Дали да се приклучам на некоја религија?
Читателите прашуваат...
Дали да се приклучам на некоја религија?
▪ Дали се колебаш да се приклучиш на некоја религија затоа што си шокиран од лицемерството и неединството што владее меѓу верниците, па дури и меѓу свештениците? Ако е така, сигурно ќе се согласиш со француската изрека: „Оној што е близу до црквата, обично е далеку од Бог“.
Можеби многу ја цениш Библијата и сметаш дека владите и граѓаните треба да го почитуваат правото на секој поединец да припаѓа на одредена религија. Но, можеби си го поставуваш прашањето: ‚Дали Бог навистина вели дека оние што сакаат да му служат на прифатлив начин мора да припаѓаат на некоја организирана религија?‘
Одговорот кратко и јасно гласи ‚да‘. Зошто можеме да бидеме сигурни во тоа? И дали е сеедно на која религија ќе припаѓа некој?
Размисли за Исус. Дали припаѓал на некоја религија? Кога бил дете, Исус одел со своето еврејско семејство и со други што имале обичај да патуваат во храмот во Ерусалим за да учествуваат на годишните празници што се организирале таму во чест на Бог (Лука 2:41-43). Како возрасен човек, Исус му служел на Бог во локалната синагога заедно со другите Евреи (Лука 4:14-16). Кога зборувал со една жена од друга религија, Исус ѝ рекол: „Ние го почитуваме она што го познаваме“ (Јован 4:22). Со тоа јасно покажал дека припаѓа на еврејската религија.
Подоцна, Исус рекол дека, бидејќи Евреите како народ го отфрлиле, Бог ќе ја отфрли нивната религија, која отстапила од вистинската (Матеј 23:33—24:2). Меѓутоа, покажал дека оние што сакаат да му служат на Бог на прифатлив начин, ќе мора да припаѓаат на организирана група. Еве што им рекол на учениците: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:35). Еден Христов ученик што не се дружи со соверниците, не може да покаже љубов кон нив. Всушност, Исус јасно истакнал дека, што се однесува до религијата, има само два пата. Едниот го опишал како „широк и простран“ пат што „води во пропаст“. А за другиот пат рекол: „Тесна е вратата и тесен е патот што води во живот, и малцина го наоѓаат“ (Матеј 7:13, 14).
Според тоа, очигледно е дека не е сеедно по кој пат ќе тргне некој. Библијата нѐ опоменува да не сме како оние што „на изглед ќе бидат богобојазливи, но нема да живеат богобојазливо“. Понатаму, Божјата Реч вели: „Од таквите бегај!“ (2. Тимотеј 3:5). Од друга страна, пак, во наша полза е да ги препознаеме и да се поврземе со оние што се на патот кој води во живот. Така ќе се охрабруваме и зајакнуваме уште сега, а ќе имаме и прекрасна надеж за иднината (Евреите 10:24, 25).
Како да препознаеш која религија те води по тој тесен пат? Во 15. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата? a ќе најдеш некои обележја според кои ќе можеш да донесеш исправна одлука на која религија да ѝ се приклучиш.
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци.