да влезе внатре.

Изучувачите, историчарите и други учени луѓе некогаш тврделе дека настаните запишани во библиската книга 1. Мојсеева навистина се одиграле. Но, денес изразуваат сомневања во врска со тоа. Сепак, дали има место за недоверба во библискиот извештај за Адам, Ева и рајот? Да разгледаме четири вообичаени приговори.

1. Дали рајот во Еден бил вистинско место?

Зошто се покренало ова прашање? Можеби во тоа одиграла улога филозофијата. Со векови теолозите изнесувале теории дека Божјата градина сѐ уште постои некаде. Меѓутоа, врз црквата влијаеле грчките филозофи како што се Платон и Аристотел, кои велеле дека ништо на Земјата не може да биде совршено, туку дека совршенство може да има само на небото. Затоа, теолозите сметале дека првобитниот рај се наоѓал поблиску до небото. * Некои верувале дека рајската градина била на врвот на некоја многу висока планина за да не биде во допир со овој расипан свет. Други мислеле дека се наоѓала на Северниот или на Јужниот Пол, а трети, пак, дека била во близина на Месечината. Не е ништо чудно што верувањето во рај почнало да звучи како фантазија. Некои денешни изучувачи ја отфрлаат како бесмислена секоја дискусија за географската положба на Еден, тврдејќи дека такво место никогаш не постоело.

Меѓутоа, Библијата не ја опишува рајската градина на таков начин. Од 1. Мојсеева 2:8-14 дознаваме многу детали за неа. Се наоѓала на источниот дел од местото наречено Еден. Низ неа течела река, која подоцна се делела на други четири реки. Спомнати се нивните имиња и местата каде што течеле. Ваквите детали долго време ги измачувале изучувачите. Мнозина од нив темелно ги истражувале овие библиски стихови за да дознаат каде точно се наоѓало ова древно место. Меѓутоа, дошле до безброј противречни гледишта. Дали тоа значи дека описот на местото Еден и на градината и реките во него е измислен?

Размисли за следново: Настаните што се опишани во извештајот за рајот во Еден се одиграле пред околу 6.000 години. Веројатно ги напишал Мојсеј на темел на усните кажувања, а можеби дури и на темел на некои документи. Сепак, Мојсеј пишувал околу 2.500 години по тие настани, кога градината во Еден веќе била минато. Можно ли е низ вековите да настанале промени во некои географски карактеристики, како што се реките? Релјефот на Земјата постојано се менува. На подрачјето на кое по сѐ изгледа се наоѓало местото Еден, земјотресите се честа појава. Денес, таму настануваат околу 17 отсто од најголемите потреси во светот. На тие простори постојано доаѓа до промени. Освен тоа, и Потопот од времето на Ное веројатно предизвикал огромни промени во релјефот на тие места. *

Сепак, можеме да бидеме сигурни во следново: Извештајот од 1. Мојсеева ни ја прикажува рајската градина како место кое навистина постоело. Две од четирите реки што се спомнуваат — Еуфрат и Тигар, која е наречена и Хидекел — сѐ уште постојат и денес, и нивните извори се во непосредна близина. Извештајот ги наведува дури и имињата на местата низ кои течеле, како и природните богатства по кои биле познати тие области. Израелците кои го читале тој извештај дознале многу од овие детали.

Дали е така и со легендите и бајките? Или во нив се испуштаат конкретни детали што лесно би можеле да се потврдат или негираат? Една измислена приказна обично почнува со зборовите „си беше еднаш во една далечна земја“. Спротивно на тоа, историјата содржи важни детали, какви што има и во извештајот за рајот во Еден.

2. Разумно ли е да се верува дека Бог го создал Адам од прав, а Ева од неговото ребро?

Науката денес потврдува дека човечкото тело е составено од различни елементи, како што се водород, кислород и јаглерод, кои се наоѓаат во почвата на Земјата. Но, како биле комбинирани за да се оформи едно живо суштество?

Многу научници тврдат дека животот настанал сам од себе, почнувајќи од некои многу едноставни облици кои постепено, во текот на милиони години, станувале сѐ посложени. Меѓутоа, зборот „едноставни“ може да нѐ наведе на погрешен заклучок бидејќи сите живи суштества — дури и едноклеточните организми кои се видливи само под микроскоп — се неверојатно сложени. Не постои доказ дека кој и да е животен облик настанал случајно ниту, пак, дека е можно такво нешто. Напротив, сите живи суштества даваат непобитен доказ дека се дело на бескрајно мудар Творец * (Римјаните 1:20).

Дали би било логично да слушаш некоја величествена симфонија, да се восхитуваш на некоја прекрасна слика или да се одушевуваш на некој технолошки изум, а потоа да тврдиш дека тие работи настанале сами од себе? Се разбира дека не! Сепак, овие ремек-дела не можат ни оддалеку да се споредат со сложеноста, убавината или генијалноста на човечкото тело. Според тоа, дали би било разумно да помислиме дека нема Творец? Исто така, извештајот од 1. Мојсеева објаснува дека од сите живи суштества на Земјата, само луѓето биле создадени според Божјиот лик (1. Мојсеева 1:26). Значи, само луѓето можат да бидат креативни како Бог и понекогаш да создадат ремек-дела во музиката, уметноста и технологијата. Дали треба да нѐ изненади тоа што ни оддалеку не можеме да се споредиме со Бог кога станува збор за создавањето?

А дали за Бог било тешко да ја создаде жената од реброто на мажот? * Бог можел да го направи тоа поинаку, но ваквиот начин на создавање на жената имал длабоко значење. Тој сакал мажот и жената да стапат во брак и да бидат блиски како да се „едно тело“ (1. Мојсеева 2:24). Зар начинот на кој мажот и жената се надополнуваат, формирајќи цврста врска што им годи на двајцата, не е силен доказ дека постои Творец кој е мудар и многу нѐ сака?

Освен тоа, денешните генетичари го признаваат фактот дека сите луѓе потекнуваат само од еден маж и една жена. Со оглед на ова, дали е точно дека извештајот од 1. Мојсеева е измислен?

3. Дрвото на знаењето и дрвото на животот се измислени.

Извештајот од 1. Мојсеева не вели дека тие дрвја имале некаква посебна или натприродна моќ. Наместо тоа, тие биле дословни дрвја на кои Јехова им дал симболично значење.

Зарем и луѓето понекогаш не прават нешто слично? На пример, еден судија може да ги опомене присутните да не се однесуваат со непочитување во судницата. Судијата не сака да ги заштити од непочитување мебелот, опремата и ѕидовите туку правниот систем што е претставен со судот. И различни владетели ги користеле жезолот или круната како симболи на нивната неприкосновена власт.

Тогаш, што симболизирале овие две дрвја? Во врска со ова биле изнесени многубројни збунувачки теории. Сепак, точниот одговор е многу едноставен, но длабок. Дрвото на знаењето на доброто и злото ја претставувало привилегијата што му припаѓала само на Бог — правото да одреди што е добро, а што лошо (Еремија 10:23). Затоа, не е ништо чудно што било грев да се украде од тоа дрво! А дрвото на животот го претставувало дарот кој можел да го даде само Бог — вечниот живот (Римјаните 6:23).

4. Змијата што зборува е дел од бајките.

Можеби овој аспект од извештајот во 1. Мојсеева ќе нѐ збуни, особено ако не го земеме предвид останатиот дел од Библијата. Меѓутоа, Светото писмо постепено ја разјаснува оваа загатка.

Кој или што предизвикало да изгледа дека змијата зборува? Израелците во минатото знаеле и други факти што им помогнале да сфатат каква била улогата на змијата. На пример, знаеле дека, иако животните не зборуваат, некое духовно суштество може да направи да изгледа дека едно животно зборува. Мојсеј го запишал и извештајот за Валаам, во кој се спомнува дека Бог испратил ангел за да направи магарицата на Валаам да зборува како човек (4. Мојсеева 22:26-31; 2. Петрово 2:15, 16).

Дали и други духовни суштества, вклучувајќи ги и Божјите непријатели, можат да прават чуда? Мојсеј видел како египетските свештеници што се занимавале со магија повториле некои од чудата што ги направил Бог. На пример, предизвикале еден стап да се претвори во змија. Моќта да се прават такви работи можела да дојде само од Божјите непријатели во духовниот свет (2. Мојсеева 7:8-12).

Најверојатно Мојсеј ја напишал и библиската книга Јов. Од неа учиме многу за Божјиот главен непријател, Сатана, кој се послужил со лаги за да ја доведе во прашање верноста на Јеховините слуги (Јов 1:6-11; 2:4, 5). Дали на темел на тоа Израелците во минатото сфатиле дека Сатана бил зад змијата во Еден и направил да изгледа дека таа зборува, наведувајќи ја Ева да го изневери Бог? Веројатно е така.

Дали Сатана стоел зад змијата? Исус го нарекол Сатана „лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44). Зар не е логично дека првата лага потекнува од ‚таткото на лагата‘? Зборовите што змијата ѝ ги кажала на Ева биле, всушност, таа прва лага. Спротивно на Божјата опомена дека оној што ќе јаде од забранетото дрво ќе умре, змијата рекла: „Не, вие нема да умрете“ (1. Мојсеева 3:4). Очигледно и Исус знаел дека Сатана зборувал преку змијата. Тоа јасно се гледа од Откровението што Исус му го дал на апостол Јован, каде што Сатана е наречен „празмијата“ (Откровение 1:1; 12:9).

Дали има основа да се верува дека едно моќно духовно суштество стоело зад змијата и направило да изгледа дека таа зборува? Дури и луѓето во еден куклен театар, иако не се моќни како духовните суштества, можат да изведуваат трикови и со помош на специјални ефекти да направат да изгледа дека куклите зборуваат.

Најубедливиот доказ

Сигурно се согласуваш дека нема никаква основа да се сомневаме во она што го пишува во 1. Мојсеева. Напротив, постојат силни докази дека тој извештај е сосема точен.

На пример, Исус Христос е наречен „верниот и вистинит сведок“ (Откровение 3:14). Како совршен човек, никогаш не лажел и не ја извртувал вистината. Освен тоа, кажал дека постоел долго време пред да дојде како човек на Земјата — всушност, живеел покрај својот Татко, Јехова, „пред да настане светот“ (Јован 17:5). Значи, тој постоел пред да биде создаден животот на Земјата. Какво сведоштво дал Исус како сведок во кого можеме да имаме најголема доверба?

Исус зборувал за Адам и Ева како за луѓе што навистина постоеле. Го спомнал нивниот брак кога објаснил кое е Јеховиното мерило за моногамија (Матеј 19:3-6). Ако тие не постоеле и рајот во кој живееле бил само од бајките, тогаш Исус бил или измамен или лажел. Сепак, не е точно ниту едното ниту другото. Исус бил на небото и гледал додека во рајската градина се одигрувала страшната трагедија. Зар некој друг може да ни даде поубедливи докази?

Сомневањето во извештајот од 1. Мојсеева ја поткопува и верата во Исус. Ако не веруваме во тој извештај, не можеме да разбереме некои од најважните учења и најубави ветувања што се запишани во Библијата. Да видиме зошто.

[Фусноти]

^ пас. 3 Јехова е личното име на Бог, кое е запишано во Библијата.

^ пас. 7 Ваквата идеја нема поткрепа во Библијата, каде што пишува дека сите Божји дела се совршени, а расипаноста доаѓа од друг извор (5. Мојсеева 32:4, 5). Кога Јехова завршил со создавањето на Земјата, рекол дека сѐ што направил било „многу добро“ (1. Мојсеева 1:31).

^ пас. 9 Потопот, кој бил предизвикан од Бог, очигледно ги избришал сите траги од градината во Еден. Езекиел 31:18 покажува дека во седмиот век пр.н.е., „еденските дрвја“ долго време ги немало. Значи, сите оние што оттогаш наваму ја барале таа градина, доаѓале до погрешни заклучоци.

^ пас. 14 Види ја брошурата Дали животот е Божје дело?, издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 16 Интересно е што медицината открила дека реброто има неверојатна способност да се обновува. За разлика од другите коски, тоа може повторно да порасне ако не е оштетена мембраната на сврзното ткиво.