Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Живеј во склад со молитвата Оченаш — втор дел

Живеј во склад со молитвата Оченаш — втор дел

„Вашиот Татко знае што ви треба“ (МАТ. 6:8)

1-3. Зошто една сестра е уверена дека Јехова знае што ни треба?

ЛАНА, која служи како општ пионер, никогаш нема да го заборави она што ѝ се случило кога била во Германија, летото 2012 год. Таа е уверена дека Бог ѝ одговорил на две конкретни молитви. Додека патувала со воз до аеродромот, Лана го молела Јехова да ѝ помогне да му проповеда некому. Кога стигнала таму, ѝ кажале дека нејзиниот лет е одложен за следниот ден. Таа повторно го молела Јехова за помош бидејќи ги имала потрошено речиси сите пари и немала каде да преспие.

2 Само што ја завршила молитвата, чула како некој ѝ вели: „Еј, Лана, здраво, што правиш ти овде?“ Младиот човек кој ѝ се обратил бил нејзин поранешен соученик, кој чекал да се качи на авион за Јужноафриканската Република. Заедно со него биле мајка му и баба му, кои дошле да го испратат. Кога Лана им кажала за својата ситуација, мајката, Елке, ја поканила да преспие кај нив. Таа и бабата ѝ укажале срдечно гостопримство, и ѝ поставувале многу прашања за нејзините верувања и за полновремената служба.

3 Следното утро, откако појадувале, Лана им одговорила на уште многу други прашања во врска со Библијата. Потоа ги прашала дали сакаат некој да ги посети. Тие се согласиле и ѝ дале информации за контакт. Лана се вратила безбедно дома, и сѐ уште служи како општ пионер. Таа е уверена дека Јехова ги слушнал нејзините молитви и ѝ ја дал потребната помош (Пс. 65:2).

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Кога неочекувано ќе се соочиме со некој проблем, веројатно не ни е тешко да го молиме Јехова за помош, а тој со задоволство ги слуша таквите молитви (Пс. 34:15; Изр. 15:8). Но, од молитвата Оченаш учиме дека има и други, поважни работи за кои треба да се молиме, а кои понекогаш можеби ги забораваме. Во оваа статија ќе видиме како последните четири барања од оваа молитва можат да ни помогнат да му останеме верни на Јехова. (Прочитај Матеј 6:11-13.)

„ЛЕБОТ НАШ ЗА ОВОЈ ДЕН ДАЈ НИ ГО ДЕНЕС“

5, 6. Зошто треба да се молиме за „лебот наш“ дури и ако имаме доволно во материјален поглед?

5 Исус рекол да се молиме за „лебот наш“, а не за „лебот мој“. Виктор, еден покраински надгледник од Африка, објаснува: „Честопати од срце му благодарам на Јехова што јас и жена ми не мора премногу да мислиме од каде ќе дојде нашиот следен оброк и дали ќе можеме да ја платиме станарината. Нашите браќа со љубов се грижат за нас секој ден. Но, го молам Јехова да им помага ним да се справат со економските притисоци со кои се соочуваат“.

6 Можеби ние имаме доволно храна, но мнозина од нашите браќа живеат во немаштија или се погодени од катастрофи. Освен што треба да се молиме за нив, треба и да постапуваме во склад со тие молитви. На пример, можеме да го делиме она што го имаме со нашите браќа кои имаат потреба од помош. А можеме и редовно да даваме прилози за меѓународното дело бидејќи знаеме дека тие пари ќе се потрошат на мудар начин (1. Јов. 3:17).

7. Каква споредба дал Исус за да покаже дека никогаш не треба да бидеме „загрижени за утрешниот ден“?

7 Кога го спомнал ‚лебот за овој ден‘, Исус очигледно сакал да каже дека треба да се молиме само за она што ни е неопходно за тој ден. Потоа рекол дека Јехова ги облекува полските растенија, и додал: „Нема ли многу повеќе да ве облече вас, маловерни? Затоа немојте да бидете загрижени и да велите:.. ‚Што ќе облечеме?‘“ На крајот заклучил повторувајќи го следниов важен совет: „Не бидете загрижени за утрешниот ден“ (Мат. 6:30-34). Ова покажува дека не треба да бидеме преокупирани со материјалните работи, туку дека треба да бидеме среќни ако секој ден ни се задоволени основните потреби. На пример, може да го молиме Јехова да имаме покрив над главата, вработување за да се грижиме за семејството и мудрост за да се справиме со здравствените проблеми. Но, има нешто уште поважно за кое треба да се молиме — тоа се нашите духовни потреби.

8. На што треба да нѐ потсетат зборовите ‚лебот за овој ден‘, кои ги спомнал Исус во молитвата? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

8 Зборовите ‚лебот за овој ден‘ треба да нѐ потсетат и на нашата потреба за духовна храна. Нашиот Господар рекол: „Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (Мат. 4:4). Затоа и понатаму треба да го молиме Јехова да ни дава духовна храна во право време.

„ПРОСТИ НИ ГИ НАШИТЕ ДОЛГОВИ“

9. Зошто може да се каже дека нашите гревови се како „долгови“?

9 Зошто Исус во една прилика рекол: „Прости ни ги нашите долгови“, а во друга: „Прости ги нашите гревови“? (Мат. 6:12; Лука 11:4). Затоа што во некоја смисла гревовите се како долгови. Во Стражарска кула од 1951 год. било објаснето дека, ‚кога грешиме, го кршиме Божјиот закон, и со тоа се задолжуваме кај Јехова. Тој би можел да го раскине пријателството со нас и да побара за гревот да платиме со живот. Освен тоа, ние сме должни да му покажуваме љубов со нашата послушност‘. Но, кога сме му непослушни на Јехова и ‚правиме грев, ние не си го отплаќаме долгот, односно не му ја даваме љубовта што му ја должиме‘ (1. Јов. 5:3).

10. Зошто Јехова може да ни ги прости гревовите, и како треба да гледаме на тоа?

10 Колку сме благодарни што Јехова ја дал откупната жртва на Исус за да ни ги прости гревовите! Нам ни е потребно простување секој ден. Иако откупнината била платена пред речиси 2.000 години, треба да гледаме на неа како на дар што сме го добиле денес. „Откупнината“ за нашите животи „е толку висока“ што ниту еден несовршен човек не може да ја плати. (Прочитај Псалм 49:7-9; 1. Петрово 1:18, 19.) Исто така, изразот „нашите гревови“ треба да нѐ потсети дека, освен нам лично, откупнината им е потребна и на сите наши браќа и сестри. Јехова сака да размислуваме не само за нашето духовно добро туку и за доброто на другите, вклучувајќи ги дури и оние што можеби ни згрешиле. Таквите грешки обично се помали и ни даваат можност да покажеме дека навистина ги сакаме нашите браќа и дека сме спремни да простуваме, исто како што Бог милостиво ни простил нам (Кол. 3:13).

Ако сакаш Бог да ти прости, простувај им на другите (Види во пасус 11)

11. Зошто е важно спремно да простуваме?

11 За жал, како несовршени луѓе, понекогаш држиме лутина и не ни е лесно да простиме кога некој ќе ни згреши (3. Мој. 19:18). Ако зборуваме наоколу за тоа, тогаш другите можеби ќе заземат страна и ќе дојде до поделби во собранието. Ако дозволиме ваквата ситуација да потрае, нема да покажеме доволно ценење за Божјата милост и за откупнината. Доколку не сме спремни да простиме, нашиот Татко ќе престане да ја применува на нас откупната жртва на својот Син (Мат. 18:35). Исус го објаснил ова веднаш откако им кажал на учениците како да се молат. (Прочитај Матеј 6:14, 15.) Освен тоа, за да извлечеме корист од Божјето простување, мора да се трудиме да не направиме тежок грев (1. Јов. 3:4, 6).

„НЕ ВОВЕДУВАЈ НЀ ВО ИСКУШЕНИЕ“

12, 13. а) Што му се случило на Исус кратко откако се крстил? б) Зошто не треба да ги обвинуваме другите ако подлегнеме на некое искушение? в) Што докажал Исус со тоа што останал верен до смрт?

12 Зборовите „не воведувај нѐ во искушение“ нѐ потсетуваат на она што му се случило на Исус кратко откако се крстил. Божјиот дух го одвел во пустината „за Ѓаволот да го искуша“ (Мат. 4:1; 6:13). Зошто Јехова дозволил неговиот Син да биде искушан? Па, која била главната причина зошто Бог го испратил Исус на Земјата? Тој дошол за да одговори на спорното прашање кое било покренато кога Адам и Ева го отфрлиле Јеховиното владеење. Всушност, со нивната побуна се покренале неколку прашања кои не можеле веднаш да бидат одговорени. Некои од нив биле: Дали Бог направил грешка во начинот на кој ги создал луѓето? Дали било можно совршен човек да му остане верен на Јехова и покрај искушенијата од „Злобниот“? И, дали на луѓето ќе им биде подобро ако владеат без Бог? (1. Мој. 3:4, 5). Било потребно време за да се одговорат овие прашања. Но, одговорот ќе им покажел на сите суштества обдарени со разум дека Јеховиниот начин на владеење е најдобар.

13 Јехова е свет и затоа никогаш не искушува никого со зло. Напротив, Ѓаволот е „Искушувачот“ (Мат. 4:3). Тој се обидува да нѐ искушува на разни начини. Но, секој од нас има избор и може да одлучи дали ќе подлегне на искушението или не. (Прочитај Јаков 1:13-15.) Кога Сатана го искушувал, Исус веднаш се спротивставувал така што цитирал соодветна мисла од Божјата Реч. На тој начин, Исус го поддржал Бог како Севишен Владетел. Сепак, Ѓаволот не се откажал, туку чекал „друг поволен момент“ (Лука 4:13). Но, сеедно што правел Сатана, Исус секогаш му бил послушен на Јехова како на свој Владетел. Тој докажал дека еден совршен човек може да му остане верен на Бог дури и кога ќе се најде на најтешкиот испит. И покрај тоа, Сатана продолжува да ги искушува следбениците на Исус, вклучувајќи те и тебе.

14. Што треба да правиме за да не подлегнеме на искушенијата?

14 Бидејќи сѐ уште не е даден конечен одговор на спорното прашање во врска со Божјата врховна власт, Јехова му дозволува на Искушувачот да го користи овој свет за да нѐ става на испити. Бог не ‚нѐ воведува во искушение‘, односно не нѐ искушува. Напротив, тој има доверба во нас и сака да ни помогне. Сепак, затоа што ја почитува нашата слободна волја, Јехова дозволува самите да одлучиме дали ќе му бидеме верни или не. За да не подлегнеме на искушенијата, треба да направиме две работи — да останеме блиски со него и да истраеме во молитва. Како Јехова одговара на нашите молитви?

Остани близок со Јехова и зачувај ја ревноста за службата (Види во пасус 15)

15, 16. а) На кои искушенија треба да им се спротивставиме? б) Кој е виновен ако подлегнеме на некое искушение?

15 Јехова ни го дава својот моќен свет дух, кој може да нѐ зајакне и да ни помогне да им се спротивставиме на искушенијата. Бог исто така однапред нѐ предупредува за опасностите преку својата Реч и собранието. На пример, нѐ предупредува да не трошиме премногу пари, време и сила на материјални работи кои не ни се неопходни. Еспен и Јана живеат во една богата земја во Европа. Тие со години служеле како општи пионери во својата земја на место каде што има поголема потреба од објавители. Кога им се родило првото дете, престанале со пионерската служба, а сега имаат и второ дете. Еспен вели: „Често го молиме Јехова да не паднеме во искушение сега кога не можеме да минуваме толку време во теократски активности како порано. Го молиме да ни помогне да останеме блиски со него и да ја зачуваме нашата ревност за службата“.

16 Друго искушение од кое мора да се чуваме е порнографијата. Ако подлегнеме на искушението да гледаме порнографија, не можеме да го обвинуваме Сатана. Зошто? Затоа што тој и неговиот свет не можат да нѐ присилат да направиме нешто ако не сакаме. Некои попуштиле на ова искушение затоа што не ги отфрлиле погрешните мисли. Сепак, слично на илјадници наши соверници, и ние можеме да се спротивставиме на порнографијата (1. Кор. 10:12, 13).

„ИЗБАВИ НЀ ОД ЗЛОБНИОТ“

17. а) Како можеме да живееме во склад со барањето да бидеме избавени од Злобниот? б) Какво олеснување ни претстои наскоро?

17 За да живееме во склад со барањето „избави нѐ од Злобниот“, мора да се трудиме да не бидеме „дел од светот“ на Сатана. Не смееме да го сакаме „ниту светот ниту она што е во светот“ (Јован 15:19; 1. Јов. 2:15-17). За тоа е потребна постојана борба. Колкаво олеснување ќе доживееме кога Јехова ќе одговори на оваа молба така што ќе го отстрани Сатана и неговиот злобен свет! Но, не смееме да заборавиме дека Ѓаволот сега е многу гневен бидејќи знае дека има кратко време. Затоа прави сѐ што може за да ја скрши нашата беспрекорност. Од таа причина мора да го молиме Јехова да нѐ избави од него (Отк. 12:12, 17).

18. Што мора да продолжиме да правиме за да го преживееме крајот на Сатановиот свет?

18 Дали сакаш да живееш во свет во кој ќе го нема Сатана? Ако да, тогаш продолжи да се молиш да дојде Божјето Царство за да се посвети Божјето име и за да се врши Божјата волја на Земјата. Потпирај се на Јехова да ги задоволи твоите духовни и телесни потреби. Биди решен да живееш во склад со молитвата Оченаш!