Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Ни за миг не ја заборавив мојата прва љубов кон Јехова

Ни за миг не ја заборавив мојата прва љубов кон Јехова

ВО ПОЧЕТОКОТ на летото во 1970 год., лежев во воената болница Вели Форџ во Фениксвил (Пенсилванија, САД). Болничарот ми го мереше притисокот на секој половина час. Како 20-годишен војник, бев примен во болницата со тешка инфекција. Болничарот, кој беше само неколку години постар од мене, не можеше да ја скрие загриженоста. Бидејќи притисокот продолжи да ми паѓа, го прашав: „Досега никој не умрел пред твои очи, а?“ Тој пребледе како крпа, и одговори: „Не“.

Во тој миг, изгледаше како за мене да нема никаква надеж. Но, како се најдов во таа болница? Да ви раскажам нешто за мојот живот.

МОЈАТА ПРВА СРЕДБА СО ВОЈНАТА

Се разболев во војната во Виетнам, додека работев како медицински техничар во една оперативна сала. Многу сакав да им помагам на болните и повредените, и имав цел да станам хирург. Пристигнав во Виетнам во јули 1969 год. Како и другите нови војници, и јас добив една слободна седмица за да се привикнам на друга временска зона и на речиси неподносливата жештина.

Кратко откако се јавив на должност во хируршката болница, која беше сместена во утоката на реката Меконг, во Донг Там, почнаа да пристигнуваат многу хеликоптери полни со повредени војници. Бидејќи имав патриотски чувства и ја сакав работата, бев спремен веднаш да почнам. Ранетите брзо беа подготвувани за операција, а потоа беа внесувани во климатизираните метални бараки кои служеа како оперативни сали. Во тие мали простории работеа тимови составени од хирург, анестезиолог и уште две други медицински лица кои асистираа при операциите. Тие даваа сѐ од себе за да ги спасат ранетите војници. Но, забележав дека во хеликоптерите имаше и големи, црни кеси кои не беа истоварани. Подоцна разбрав дека во нив се наоѓаат делови од телата на војниците кои биле разнесени во битките. Ова беше мојата прва средба со војната.

МОЈАТА ПОТРАГА ПО БОГ

Уште како млад имав чуено за библиската вистина

Уште како млад имав чуено за библиската вистина што ја проповедаат Јеховините сведоци. Тие ја проучуваа Библијата со мојата драга мајка, но таа никогаш не се крсти. Кога доаѓаа, јас седев со нив и уживав да го слушам разговорот што го водеа со мајка ми. Отприлика во истото време, поминавме заедно со очувот покрај една сала каде што Јеховините сведоци одржуваа состаноци. Го прашав: „Што е тоа?“ А тој ми рече: „Немој да си им се приближил на тие луѓе!“ Бидејќи го сакав и му верував, го послушав неговиот совет. Така изгубив контакт со Сведоците.

Откако се вратив од Виетнам, почувствував дека ми е потребен Бог. Поради болните спомени, бев емоционално исцрпен. Ми се чинеше дека никој нема вистинска слика за тоа што, всушност, се случува во Виетнам. Се сеќавам дека, во тогашните демонстрации, американските војници беа нарекувани убијци на бебиња бидејќи имаше извештаи дека во војната биле масакрирани невини деца.

За да ја згаснам својата духовна жед, почнав да посетувам богослужби во разни цркви. Отсекогаш сум го сакал Бог, но не ми се допаѓаше она што го гледав во црквите. На крајот, сепак отидов во една Сала на Јеховините сведоци, во Делреј Бич (Флорида). Тоа беше во февруари 1971 год.

Кога влегов во салата, јавното предавање беше при крај, но останав да седам и на Проучувањето на Стражарска кула. Иако не памтам за што се дискутираше, сѐ уште се сеќавам на дечињата кои ги вртеа листовите на Библијата за да ги најдат стиховите. Тоа навистина ми остави многу силен впечаток! Внимателно слушав и набљудував. Кога тргнав да си одам, ми пристапи еден мил брат кој имаше 80-тина години. Се викаше Џим Гарднер. Тој ми ја подаде книгата Вистина која води до вечен живот, и ме праша: „Ќе сакаш ли да ја земеш оваа книга?“ Се договоривме да се најдеме во четврток претпладне за да почнам да ја проучувам Библијата.

Истиот тој ден кога појдов на состанок, бев трета смена на работа — од 23 часот до 7 часот наутро. Работев во одделот за прва помош во една приватна болница во Бока Ратон (Флорида). Бидејќи таа ноќ немаше многу работа, имав време да ја читам книгата. Но, ми пријде главната сестра, ми ја грабна од рацете и ја погледна корицата, па извика: „Зарем и ти ќе станеш еден од нив?!“ Ѝ ја зедов книгата од рацете, и ѝ реков: „Ја прочитав само до половина, но ми се чини дека навистина ќе станам!“ Таа ме остави на мира, и до утрото успеав да ја прочитам целата книга.

Џим Гарднер, помазан брат кој се познаваше лично со Чарлс Расел, ја проучуваше Библијата со мене

Кога се сретнавме со брат Гарднер во четвртокот, веднаш го прашав: „Што ќе проучуваме?“ А тој ми одговори: „Книгата што ти ја дадов“. „Но, јас веќе ја прочитав“, реков. Брат Гарднер љубезно ми предложи: „Ајде сепак да го разгледаме првото поглавје“. Не можев да верувам колку многу работи сум пропуштил додека ја читав книгата сам! Тој ме поттикна да побарам многу стихови во мојата Библија. Конечно почнав да учам за вистинскиот Бог, Јехова. Тоа утро, брат Гарднер, кого јас си го викав Џим, проучуваше со мене три поглавја од книгата Вистина. Оттогаш, секој четврток претпладне проучувавме по три поглавја. Навистина уживав во тоа. За мене беше огромна чест што ме поучуваше еден помазан брат, кој лично се познавал со Чарлс Расел!

По неколку седмици, ми беше одобрено да одам во служба. Џим ми помагаше во врска со многу работи, а ми помогна и да научам да проповедам од куќа до куќа (Дела 20:20). Додека заедно соработувавме, многу ја засакав службата. Сѐ уште ја сметам за најголема можна чест. Нема ништо поубаво од тоа да бидеш Божји соработник! (1. Кор. 3:9).

МОЈАТА ПРВА ЉУБОВ КОН ЈЕХОВА

Сега да ви кажам нешто за една многу лична работа — за мојата прва љубов кон Јехова (Отк. 2:4). Таа ми помогна да се справам со болните спомени од војната и со многу други неволји (Иса. 65:17).

Љубовта кон Јехова ми помага да се справам со болните спомени од војната и со многу други неволји

Се крстив во јули 1971 год. на Обласниот конгрес „Божјето име“, на стадионот Јенки

Јасно се сеќавам на еден посебен ден во пролетта 1971 год. Во тоа време живеев во стан кој беше во сопственост на моите родители. Но, кратко пред тоа, мојот очув ме избрка од таму затоа што не сакаше да дозволи на неговиот имот да живее ниту еден Јеховин сведок! Кога се случи тоа, немав многу пари. Болницата ми плаќаше на секои две седмици, а јас штотуку потрошив поголем дел од парите на облека за да одам во служба и достоинствено да го претставувам Јехова. Иако имав заштедено мала сума, тие пари беа во банка во Мичиген, каде што пораснав. Затоа морав неколку дена да живеам во колата, а се миев и се бричев во тоалетите на бензинските пумпи.

Еден од тие денови, пристигнав во салата два часа пред да почне состанокот за проповедање. Само што ми заврши смената во болницата. Додека чекав да пристигнат другите, останав во колата, скриен од очите на минувачите. Одеднаш, почнаа да ми навираат спомени од Виетнам — несносна миризба на изгорено човечко месо и грозоморни крвави сцени. Во мислите можев да ги слушам и јасно да ги видам младите војници кои со молбен глас ме прашуваа: „Ќе преживеам ли? Ќе преживеам ли?“ Иако знаев дека ќе умрат, се обидував да ги утешам најдобро што можев, трудејќи се да не ги гледам во очи за да не ја откријат вистината во мојот поглед. Додека седев во колата, ме обзеде неопислива тага и болка.

Давам сѐ од себе за да не ја заборавам ни за миг мојата прва љубов кон Јехова, особено кога се соочувам со неволји и тешкотии

Се молев со лицето облеано во солзи (Пс. 56:8). Почнав да размислувам длабоко за надежта за воскресение. Тогаш сфатив: преку воскресението, Јехова ќе го отстрани сето страдање предизвикано од крвопролевањето, како и душевната болка која ме измачуваше и мене и многу други. Бог ќе ги врати во живот тие млади луѓе, и ќе им даде можност да ја дознаат вистината за него (Дела 24:15). Во тој момент, срцето ми се исполни со љубов кон Јехова. Чувствував како таа продира длабоко во мене и навлегува во секоја пора од моето битие. Тој ден ми остана во неизбришливо сеќавање. Оттогаш наваму, давам сѐ од себе за да не ја заборавам ни за миг мојата прва љубов кон Јехова, особено кога се соочувам со неволји и тешкотии.

ЈЕХОВА БЕШЕ ДОБАР КОН МЕНЕ

Кога има војна, луѓето прават ужасни работи. И јас не бев исклучок. Но, ми помага тоа што размислувам за неколку мои омилени стихови. Првиот е од Откровение 12:10, 11, каде што се вели дека Ѓаволот ќе биде победен не само со нашето сведочење туку и со крвта на Јагнето. Другиот стих е во Галатите 2:20. Тој ми покажува дека Исус Христос умрел „за мене“. Јехова ме гледа мене низ крвта на Исус, и ми го простил она што сум го направил. Ова ми помага да зачувам чиста совест и ме поттикнува да правам сѐ што можам за да им помогнам и на другите да ја дознаат вистината за нашиот милостив Бог, Јехова! (Евр. 9:14).

Кога размислувам за мојот живот, сфаќам дека Јехова секогаш се грижел за мене. На пример, истиот ден кога Џим дозна дека живеам во колата, ми кажа дека една сестра издава соби. Уверен сум дека Бог ги употреби Џим и таа драга сестра за да ми обезбеди покрив над главата. Јехова е толку добар! Тој навистина се грижи за своите верни слуги.

УЧАМ ДА ГИ УРАМНОТЕЖАМ РЕВНОСТА И ТАКТИЧНОСТА

Во мај 1971 год., морав да одам во Мичиген за да завршам некоја работа. Пред да си заминам од собранието во Делреј Бич, го наполнив багажникот на колата со литература и тргнав по автопатот на север. Пред да поминам половина од патот, багажникот веќе беше празен. Ревносно ја проповедав добрата вест за Царството на секакви места. Попат застанував за да оставам литература во затворите, па дури им давав трактати и на луѓето што ги среќавав во тоалетите во одморалиштата. До ден-денес се прашувам дали некое од тие семиња што ги посеав некогаш роди плод (1. Кор. 3:6, 7).

Сепак, морам да признаам дека во почетокот, кога ја дознав вистината, не бев многу тактичен, особено кон членовите на моето најблиско семејство. Бидејќи првата љубов кон Јехова гореше толку силно во мене, им проповедав храбро, но директно и без заобиколување. Многу ги сакам моите браќа, Џон и Рон, и упорно се обидував да им ја наметнам вистината. Подоцна им се извинив затоа што постапував необѕирно кон нив. Но, не престанав да се молам да ја прифатат вистината. Оттогаш, Јехова ме поучи, и сега проповедам и ги поучувам другите на многу потактичен начин (Кол. 4:6).

ДРУГИ ВАЖНИ ЛИЧНОСТИ ВО МОЈОТ ЖИВОТ

Иако не ја заборавам мојата прва љубов кон Јехова, во мојот живот има и други личности кои многу ми значат. Втора љубов ми е мојата скапоцена жена, Сузан. Сакав да имам сопруга која ќе ме поддржува во службата за Јехова. Сузан е духовно јака жена. И денес живо се сеќавам како еднаш, додека сѐ уште се запознававме, појдов кај нејзе дома. Таа седеше на верандата од нивната семејна куќа во Кранстон (Роуд Ајленд). Читаше Стражарска кула и ги бараше стиховите во Библијата. Но, најголем впечаток ми остави тоа што ги читаше стиховите кои беа наведени во една од дополнителните статии. Си помислив: ‚Е ова е духовна жена!‘ Се зедовме во декември 1971 год., и благодарен сум што оттогаш таа е крај мене и верно ме поддржува. Кај неа најмногу го ценам тоа што го сака Јехова повеќе отколку што ме сака мене.

Со жена ми, Сузан, и нашите синови, Пол и Џеси

Јас и Сузан имаме два сина, Џеси и Пол. Додека растеа, Јехова беше со нив (1. Сам. 3:19). Многу сме среќни што со сето срце ја прифатија вистината. Тие и понатаму му служат на Јехова бидејќи и самите не ја забораваат својата прва љубов кон него. И двајцата се во полновремена служба повеќе од 20 години. А се гордеам и со моите две прекрасни снаи, Стефани и Ракел, кои ги сакам како свои родени ќерки. И двата сина се оженија со духовни жени кои го сакаат Јехова со сето свое срце и душа (Еф. 6:6).

Уживавме да проповедаме како семејство на ретко обработувани подрачја

По моето крштавање, служев 16 години во Роуд Ајленд, каде што стекнав добри пријатели. Имам прекрасни спомени од тоа време кога служев заедно со некои верни и самопожртвувани старешини. Освен тоа, благодарен сум им и на многуте патувачки надгледници кои имаа добро влијание врз мене. Колку голема чест е да се служи со луѓе кои не ја оставиле својата прва љубов кон Јехова! Во 1987 год., се преселивме во Северна Каролина за да служиме на место каде што имаше поголема потреба од објавители, и таму стекнавме уште многу други блиски пријатели. *

Водам состанок за проповедање како патувачки надгледник

Во август 2002 год., јас и Сузан ја прифативме поканата да станеме дел од бетелското семејство на САД, во Патерсон. Јас бев доделен во Службеното одделение, а Сузан служеше во пералницата. Таа уживаше во својата задача! Потоа, во август 2005 год., добив чест да служам како член на Водечкото тело. Се почувствував мал и безначаен во однос на таа огромна одговорност. Мојата драга жена се плашеше од самата помисла на таа одговорна задача, како и на обврските и патувањата кои беа вклучени во неа. Сузан никогаш не сакаше да лета со авион, но сега често го правиме тоа! Таа вели дека советите кои со љубов ѝ ги даваат сопругите на другите членови на Водечкото тело многу ѝ помагаат да биде решена да ме поддржува колку што е можно повеќе. Навистина го прави тоа, и затоа многу ја сакам.

Во мојата канцеларија чувам безброј слики што многу ми значат! Тие ме потсетуваат на прекрасниот живот што го водев. Уште сега имам многу благослови затоа што давам сѐ од себе за да не ја заборавам ни за миг мојата прва љубов кон Јехова!

Многу се радувам кога сум заедно со моето семејство

^ пас. 31 Детали за полновремената служба на брат Морис можат да се најдат на страница 26 во Стражарска кула од 15 март 2006.