Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

1. Стекни доверба во Библијата

1. Стекни доверба во Библијата

1. Стекни доверба во Библијата

„Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување, за укорување, за поправање“ (2. Тимотеј 3:16)

ЗОШТО НЕ Е ЛЕСНО? Многу луѓе си мислат дека Библијата е само книга со човечка мудрост. Некои велат дека е историски неточна. Други сметаат дека она што го пишува во неа не е практично и дека е застарено.

КАКО ДА УСПЕЕШ? Честопати, оние што ја оспоруваат точноста или практичноста на Библијата не ги испитале доволно фактите. Тие само го повторуваат она што го велат другите. Меѓутоа, Библијата нѐ предупредува: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15).

Наместо слепо да го прифатиш она што го велат другите, зошто не го следиш примерот на христијаните од првиот век што живееле во Верија, град во денешна Грција? Тие не го прифатиле веднаш она што им било кажано. Наместо тоа, биле познати како луѓе што ‚секој ден ги истражуваат Писмата за да видат дали е тоа така‘ (Дела 17:11). Да разгледаме кратко две причини зошто можеш да бидеш сигурен дека Библијата е вдахновена Божја реч.

Библијата е историски точна. Низ годините, скептиците ја оспорувале — и сѐ уште ја оспоруваат — точноста на Библијата во врска со имињата на луѓето и на местата што се спомнати во неа. Но, секогаш одново доказите потврдуваат дека таквите сомнежи се неосновани и дека она што го пишува во Библијата е точно.

На пример, некогаш изучувачите се сомневале дека постоел асирскиот цар Саргон, кој е спомнат во Исаија 20:1. Меѓутоа, во 1840-тите, археолозите ја пронашле палатата на овој цар додека вршеле ископувања. Сега Саргон е еден од најпознатите асирски цареви.

Критичарите го довеле во прашање и постоењето на Понтиј Пилат, римскиот управител што наредил да биде убиен Исус (Матеј 27:1, 22-24). Но, во 1961 год., во близина на градот Цезареја во Израел, откриена е камена плоча на која се испишани името и титулата на Пилат.

Во врска со историската точност на Библијата, во U.S.News & World Report од 25 октомври 1999, стоеше: „На неверојатни начини, современата археологија ја поткрепи историската точност на Стариот и на Новиот Завет — потврдувајќи клучни делови од извештаите за израелските патријарси, за излегувањето на Израелците од Египет, за Давидовата царска лоза и за животот на Исус и околностите во неговото време“. Иако верата во Библијата не зависи од археолошките откритија, ваквата историска точност е она што би го очекувале од една книга вдахновена од Бог.

Практичната мудрост што ја содржи Библијата им користи на најразлични луѓе. Долго време пред да бидат откриени микроорганизмите и нивната улога во ширењето на болестите, Библијата препорачала хигиенски навики што се корисни и денес (3. Мојсеева 11:32-40; 5. Мојсеева 23:12, 13). Семејствата што ги применуваат библиските совети за меѓучовечките односи се посреќни (Ефешаните 5:28 — 6:4). Оној што живее според Библиските начела може да стане посовесен работник или поразумен работодавец (Ефешаните 4:28; 6:5-9). Примената на библиските начела влијае позитивно и врз емоционалното здравје (Изреки 14:30; Ефешаните 4:31, 32; Колошаните 3:8-10). Токму вакви практични совети би очекувале од нашиот Творец.

КОЈА Е КОРИСТА? Мудроста што се наоѓа во Библијата може да го направи мудар дури и оној што е неискусен (Псалм 19:7). Освен тоа, откако ќе стекнеме доверба во Библијата, таа може да ни помогне, повеќе од која и да е друга книга, да го направиме следниот чекор за да стекнеме поцврста вера.

Нешто повеќе на оваа тема можеш да прочиташ во 2. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, * со наслов „Библијата — книга од Бог“.

[Фуснота]

^ пас. 12 Издадена од Јеховините сведоци.