Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 11

ПЕСНА 57 Да проповедаме на најразлични луѓе

Биди ревносен во службата исто како Исус

Биди ревносен во службата исто како Исус

Господарот испрати двајца по двајца пред себе во секој град и во секое место каде што и самиот мислеше да дојде (ЛУКА 10:1)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да разгледаме четири работи кои може да ни помогнат да бидеме ревносни во службата на проповедање исто како Исус.

1. Која е една работа по која Јеховините слуги се разликуваат од оние што тврдат дека се христијани?

 ЕДНА работа по која Јеховините слуги се разликуваат од оние што тврдат дека се христијани е нивната ревност a за службата на проповедање (Тит 2:14). Но понекогаш, можеби немаш толку голема желба да одиш во служба. Можеби се чувствуваш како еден трудољубив старешина кој признал: „Некогаш едноставно не сакам да проповедам“.

2. Зошто понекогаш ни е тешко да останеме ревносни во службата на проповедање?

2 Можеби повеќе сакаме да учествуваме во други видови света служба отколку во проповедничкото дело. Зошто? Кога учествуваме во изградба и одржување на теократски објекти, помагаме во акции за помош при катастрофи или ги охрабруваме нашите браќа, може брзо да видиме резултати и имаме чувство дека сме постигнале нешто. Кога соработуваме со нашите браќа, ги чувствуваме мирот и љубовта што владеат меѓу нас, и знаеме дека тие го ценат она што го правиме за нив. Од друга страна, можеби со години проповедаме на исто подрачје и не гледаме некои големи резултати. Можеби дури и наидуваме на луѓе кои многу лошо реагираат на пораката што ја пренесуваме. Исто така, знаеме дека, како што се приближува крајот, може да очекуваме уште поголемо противење (Мат. 10:22). Што може да ни помогне да ја задржиме, па дури и да ја зголемиме нашата ревност за службата на проповедање?

3. Што учиме за ревноста на Исус од споредбата запишана во Лука 13:6-9?

3 Од примерот на Исус може да научиме што ќе ни помогне да бидеме ревносни во службата на проповедање. Додека ја извршувал својата служба, неговата ревност никогаш не се намалила. Всушност, како што минувало времето, тој станувал сѐ поактивен. (Прочитај Лука 13:6-9.) Исто како лозарот кој три години се обидувал да одгледува смоква која не дала никаков плод, Исус околу три години им проповедал на Евреите од кои повеќето не станале негови ученици. Меѓутоа, исто како што лозарот не се откажал од смоквата, така и Исус не се откажал од луѓето и не престанал да им проповеда. Напротив, вложил уште поголем труд за да допре до нивното срце.

4. Кои четири работи од примерот на Исус ќе ги разгледаме?

4 Во оваа статија ќе разгледаме како Исус покажал ревност, особено во последните шест месеци од неговата служба. Ако учиме од она за кое тој поучувал и од она што тој го правел, и ние ќе може да останеме ревносни. Да ги разгледаме следниве четири работи кои може да ги научиме од него: 1) на Исус најважно му било да ја врши Јеховината волја, 2) ги имал на ум библиските пророштва, 3) се потпирал на Јехова за помош и 4) останал позитивен надевајќи се дека некои сепак ќе го слушаат.

НАЈВАЖНА МУ БИЛА ЈЕХОВИНАТА ВОЛЈА

5. Како Исус покажал дека најважно му било да ја врши Божјата волја?

5 Исус ревносно ја проповедал „добрата вест за Божјето царство“ затоа што знаел дека Бог сака тој да го прави тоа (Лука 4:43). На Исус, проповедањето на добрата вест му било најважното нешто во животот. Дури и при крајот на неговата служба, тој патувал „низ градовите и селата“ поучувајќи ги другите (Лука 13:22). Исто така, обучувал и други да ја проповедаат добрата вест (Лука 10:1).

6. Како проповедањето е поврзано со други задачи кои можеби ги имаме? (Види ја и сликата.)

6 И денес, проповедањето на добрата вест е најважното дело што Јехова и Исус сакаат да го вршиме (Мат. 24:14; 28:19, 20). Секоја задача што ја имаме во Јеховината организација е директно поврзана со проповедничкото дело. На пример, со тоа што учествуваме во изградба на теократски објекти или служиме во Бетел, придонесуваме да се задоволат потребите на подрачјето. Со тоа што учествуваме во акции за помош при катастрофи, не само што им доставуваме помош на нашите браќа и сестри туку и им помагаме да продолжат со своите духовни активности, во кои спаѓа и проповедањето. Ако сфаќаме колку е важно проповедањето и ако имаме на ум дека тоа е најважното дело што Јехова сака да го правиме, ќе бидеме поттикнати редовно да учествуваме во службата. Јанош, еден старешина во Унгарија, вели: „Се потсетувам дека ниту една теократска задача не може да го замени проповедањето; тоа е нашата главна задача“.

Денес, проповедањето на добрата вест е најважното дело кое Јехова и Исус сакаат да го извршуваме (види во пасус 6)


7. Зошто Јехова сака да продолжиме да проповедаме? (1. Тимотеј 2:3, 4).

7 Може да станеме поревносни во службата ако гледаме на луѓето онака како што гледа Јехова. Тој сака колку што е можно повеќе луѓе да ја чујат добрата вест и да ја прифатат. (Прочитај 1. Тимотеј 2:3, 4.) За таа цел, Јехова нѐ обучува за да можеме повешто да ја пренесуваме оваа животоспасувачка порака. На пример, во брошурата Сакај ги луѓето — поучувај ги за Бог има практични предлози за тоа како да започнуваме разговори со луѓето со цел да им помогнеме да станат ученици на Исус. Дури и да не ја прифатат пораката сега, можеби ќе имаат можност да го направат тоа пред да заврши големата неволја. Она што им го кажуваме сега можеби ќе ги поттикне да почнат да му служат на Јехова во иднина. Но тоа може да се случи само ако продолжиме да проповедаме.

ГИ ИМАЛ НА УМ БИБЛИСКИТЕ ПРОРОШТВА

8. Како тоа што Исус ги знаел библиските пророштва влијаело врз начинот на кој го користел своето време?

8 Исус разбирал како ќе се исполнат библиските пророштва. Тој знаел дека неговата служба ќе трае само три и пол години (Дан. 9:26, 27). Исто така, знаел што било проречено во врска со тоа кога и како ќе умре (Лука 18:31-34). Бидејќи го знаел сето ова, Исус го користел своето време на најдобар можен начин — ревносно проповедал за да го заврши делото кое му било доверено.

9. Зошто тоа што ги разбираме библиските пророштва нѐ поттикнува да проповедаме со ревност?

9 Тоа што ги разбираме библиските пророштва може да нѐ поттикне да проповедаме со ревност. Знаеме дека на овој свет му преостанува уште малку време. Гледаме дека настаните што се случуваат денес и ставовите на луѓето покажуваат дека се исполнува она што го прорекла Библијата за последните денови. Забележуваме како соперништвото меѓу англо-американската светска сила и Русија со нејзините сојузници е исполнување на пророштвото во врска со царот на југот и царот на северот „во времето на крајот“ (Дан. 11:40). Исто така, сфаќаме дека англо-американската светска сила е претставена со стапалата на кипот кој е опишан во Даниел 2:43-45. Уверени сме дека, како што покажува ова пророштво, скоро — многу скоро — Божјето Царство ќе ги уништи човечките влади. Сите овие пророштва откриваат каде се наоѓаме во струјата на времето и нѐ поттикнуваат да проповедаме со чувство на итност.

10. На кои други начини библиските пророштва можат да ја разгорат нашата ревност?

10 Библиските пророштва содржат и порака која сме желни да им ја пренесеме на другите. Кери, една сестра која служи во Доминиканската Република, вели: „Јеховините прекрасни ветувања за подобра иднина ме поттикнуваат да им ја пренесувам вистината на другите“. Таа додава: „Кога гледам какви проблеми имаат луѓето денес, сфаќам дека и тие треба да ги знаат овие ветувања“. Библиските пророштва нѐ поттикнуваат да продолжиме да проповедаме бидејќи знаеме дека Јехова стои зад ова дело. Лејла, која живее во Унгарија, вели: „Исаија 11:6-9 ме поттикнува да им ја кажувам добрата вест дури и на оние за кои мислам дека нема да ја прифатат. Знам дека, со Јеховина помош, секој може да се смени“. А Кристофер, еден брат од Замбија, вели: „Како што е проречено во Марко 13:10, добрата вест се шири низ целиот свет, и за мене е чест што можам да имам удел во исполнувањето на ова пророштво“. Кои библиски пророштва те поттикнуваат тебе да продолжиш да проповедаш?

СЕ ПОТПИРАЛ НА ЈЕХОВА ЗА ПОМОШ

11. Зошто Исус требало да се потпира на Јехова за помош за да продолжи ревносно да проповеда? (Лука 12:49, 53).

11 За да продолжи ревносно да проповеда, Исус се потпирал на Јехова за помош. Иако бил тактичен, Исус знаел дека добрата вест за Царството ќе предизвика вжештени расправии и дека ќе доведе до силно противење. (Прочитај Лука 12:49, 53.) Поради тоа што Исус проповедал, верските водачи повеќе пати се обиделе да го убијат (Јован 8:59; 10:31, 39). Но, тој продолжил да проповеда бидејќи знаел дека Јехова е со него. Исус рекол: „Не сум сам, туку со мене е Таткото, кој ме испрати... Не ме остави сам, бидејќи јас секогаш го правам она што нему му е по волја“ (Јован 8:16, 29).

12. Како Исус ги подготвил своите ученици да продолжат да проповедаат и покрај противење?

12 Исус ги потсетил своите ученици дека може да се потпираат на Јехова за помош. Тој секогаш одново ги уверувал дека Јехова ќе им помага, дури и кога ќе се соочат со прогонство (Мат. 10:18-20; Лука 12:11, 12). Бидејќи знаел дека ќе доживеат противење, ги поттикнал да бидат внимателни (Мат. 10:16; Лука 10:3). Ги поучил дека, ако луѓето не сакаат да ги слушаат, да не ги присилуваат на тоа (Лука 10:10, 11). И им рекол дека, ако бидат прогонувани, да избегаат на друго место (Мат. 10:23). Иако бил ревносен и имал доверба во Јехова, Исус не се изложувал непотребно на опасност (Јован 11:53, 54).

13. Зошто можеш да бидеш сигурен дека Јехова ќе ти помага?

13 И нам денес ни е потребна Јеховината помош за да продолжиме ревносно да проповедаме и покрај противењето со кое се соочуваме (Отк. 12:17). Зошто можеш да бидеш сигурен дека Јехова ќе те поддржува? Размисли за молитвата на Исус која е запишана во Јован поглавје 17. Исус побарал од Јехова да ги чува апостолите, и Јехова одговорил на неговата молитва. Во книгата Дела се зборува за тоа како Јехова им помогнал на апостолите ревносно да проповедаат и покрај прогонството. Исто така, Исус го молел Јехова да ги чува и оние кои ќе покажеле вера во пораката која апостолите ја проповедале. И ти си еден од нив. Јехова не престанал да одговара на молитвата на Исус. Тој ќе ти помага и тебе исто како што им помагал и на апостолите (Јован 17:11, 15, 20).

14. Од каде знаеме дека ќе можеме да останеме ревносни во службата на проповедање? (Види ја и сликата.)

14 Како што се приближува крајот, можеби ќе станува сѐ потешко да ја проповедаме добрата вест. Но, Исус нѐ уверува дека ќе ја добиеме помошта која ни е потребна за да продолжиме ревносно да ја вршиме оваа задача (Лука 21:12-15). Исто како Исус и неговите ученици, ние дозволуваме луѓето сами да одлучат дали ќе нѐ слушаат, и не се расправаме со нив. Дури и кога нашето дело е ограничено, браќата и сестрите продолжуваат да ја објавуваат добрата вест бидејќи се потпираат на Јехова, а не на својата сила. Исто како што во првиот век им давал сила на своите слуги, Јехова и нам денес ни дава сила за „да се изврши потполно проповедањето на добрата вест“ сѐ додека тој не каже дека делото е завршено (2. Тим. 4:17). Можеш да бидеш сигурен дека, ако се потпираш на Јехова, ќе можеш да продолжиш ревносно да проповедаш.

Дури и кога делото е ограничено, нашите ревносни браќа и сестри наоѓаат начини претпазливо да ја објавуваат добрата вест (види во пасус 14) b


ОСТАНАЛ ПОЗИТИВЕН

15. Што покажува дека Исус гледал позитивно на службата на проповедање?

15 Исус задржал позитивен став во врска со проповедничкото дело — бил уверен дека ќе има луѓе кои ќе ја слушаат добрата вест. Тоа му помогнало да продолжи радосно и трудољубиво да проповеда. На пример, при крајот на 30 год. од н.е., Исус видел дека многумина се спремни да ја чујат добрата вест, и ги споредил со поле кое е зрело за жетва (Јован 4:35). Околу една година подоцна, тој им рекол на своите ученици: „Жетвата е голема“ (Мат. 9:37, 38). И подоцна, тој повторно нагласил: „Жетвата е голема... Молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (Лука 10:2). Исус никогаш не изгубил од вид дека ќе има луѓе кои ќе сакаат да ја слушаат добрата вест, и се радувал кога го гледал тоа (Лука 10:21).

16. Кое позитивно гледиште за службата се забележува во споредбите што ги кажал Исус? (Лука 13:18-21; види ја и сликата).

16 Исус им помогнал на своите ученици да останат ревносни така што ги поучил дека пораката што ја проповедаат носи извонредни резултати. На пример, да разгледаме две споредби кои ги кажал. (Прочитај Лука 13:18-21.) Во едната од нив, Исус ја споредил пораката за Царството со мало синапово зрно од кое израснува огромно дрво. Тоа значело дека пораката за Царството ќе се ширела на неверојатен начин и дека ништо немало да може да го спречи таквиот раст. Во другата споредба, тој ја споредил пораката за Царството со квасец. Со тоа покажал дека пораката за Царството ќе се рашири насекаде и дека ќе предизвика промени кај луѓето кои нема да бидат веднаш видливи. Така, Исус им помогнал на учениците да увидат дека пораката која ја проповедаат ќе им помогне на многумина.

Исто како Исус, остануваме позитивни, односно уверени сме дека некои ќе ја прифатат добрата вест (види во пасус 16)


17. Кои причини ги имаме за да задржиме позитивен став за службата?

17 Кога размислуваме за тоа како проповедничкото дело им помага на многу луѓе низ целиот свет, поттикнати сме и понатаму ревносно да проповедаме. Секоја година, милиони заинтересирани лица присуствуваат на Спомен-свеченоста и почнуваат да ја проучуваат Библијата. Стотици илјади лица се крштаваат и ни се придружуваат во проповедањето. Не знаеме уште колку луѓе ќе ја прифатат добрата вест, но знаеме дека Јехова собира едно големо мноштво кое ќе ја преживее претстојната голема неволја (Отк. 7:9, 14). Јехова е Господарот на жетвата и тој е уверен дека уште многу луѓе ќе ја прифатат добрата вест. Затоа, имаме добра причина да продолжиме да проповедаме.

18. Што сакаме другите да забележат кај нас?

18 Вистинските ученици на Исус отсекогаш ревносно ја проповедале добрата вест. Кога луѓето виделе со колкава смелост и воодушевеност сведочеле апостолите, ги препознале дека тие биле со Исус (Дела 4:13). И ние сакаме да ја проповедаме добрата вест со смелост и со воодушевеност, и така луѓето ќе можат да забележат дека и ние го следиме примерот на Исус.

ПЕСНА 58 Да ги бараме кротките!

a ПОЈАСНУВАЊЕ: Во оваа статија, зборот „ревност“ укажува на жарот и на воодушевеноста со кои христијаните го обожаваат Јехова.

b ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат претпазливо му сведочи на еден човек на бензинска станица.