Читателите прашуваат
Во која смисла Исус и неговиот Татко се едно?
„Јас и Таткото сме едно“, рекол Исус (Јован 10:30). Некои го цитираат овој стих за да докажат дека Исус и неговиот Татко се два дела од некаков троеден Бог. Дали и Исус мислел на тоа кога ги кажал овие зборови?
Да го земеме предвид контекстот. Во 25. стих, Исус рекол дека прави дела во името на својот Татко. Во стиховите 27-29, тој зборувал за симболични овци што му ги дал неговиот Татко. И едната и другата изјава на Исус не би имале никаква смисла за слушателите ако тој и неговиот Татко биле една иста личност. Наместо тоа, Исус, всушност, како да рекол: ‚Татко ми и јас сме толку блиски што никој не може да ми ги одземе овците, исто како што никој не може да му ги земе ни на мојот Татко‘. Тоа е слично како еден син да му рече на непријателот на својот татко: ‚Ако го нападнеш татко ми, тоа е исто како да ме напаѓаш мене‘. Никој не би помислил дека овој син и неговиот татко се една иста личност. Сепак, секој би сфатил дека тие двајца се многу блиски.
Исус и неговиот Татко, Јехова Бог, се „едно“ и во таа смисла што имаат складни намери и мерила. За разлика од Сатана Ѓаволот и првиот човечки пар, Адам и Ева, Исус никогаш не сакал да стане независен од Бог. „Синот не може да направи ништо сам од себе, туку само она што гледа дека Таткото го прави“, објаснил Исус. „Зашто, што и да прави Тој, тоа го прави и Синот на ист начин“ (Јован 5:19; 14:10; 17:8).
Меѓутоа, не значи дека поради оваа голема блискост нема никаква разлика помеѓу Бог и неговиот Син, Исус. Тие се две различни личности. Секој од нив има свој карактер. Исус има свои чувства, мисли, искуства и слободна волја. Сепак, тој одлучил да ја подложи својата волја на волјата на својот Татко. Според Лука 22:42, Исус рекол: „Нека не биде мојата волја, туку твојата!“ Овие зборови не би имале никаква смисла доколку неговата волја секогаш била иста со волјата на неговиот Татко. Ако е вистина дека Исус и неговиот Татко биле една личност, зошто Исус му се молел на Бог и понизно признал дека не знае работи што ги знаел само неговиот Татко? (Матеј 24:36).
Верниците од многу религии обожаваат богови што се прикажани како личности што се караат и се борат со членовите на своето семејство. На пример, во грчката митологија, Кронос го поразил својот татко Уран и ги изел своите сопствени деца. Колку се разликува ова од единството што постои помеѓу Јехова Бог и неговиот Син, Исус, кое се темели на вистинска љубов! И токму поради ова единство се чувствуваме блиски со нив! Всушност, имаме огромна чест да бидеме во единство со овие две највисоки Личности во целата вселена. Во врска со своите следбеници, Исус се молел: „Те молам... да бидат сите едно, како што ти си, Татко, во единство со мене и јас во единство со тебе, и тие да бидат во единство со нас“ (Јован 17:20, 21).
Значи, кога Исус рекол „Јас и Таткото сме едно“, тој не зборувал за некакво мистериозно тројство, туку за едно прекрасно единство — најблиската врска што може да постои меѓу две лица.