Тој го бара доброто
Приближи му се на Бог
Тој го бара доброто
„ЈЕХОВА ги испитува сите срца и ја распознава секоја помисла и желба“ (1. Летописи 28:9). Целта на овие зборови вдахновени од Бог била да нѐ исполнат со благодарност за тоа што Јехова е многу заинтересиран за нас. Тој го бара доброто во нашите срца, иако сме несовршени. Ова јасно се гледа од зборовите што ги кажал за Авија, а се запишани во 1. Царевите 14:13.
Авија живеел во едно злобно семејство. Татко му, Јеровоам, бил поглавар на една отпадничка династија. * Јехова наумил потполно да го сотре домот на Јеровоам, „како што се чисти измет“ (1. Царевите 14:10). Но, заповедал само еден член од тоа семејство, Авија — кој бил многу болен — да има пристоен погреб. * Зошто? Бог објаснил: „Само во него од домот на Јеровоам се најде нешто добро пред Јехова, Богот на Израел“ (1. Царевите 14:1, 12, 13). Што ни кажуваат овие зборови за Авија?
Во Библијата не пишува дека Авија верно му служел на Бог. Сепак, во него имало нешто добро. Таа добрина била „пред Јехова“ и можеби станувало збор за нешто во врска со обожавањето на Бог. Рабинските писатели сметаат дека Авија отишол во храмот во Ерусалим или дека ги тргнал стражарите што ги поставил татко му за да ги спречат Израелците да одат во Ерусалим.
Во што и да се состоела таа добрина на Авија, заслужила да се спомне. Прво, таа била вистинска. Таквата добрина била „во него“ — односно во неговото срце. Второ, таа била нешто невообичаено. Авија ја покажал иако бил „од домот на Јеровоам“. Еден изучувач рекол: „Многу е пофално кога луѓето ќе останат добри дури и кога живеат во лоши места и семејства“. Друг изучувач рекол дека добрината на Авија била „забележлива... исто како што ѕвездите се посветли кога небото е темно, а кедрите се поубави кога околу нив има безлисни дрвја“.
Што е уште поважно, од зборовите во 1. Царевите 14:13 учиме нешто убаво за Јехова и за она што тој го бара во нас. Сети се дека доброто во Авија ‚било најдено‘. Изгледа дека Јехова го испитувал неговото срце сѐ додека не нашол макар трошка добрина. Во споредба со другите членови од неговата фамилија, Авија бил, како што вели еден писател, осамен бисер „во куп камчиња“. Јехова ја ценел таа добрина и ја наградил, покажувајќи извесна милост кон овој член на едно злобно семејство.
Зар не е утешно да се знае дека Јехова го бара и го цени доброто во нас и покрај тоа што сме несовршени? (Псалм 130:3). Ова треба да нѐ мотивира да се зближиме со Јехова, Богот што внимателно ги испитува нашите срца и бара макар и трошка добрина.
[Фусноти]
^ пас. 2 Јеровоам ширел идолопоклонство, односно вовел обожавање на телиња во северното десетплеменско царство Израел со намера да ги спречи луѓето да одат во Ерусалим и да го обожаваат Јехова во храмот.
^ пас. 2 Во библиски времиња се сметало дека оној што не бил пристојно погребан, не ја уживал Божјата наклоност (Еремија 25:32, 33).