Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали е пронајдена Ноевата арка?

Дали е пронајдена Ноевата арка?

Дали е пронајдена Ноевата арка?

ИЗГЛЕДА дека секоја вест за потрагата по Ноевата арка многу често ја бранува јавноста. Тоа е сосема разбирливо. Џиновскиот пловен објект во кој Ное и неговата фамилија го преживеале Потопот во 2370-2369 год. пр.н.е. сигурно би претставувал значајно археолошко откритие. Но, и покрај многуте напори, потрагата по Ноевата арка сѐ уште трае. Со оглед на многуте шпекулации и сензационални тврдења, што знаеме со сигурност за неа?

Библијата открива дека Ноевата арка ‚запрела на Араратските Планини‘ (1. Мојсеева 8:4). Во пределот Арарат спаѓа и истакнатиот врв кој денес е познат како Планина Арарат и се наоѓа во источна Турција, близу до границите со Ерменија и Иран.

Многубројните експедиции што дошле во овој крај за да ја бараат Ноевата арка изнеле интересни тврдења, но не и убедливи докази. Загадочните фотографии од воздух, пронајдените парчиња дрво премачкано со катран и лицата што тврдат дека ја виделе арката, ја подгреваат потрагата по поконкретни докази. Меѓутоа, потрагата не е лесна. Една можна локација што често се спомнува е околу 4.600 метри високо на падините на Планината Арарат. Освен тоа, поради политичките немири во тој предел, странските експедиции не добиваат секогаш дозвола од властите да се искачат на оваа планина.

Сепак, многу луѓе што се живо заинтересирани за арката би сакале повеќе експедиции да го истражуваат тоа место. Тие веруваат дека делови од арката сѐ уште лежат неоштетени под снежната покривка на планината Арарат, скриени под снегот и ледот во текот на поголемиот дел од годината. Само во годините кога има топли лета, велат тие, би имало некаква надеж да се види арката и да се дојде до неа.

Таквите надежи се подгреани од бројни извештаи. Јосиф, еврејски историчар од 1 век од н.е., спомнува неколку претходни историчари што рекле дека арката сѐ уште може да се види на високите места на планинскиот венец Арарат. Дури и се вели дека луѓето си земале како сувенири делови од нејзините греди премачкани со катран. Еден од историчарите што ги цитирал Јосиф бил Верозус, вавилонски хроничар од 3 век пр.н.е.

Во минатиот век, изјавата на Ерменецот Георги Хагопјан повторно го разбуди интересот за арката. Тој рекол дека во почетокот на 1900-тите, кога бил мал, заедно со чичко му отишол кај арката, па дури и се качувал на неа. Хагопјан умрел во 1972 год., но она што го рекол сѐ уште предизвикува возбуда и интерес кај многу луѓе.

Вистинска основа за вера?

Постои ли вистинска основа да веруваме дека истражувачите ја откриле арката или дека во иднина ќе успеат во тоа? Можеби, но изгледа дека уште поголема е основата за сомневања во врска со едно такво откритие. Како прво, сети се дека Библијата не кажува каде точно застанала арката кога се повлекле водите на потопот. Во неа се спомнуваат само „Араратските Планини“.

Нормално е истражувачите и шпекулантите да го посочуваат највисокиот врв во тој предел. Меѓутоа, Библијата не кажува конкретно дека арката застанала на самиот врв на Планината Арарат, кој денес е студен и висок планински врв што се издига на речиси 5.000 метри надморска височина. * Сети се дека Ное и неговата фамилија живееле во арката неколку месеци откако застанала на суво (1. Мојсеева 8:4, 5). Исто така, не изгледа логично дека, откако излегле од неа, тие и многуте животни што биле внатре морале да се симнуваат од некој висок врв како планинари. Значи, местото каде што застанала арката можеби било попристапно отколку што мислат некои денешни истражувачи, но сепак било доволно високо за да одговара на описот од 1. Мојсеева 8:4, 5. А независно од тоа каде во пределот на Арарат застанала арката, зар не би било веројатно дека исчезнала пред многу векови затоа што изгнила или, пак, биле разграбани остатоците од неа?

Освен тоа, има нешто сомнително во тврдењата на некои новинари дека ваквите истражувања се многу важни за верата. Организаторот на една експедиција тврдел дека пронаоѓањето на арката „ќе им ја зајакне верата на милиони луѓе... и уште многу други ќе поверуваат“. На една конференција за печат во 2004 год., тој рекол дека пронаоѓањето на арката ќе биде „најзначајниот настан по воскресението на Христос“. Подоцна, неговата експедиција била откажана.

Дали пронаоѓањето на Ноевата арка навистина ќе им ја зајакне верата на луѓето, па дури и ќе натера некои да поверуваат? Библијата покажува дека вистинската вера не зависи од предметите што може да ги видиме и допреме (2. Коринќаните 5:7). Некои луѓе се толку скептични што категорично велат дека само опипливи докази ќе им помогнат да поверуваат во некои библиски извештаи. Но, вистината е дека на таквите лица ниеден доказ нема да им биде доволен за да поверуваат. Самиот Исус рекол дека некои луѓе едноставно не можат да бидат уверени во библиските вистини — дури и да видат како некој станува од мртвите! (Лука 16:31).

Од друга страна, пак, вистинската вера не е лековерност, туку се темели на цврсти докази (Евреите 11:1). Постојат ли цврсти докази што можат да им помогнат на разумните луѓе денес да поверуваат во библискиот извештај за Потопот? Да, постојат. Исус Христос јасно рекол: „Ное влезе во арката. И дојде потопот“ (Лука 17:26, 27). Ова е најголемиот доказ што постои. Зошто?

Исус бил на небото пред да дојде на Земјата (Јован 8:58). Тој гледал како се градела арката и го видел Потопот. Кој доказ ти изгледа поубедлив? Сведоштвото на Оној што се докажал совршено веродостоен и што потврдил дека е Божји син? Или сомнителните претпоставки на истражувачите што нашле стари парчиња дрво на некој заледен врв? Врз основа на ова, веќе има премногу докази дека постоела Ноевата арка.

[Фуснота]

^ Планината што денес се нарекува Арарат е вулкан кој е неактивен од 1840 год. Висока е 5.165 метри и покриена е со снег во текот на целата година.

[Истакната мисла на страница 13]

Постојат ли цврсти докази што го потврдуваат библискиот извештај за Потопот?

[Истакната мисла на страница 14]

Исус Христос јасно рекол: „Ное влезе во арката. И дојде потопот“