Дали сте знаеле?
Дали сте знаеле?
Зошто во библиската книга 1. Коринќаните се зборува за месо што било жртвувано на идоли?
▪ Апостол Павле напишал: „Јадете од сето месо што се продава на пазарот и ништо не испитувајте поради совеста“ (1. Коринќаните 10:25). Од каде доаѓало тоа месо?
Главен обред во грчките и во римските храмови било жртвувањето животни, но за време на таквите обреди не се јадело сето месо од животните што се принесувале како жртва. Вишокот месо од паганските храмови завршувал на пазарите. Во една книга пишува: „Оние што ги извршувале таквите верски обреди... понекогаш биле нарекувани и готвачи и/или касапи. Месото што им следувало затоа што го заклале животното го продавале на пазарот“ (Месото жртвувано на идоли во Коринт — Idol Meat in Corinth).
Значи, месото што се продавало на пазарите не било само месото што останувало од верските обреди. Археолошките ископувања на пазарот за месо (латински макелум) во Помпеја, меѓу другото, откриле и цели скелети од овци. Како што вели изучувачот Хенри Џ. Кадбери, ова покажува дека „месото можеби се продавало како жива мера или се колело во макелумот, а се продавало и веќе заклано или откако било жртвувано во храм“.
Павле сакал да каже дека, иако христијаните не требало да учествуваат во пагански ритуали, месото што било жртвувано во некој храм не било секогаш нечисто.
Зошто Евреите и Самарјаните во времето на Исус не биле во добри односи?
▪ Во Јован 4:9 пишува дека ‚Евреите не се дружеле со Самарјаните‘. Изгледа дека ваквата поделба влече корени од времето кога Јеровоам вовел обожавање на идоли во северното десетплеменско царство Израел (1. Царевите 12:26-30). Самарјаните биле од Самарија, главниот град на северното царство. Кога десетте племиња потпаднале под власта на Асирија во 740 год. пр.н.е., освојувачите ја населиле Самарија со туѓинци. Мешаните бракови помеѓу доселениците и локалните жители воделе до натамошно изопачување на религијата на Самарјаните.
Со векови подоцна, Самарјаните сакале да ги спречат еврејските повратници од изгнанството во Вавилон повторно да го изградат Јеховиниот храм и градските ѕидови на Ерусалим (Езра 4:1-23; Неемија 4:1-8). Верската нетрпеливост се засилила кога Самарјаните си изградиле свој храм на планината Гаризим, веројатно во четвртиот век пр.н.е.
Во времето на Исус, зборот „Самарјанин“ повеќе имал религиозно отколку географско значење и се однесувал на приврзаник на сектата што цветала во Самарија. Самарјаните сѐ уште му служеле на Бог на планината Гаризим, а Евреите гледале на нив со презир и непочитување (Јован 4:20-22; 8:48).
[Слика на страница 12]
Керамичка чинија на која е прикажано жртвување на животно, 6 век пр.н.е.
[Извор на слика]
Musée du Louvre, Paris
[Слика на страница 12]
Јеровоам вовел обожавање на идоли