Богатствата на најголемото езеро во Средна Америка
Богатствата на најголемото езеро во Средна Америка
ИАКО Никарагва е мала земја, во неа се наоѓа најголемото езеро во Средна Америка — езерото Никарагва. Интересно е што ова е можеби единственото слатководно езеро во кое може да се најдат риби што обично ги има во океаните, како што се ајкулите, сабјарките и тарпонот. Според научниците, ова езеро во минатото било залив на Пацификот кој подоцна бил одвоен од океанот како резултат на вулкански ерупции. Како што водата постепено ја губела својата соленост, рибите во неа се привикнале на својата нова средина.
Езерото Никарагва е долго околу 160 километри и широко 70 километри, а се наоѓа на околу 30 метри надморска височина. Во него има повеќе од 400 острови, а 300 од нив се начичкани околу Полуостровот Асесе во близина на градот Гранада, кој лежи во северниот дел на езерото. Познати се како островчињата на Гранада.
Најголем остров во ова езеро е островот Ометепе, кој се наоѓа во средината. Долг е околу 25 километри, широк 13 километри, а го сочинуваат два вулкана кои меѓусебно се поврзани со превлака. Впечатливото симетрично кубе на повисокиот вулкан Консепсион се издига 1.610 метри над езерото. Овој активен вулкан доминира на северната страна од островот. Другиот е Мадера — неактивен вулкан висок 1.394 метри. Обраснат е со бујна вегетација, а во својот кратер има лагуна обвиена во магла.
Езерото Никарагва е туристичка атракција. Туристите доаѓаат во овој крај привлечени од неговата природна тропска убавина и многуте артефакти што ги оставиле зад себе древните цивилизации. Но, овде има и други богатства кои треба да се откријат.
Село што лежи на вода
На островчињата на Гранада може да се најде изобилство од тропски растенија и животни. Густите шуми, распослани на поголемиот дел од овие вулкански острови, ги красат егзотични цвеќиња. Покрај брегот прелетуваат прекрасни водни птици како што е малата сина чапја, големата бела чапја, речниот орел, анхингата и корморанот. На работ од џунглата, птиците со костенлива боја наречени монтезуми имаат направено гнезда што висат од огромните дрвја, и се чини дека тивкото
ветре што дува откај езерото ќе ги турне секој момент.Некои од островчињата се населени. Таму има куќи на рибари, викендички во кои навраќаат богатите, училишта, гробишта, ресторани и барови. Целиот архипелаг наликува на село што лежи на вода.
Секое утро, еден сино-бел чамец плови од еден до друг остров за да ги собере децата за училиште. Има и кануа кои служат како пловни продавници и ги снабдуваат островјаните со овошје и зеленчук. Вообичаено е да се видат мажи како ги фрлаат своите рибарски мрежи и жени како ги перат своите алишта во езерото.
И Јеховините сведоци се зафатени во своето дело на овие острови. Тие ги посетуваат мештаните со брод со цел да им ја пренесат добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14). Поради необичните географски карактеристики на оваа област, беше тешко да се најде место каде што ќе можат да се одржуваат состаноци за проучување на Божјата реч, Библијата. Сведоците беа решени да ја следат библиската заповед ‚да не ги пропуштаат своите состаноци‘ и најдоа генијално решение — ја направија првата пловна Сала на Царството во Никарагва! (Евреите 10:25).
Пловна Сала на Царството
Во ноември 2005 год., еден брачен пар Јеховини сведоци кои поминуваат многу време во проповедање се преселија на островчињата на Гранада. Неколку месеци подоцна почнаа да ги канат островјаните на Спомен-свеченоста со која се одбележува Христовата смрт и беа изненадени што дојдоа 76 лица. Ова ги увери дека треба да почнат редовно да одржуваат христијански состаноци во тој крај. Бидејќи беше тешко да се најде соодветно место за состаноците, овој пар реши да изгради пловна Сала на Царството што ќе може да се укотви секаде каде што ќе им одговара на луѓето.
Без никакво претходно искуство, овие храбри млади луѓе почнаа да градат. Во тоа им помагаа уште шест души, а работата траеше цел месец. Новото место за состанување требаше да биде обичен сплав направен од челични цевки заварени во форма на рамки на кои се прицврстени 12 буриња од 150 литри наполнети со компримиран воздух за да може целата конструкција да се одржи на вода. Подот требаше да биде од иверица, а наместо таван требаше да има церада. Работниците
секоја вечер се молеа за овој проект бидејќи не беа сигурни дали Салата ќе може да се одржи на површината. На крајот, успеаја!Првиот состанок за јавноста во новата Сала на Царството се одржа на 10 јуни 2006 год. Следниот ден, Салата беше одвлечена со помош на чамец на другата страна од архипелагот за да може истиот состанок да се одржи и таму. На двата состанока имаше вкупно 48 присутни, иако некои од нив мораа да пешачат низ џунглата повеќе од половина час за да дојдат. Сите се восхитени што имаат свое место каде што ќе го слават Бог!
Состаноците во оваа Сала на Царството се навистина посебни. Во текот на говорот се слуша нежното плескање на брановите кои удираат во карпите, а одвреме-навреме се слуша и по некој крик на мајмун некаде во далечината. За кратко време, островјаните се навикнаа на оваа Сала. Тие мавтаат со рацете кога ќе видат како таа плови на друго место. Секоја седмица, повеќе од 20 лица доаѓаат во пловната Сала на Царството каде што уживаат во христијанското дружење и примаат библиски поуки. Оваа Сала навистина претставува скапоцено богатство!
Островот Ометепе
Околу 50 километри јужно од Гранада се наоѓа островот Ометепе. Поради својата природна убавина и својата плодна почва, овој остров е пожелно место за живеење. Всушност, овде се најдени најстарите докази за земјоделие во Никарагва. Денес, Ометепе има околу 42.000 жители кои се занимаваат со риболов и одгледуваат пченка, банани, кафе и други земјоделски култури. Овде исто така има богат животински свет — јата папагали кои постојано крескаат, големи тропски птици од видот Calocitta formosa кои парадираат со своите сини и бели перја додека прелетуваат меѓу дрвјата како и капуцинери, мајмуни со бели лица, кои им се омилени на многумина.
На Ометепе има и многу објавители кои ја шират добрата вест за Божјето Царство. Од осумте лица кои се крстиле во 1966 год., бројот на Сведоци на Ометепе порасна на 183 објавители кои се поделени во четири напредни собранија. Секое собрание има своја Сала на Царството што се наоѓа на многу погодна локација. Денес, бројот на Сведоци спрема бројот на жители е 1 на 230.
Низ годините, Јеховините сведоци на Ометепе се соочија со многу проблеми. На пример, во 1980 год., противниците ја запалија Салата на Царството во Мерида. Во 1984 год. беше изградена друга Сала. Таа се користеше до 2003 год., кога, на голема радост на 60-те членови на тамошното собрание, беше подигната прекрасна нова Сала на Царството.
Во Мојогалпа беше направена нова Сала на Царството во која по потреба можат да се одржуваат и поголеми собири. Овдешните Сведоци и нивните пријатели од сите места околу езерото повремено одржуваат вакви собири во овој објект. Во тие прилики, езерото Никарагва е многу погодно место за крштавање на нови ученици на Исус Христос (Матеј 28:19).
Ќе бидат ли сочувани богатствата на ова езеро?
Езерото Никарагва отсекогаш изгледало непобедливо, веројатно поради неговата големина. Но, денес му е потребна заштита бидејќи се загадува со земјоделски и индустриски отпад, како и со наноси од соголените шумски површини.
Времето ќе покаже дали ќе можат мештаните и владата да го решат овој проблем. Како и да е, Творецот ќе се погрижи сите богатства на Земјата, меѓу кои и блескавите езера, прекрасните острови и богатиот животински свет, да бидат сочувани како наследство за послушните луѓе. Библијата вели: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29).
[Слика на страница 26]
Пловна Сала на Царството во која се одржуваат библиски состаноци