Јехова богато го благословува спремниот дух
НАШИОТ Творец ги удостоил луѓето со еден скапоцен дар — слободната волја. Освен тоа, тој богато ги благословува оние кои несебично ја користат својата слободна волја за да му служат, и кои го прават својот дел за да се посвети неговото име и да се поддржи неговата величествена намера. Јехова не сака да му бидеме послушни механички, затоа што нѐ присилил или ни се заканил. Наместо тоа, многу цени кога сме му оддадени од срце и кога сме мотивирани од искрена љубов и длабоко ценење.
На пример, кога Израелците биле во пустината Синај, Јехова им дал упатства како да му изградат место каде што ќе го обожаваат. Тој рекол: „Соберете меѓу себе прилог за Јехова. Секој што има спремно срце нека донесе... прилог за Јехова“ (2. Мој. 35:5). Секој Израелец можел да даде што имал, и секој доброволен прилог — без оглед на тоа каков или колкав бил — можел да се употреби на соодветен начин за да се изврши Божјата намера. Каков бил одѕивот?
„Секој кого го наведе срцето да го стори тоа“ и „секој што сакаше“, даваше доброволен прилог со „спремно срце“. За работата што се извршувала по Јеховина заповед, мажите и жените доброволно приложувале брошови, обетки, прстени, злато, сребро, бакар, сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна, светло-црвен материјал, фин лен, козји влакна, црвено бојадисани овнешки кожи, фокини кожи, дрво акација, скапоцени камења, балсам и масло. На крајот имало „доволно од сѐ за да се заврши сета работа, па дури и многу повеќе“ (2. Мој. 35:21-24, 27-29; 36:7).
Она што најмногу го израдувало Јехова не биле материјалните работи, туку спремниот дух на оние што давале за да се изгради светиот шатор. Израелците ги давале како прилог и своето време и труд. „Сите вешти жени предеа со своите раце“, пишува во Библијата. Да, ,сите вешти жени, чие срце ги поттикнувало на тоа, пределе козји влакна‘. Освен тоа, Јехова му дал на Веселеил „мудрост, разбирање и знаење за секакви занаетчиски работи“. Всушност, Бог ги надарил Веселеил и Олијав со вештините кои им биле потребни за да ја извршат сета работа што им била дадена (2. Мој. 35:25, 26, 30-35).
Кога Јехова им рекол на Израелците да даваат прилози, имал целосна доверба дека секој со „спремно срце“ ќе го поддржи обожавањето на вистинскиот Бог. Народот навистина бил дарежлив и Јехова го благословил така што му дал водство и неизмерна радост. Така Јехова покажал дека, кога го благословува спремниот дух на своите слуги, има доволно парични средства и стручен кадар за да се исполни неговата волја (Пс. 34:9). Додека несебично му служиш на Јехова, тој сигурно ќе го благослови и твојот спремен дух.