Издавач од минатото што се залагал за Библијата
Издавач од минатото што се залагал за Библијата
ИСТОРИЈАТА на рачно напишани книги и свитоци е долга илјадници години. Но, печатените книги се од нешто поново време. Првите книги биле отпечатени во Кина во 868 год. од н.е. За нивната изработка се користеле изгравирани дрвени плочи со кои се правеле отпечатоци. Некаде во 1455 год., Јохан Гутенберг од Германија го измислил печатењето со подвижни метални букви и за првпат ја отпечатил Библијата на латински јазик.
Меѓутоа, дури кога поминале многу години и печатарството се развило како дејност, луѓето можеле да имаат своја Библија и други книги. Нирнберг станал центар на издавачката дејност во Германија, а Антон Кобергер, кој потекнувал од тој град, можеби бил првиот човек кој наголемо печател и издавал Библии што стигнале дури и во други земји.
Луѓе од сите народи им должат голема благодарност на издавачите на Библијата, меѓу кои е и Антон Кобергер. Затоа, да кажеме нешто повеќе за него и за неговата дејност.
„Посебен интерес за една книга — Библијата“
Во 1470 год., Кобергер ја отворил првата печатница во Нирнберг. Во својот зенит, фирмата имала 24 печатарски машини, како и 100 печатари, занаетчии и други работници во Базел, Стразбур, Лион и други европски градови. Кобергер издавал средновековни ракописи на латински јазик и многу научни книги од тоа време. Тој објавил или отпечатил вкупно 236 литературни дела. Некои имале по стотици страници, печатени една по една на рачно управувани печатарски машини.
Благодарение на квалитетните печатарски букви на Кобергер, неговите книги биле прочуени по својата убавина и читливост. „Кобергер секогаш инсистирал да се користат штотуку излеани, остро дефинирани букви“, пишува историчарот Алфред Боркел. „Не дозволувал да се употребуваат излижани букви.“ Освен тоа, во многу книги и Библии на Кобергер имало детални илустрации, направени како отпечатоци од дрворез.
Неговиот биограф, Оскар Хејз, напишал дека од почетокот до крајот на својата кариера, Кобергер „покажал посебен интерес за една книга — Библијата“. Тој и неговите колеги вложиле големи напори да дојдат до најточните библиски текстови што постоеле. Тоа сигурно не било лесно, бидејќи многу пергаменти биле скапоцена сопственост на одделни манастири, кои ги отстапувале за да се препишат само накратко — и тоа не секогаш.
Библии на латински и на германски јазик
Кобергер во 15 наврати ја отпечатил Biblia Latina (латинска Библија), чие прво издание излегло во 1475 год. Во некои изданија биле прикажани Ноевата арка, Десетте заповеди и храмот на Соломон. Во 1483 год. Кобергер ја отпечатил Biblia Germanica (германска Библија) во 1.500 примероци — што за тоа време претставувало прилично голем број. Во неа имало околу 100 илустрации кои требало да го побудат интересот на читателите, да го објаснат текстот и да ги потсетат на познати библиски случки оние што не знаеле да читаат. Цртежите во оваа Библија извршиле значително влијание врз подоцнежните илустратори на Библии, особено во германските изданија.
Германската Библија што ја отпечатил Кобергер во 1483 год. станала многу популарна. Сепак, тоа било единственото германско издание што го објавил. Иако неговите лектори внимателно избирале зборови што биле во склад со латинската Вулгата одобрена од Црквата, како основа за своето издание Кобергер го зел забранетиот превод на валдензите од 14 век. * Следната година, папата Инокентиј VIII решил да ги истреби заедниците на валдензите. Црквата и понатаму давала сѐ поголем отпор на преводите на Библијата на народен јазик. На 22 март 1485 год., надбискупот Бертолд од Мајнц (Германија) издал проглас во кој го изразил своето неодобрување на преводите на Библијата на германски јазик. На 4 јануари следната година, Бертолд повторно го издал истиот проглас. Поради ваквата неповолна клима, Кобергер не се осмелил повторно да ја отпечати Библијата на германски јазик.
Сепак, трудот на Антон Кобергер не бил залуден. Со тоа што активно се занимавал со печатарството како нова дејност, овозможил во Европа да станат подостапни и поефтини најразлични книги. Така, благодарение на неговата работа, Библијата дошла и во рацете на обичниот народ.
[Фуснота]
^ пас. 11 Види ја статијата „Валдензите — од ерес до протестантизам“ во Стражарска кула од 15 март 2002 год.
[Слики на страница 26]
Одлево надесно: илустрација на Даниел во лавовската јама; голема почетна буква со златен лист; остро дефинирани букви
[Слика на страница 26]
Кобергер
[Слики на страница 26]
Детали од латинската и германската Библија на Кобергер, со раскошни декорации и коментар на 1. Мојсеева 1:1
[Извори на слики на страница 26]
Сите фотографии на Библијата: со љубезна дозвола на American Bible Society Library; Кобергер: Mit freundlicher Genehmigung der Linotype GmbH