ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Мојот живот во службата за Царството
Еден ден во 1947 год., мисионерскиот дом во Санта Ана (Ел Салвадор) беше нападнат. Додека браќата го одржуваа седмичното проучување на Стражарска кула, некои деца почнаа да фрлаат големи камења низ отворената врата на мисионерскиот дом. Потоа се појави насилна толпа која ја предводеа католички свештеници. Некои од нив држеа запалени факли, а други носеа религиозни кипови. Цели два часа го засипуваа домот со камења, и викаа: „Да живее Дева Марија! Смрт за Јехова!“ Со тоа сакаа да ги заплашат мисионерите и да ги натераат да си заминат од градот. Ова го видов со свои очи бидејќи бев меѓу мисионерите на тој состанок пред 67 години. *
ДВЕ години пред тоа, јас и Евелин Траберт дипломиравме во четвртиот клас на Школата Гилеад која тогаш се одржуваше во близина на Итака (Њујорк). Ние двете бевме испратени да служиме заедно во Санта Ана. Но, пред да ви раскажам за мојот мисионерски живот, да ви објаснам зошто одлучив да се посветам на оваа служба која ја вршев речиси 29 години.
МОЕТО СЕМЕЈСТВО ЈА ДОЗНАВА ВИСТИНАТА
Родена сум во 1923 год. во Споукан (Вашингтон, САД). Моите родители, Џон и Ева Олсон, припаѓаа на Лутеранската црква, но не го прифаќаа учењето за пекол бидејќи не можеа да веруваат дека еден Бог на љубовта би ги мачел луѓето (1. Јов. 4:8). Татко ми работеше во пекара. Еднаш, додека бил ноќна смена, еден колега му покажал од Библијата дека Бог не ги мачи луѓето во пекол. Наскоро, моите родители почнаа да проучуваат со Јеховините сведоци и дознаа што навистина вели Божјата Реч за смртта.
Иако имав само девет години, сѐ уште се сеќавам колку се радуваа моите родители кога ја дознаа библиската вистина. Тие беа уште повоодушевени кога сфатија дека вистинскиот Бог се вика Јехова и дека тројството не е библиско учење. Татко ми и мајка ми ме поучуваа и мене за ‚вистината која ослободува‘, а јас ја впивав како сунѓер (Јован 8:32). Никогаш не ми беше досадно да ја проучувам Библијата, секогаш уживав во тоа. Иако бев срамежлива, одев во служба со моите родители. Тие се крстија во 1934 год., а јас се крстив во 1939 год., кога имав 16 години.
Летото 1940 год., моите родители ја продадоа куќата, и тројцата почнавме да служиме како пионери во Кор Дален (Ајдахо). Живеевме во изнајмен стан над една автомеханичарска работилница. Во нашиот дом се одржуваа и собраниските состаноци. Во тоа време, малку собранија имаа Сала на Царството, и затоа повеќето браќа се собираа во приватни домови или во изнајмени простории.
Во 1941 год., јас, татко ми и мајка ми бевме на конгрес во Сент Луис (Мисури). Последниот ден беше наречен „Денот на децата“, и сите што беа на возраст од 5 до 18 години седеа веднаш пред бината. Во заклучокот на својот говор, брат Џозеф Ратерфорд ни се обрати нам младите со зборовите: „Сите вие... деца, кои се сложувате... да му бидете послушни на Бог и на Царот што го поставил тој, ве молам, станете“. Сите станавме. Потоа брат Ратерфорд извика: „Гледајте, повеќе од 15.000 нови сведоци на Царството!“ Тој ден уште поцврсто решив да го посветам мојот живот на пионерската служба.
СЛУЖИМЕ ЗАЕДНО КАКО СЕМЕЈСТВО
Неколку месеци по конгресот во Сент Луис, се преселивме во градот Окснард во јужна Калифорнија, каде што требаше да основаме собрание. Живеевме во мала приколка во која имаше само еден кревет. Мојата „постела“ ја поставувавме секоја вечер на трпезариската маса. Тоа навистина беше огромна промена од времето кога имав своја соба!
Кратко пред да се преселиме во Калифорнија, на 7 декември 1941 год., Јапонија го нападна Перл Харбор на Хаваите. Следниот ден, САД се вклучија во Втората светска војна. Бидејќи во тоа време јапонските подморници пловеа во близина на брегот, властите издадоа наредба сите да ги гасат светлата ноќе. Поради мракот, подморниците потешко можеа да напаѓаат копнени цели.
Неколку месеци подоцна, во септември 1942 год., присуствувавме на конгресот „Нов свет“ во Кливленд (Охајо). Таму брат Натан Нор го одржа говорот „Мир — може ли да потрае?“ Тој го обработи 17. поглавје од книгата Откровение, во кое е опишан еден ‚ѕвер‘ за кого се вели: „Ѕверот... беше, но повеќе не е, но наскоро ќе излезе од бездната“ (Отк. 17:8, 11). Брат Нор објасни дека „ѕверот“ ја претставува Лигата на народите која прекина со своите активности во 1939 год. Но, Библијата прорекла дека повторно ќе се појави една светска мировна организација, и дека потоа ќе настапи време на релативен мир. Токму тоа се случи во 1945 год., кога заврши Втората светска војна. Потоа беа основани Обединетите нации кои ја заменија Лигата на народите. Оттогаш Јеховините сведоци почнаа да ја проповедаат добрата вест во многу други земји, и делото доживеа огромен пораст.
Ова пророштво ми помогна да сфатам уште колку многу работа нѐ чека. Кога беше известено дека следната година ќе почне да се одржува Школата Гилеад, ми се роди желба да станам мисионер. Во 1943 год., добив задача да служам како пионер во Портланд (Орегон). Во тие денови, во службата користевме грамофони за да им пуштаме на станарите кратки проповеди на врата, а потоа им нудевме библиска литература за Божјето Царство. Во текот на целата таа година не престанав да мислам на мисионерската служба.
Во 1944 год., многу се израдував кога јас и мојата драга пријателка Евелин Траберт добивме покана за Гилеад. Во текот на петте месеци додека траеше Школата, нашите инструктори ни покажаа како да ја проучуваме Библијата на начин што ни причинуваше вистинско уживање. Бевме воодушевени од нивната понизност. На пример, понекогаш тие браќа служеа како келнери додека јадевме. Дипломиравме на 22 јануари 1945 год.
МИСИОНЕРСКА СЛУЖБА
Јас и Евелин, заедно со Лео и Естер Махан, бевме испратени да служиме во Ел Салвадор. Кога пристигнавме таму во јуни 1946 год., ‚полињата беа зрели за жетва‘ (Јован 4:35). По неколку месеци, го одржавме нашиот прв покраински собир во Санта Ана. Ги каневме луѓето да дојдат, и бевме пресреќни што на собирот имаше речиси 500 присутни. Нашето проповедање ги разбесни свештениците, и една седмица подоцна тие го подбуцнаа нападот на насилната толпа што беше спомнат на почетокот. Целта им беше да нѐ заплашат и да нѐ натераат да си заминеме. Но, ова само уште повеќе ја зацврсти нашата решеност да останеме за да им помогнеме на искрените луѓе. И покрај тоа што свештениците ги предупредија да не ја читаат Библијата, а и малкумина имаа пари да си купат свој примерок, мнозина сакаа да ја дознаат вистината. Тие беа многу благодарни кога гледаа дека се трудиме да научиме шпански за да ги поучуваме за вистинскиот Бог, Јехова, и за неговото прекрасно ветување за рајска Земја.
Роса Асенсио беше една од првите со кои ја проучував Библијата во Ел Салвадор. Откако почнавме да проучуваме, таа се одвои од човекот со кого живееше невенчано. Подоцна и тој почна да проучува. Се зедоа, а потоа се крстија и станаа ревносни Сведоци на Јехова. Роса беше првиот општ пионер во Санта Ана. *
Таа имаше мала продавница. Кога одеше во служба, ја затвораше со потполна доверба дека Јехова ќе се грижи за нејзините потреби. По неколку часови ја отвораше, и веднаш нагрнуваа муштерии за да пазарат. Роса од прва рака се увери во вистинитоста на зборовите од Матеј 6:33, и му остана верна на Јехова до својата смрт.
Сите шест мисионери живеевме под кирија во куќата на еден познат деловен човек. Еден ден, тамошниот свештеник дојде кај него и му се закани дека тој и неговата жена ќе бидат исклучени од црквата ако продолжи да ни ја изнајмува куќата. Но, нашиот газда не се исплаши, и му рече дека воопшто не му е гајле ако го сторат тоа бидејќи веќе му беше смачено од она што го прават свештениците. Тој ни рече дека нема потреба да се грижиме бидејќи ќе ни дозволи да останеме во куќата колку што сакаме.
ЕДЕН УГЛЕДЕН ГРАЃАНИН СТАНУВА СВЕДОК
Во главниот град, Сан Салвадор, една мисионерка ја проучуваше Библијата со сопругата на еден инженер по име Балтазар Перла. Овој добродушен човек ја изгубил верата во Бог поради лицемерството на верските водачи. Иако сѐ уште не беше Сведок, кога требаше да се гради подружницата во Ел Салвадор, тој се понуди бесплатно да ја проектира и да помага при изградбата.
Додека соработуваше со многу Сведоци на овој проект, Балтазар се увери дека ја пронашол вистинската религија. Тој се крсти на 22 јули 1955 год., а кратко потоа се крсти и жена му, Паулина. Нивните две деца му служат верно на Јехова. Синот, Балтазар Помладиот, веќе 49 години служи во Бетелот во Бруклин, а сега е член на Одборот на подружницата на САД. *
Кога почнавме да одржуваме конгреси во Сан Салвадор, брат Перла ни помогна да изнајмиме една голема спортска сала. Во почетокот, користевме само неколку трибини. Но, со благослов од Јехова, нашиот број растеше од година во година, и на крајот во салата немаше доволно место за сите. Во тие радосни прилики, можев да се видам со браќа и сестри на кои низ годините им помогнав да ја дознаат вистината. Бев многу среќна кога се крштаваа оние со кои тие ја проучувале Библијата. Имав чувство како да ми се внуци!
На еден конгрес, ми пристапи еден брат и рече дека сака да ми се извини. Не можев да разберам за што зборува бидејќи не знаев кој е. Тој ми рече: „Јас бев едно од децата кои фрлаа камења врз вас во Санта Ана“. Срцето ми се исполни со радост кога сфатив дека сега му служи на Јехова заедно со мене. Овој разговор ми потврди дека полновремената служба навистина е најдобриот начин на живот.
ОДЛУКИ ЗА КОИ НЕ ЖАЛАМ
Речиси 29 години служев како мисионер во Ел Салвадор, прво во Санта Ана, потоа во Сонсонате, па во Санта Текла, и на крајот во Сан Салвадор. Во текот на тие години, моите родители остареа, и затоа им требаше помош. Откако многу размислував и се молев, одлучив да прекинам со мисионерската служба, и во 1975 год. се вратив во Споукан.
Татко ми почина во 1979 год. Следните осум години продолжив да се грижам за мајка ми која постепено стануваше сѐ понемоќна. Таа почина на 94 години. Тој период ме исцрпи и физички и емоционално. Поради стресот добив многу тежок облик на херпес зостер кој ми причинуваше голема болка. Но, чувствував како Јехова со љубов ме поддржува и ме крепи. Тој ми одговараше на молитвите и ми помогна да истраам во тие тешки моменти. Јехова го исполни своето ветување дека ‚ќе ме носи и во староста, дека ќе ме поддржува и ќе ме избавува‘ (Иса. 46:4).
Во 1990 год., се преселив во Омак (Вашингтон). Таму можев да сведочам на шпанско подрачје, и повторно се чувствував корисна. Неколку лица со кои ја проучував Библијата се крстија. Во ноември 2007 год., се преселив во стан во блискиот град Челан бидејќи повеќе не можев да ја одржувам мојата куќа во Омак. Оттогаш шпанското собрание во Челан многу се грижи за мене и навистина сум им благодарна за тоа. Бидејќи сум единствената постара сестра овде, браќата и сестрите со љубов ме „усвоија“ како нивна „баба“.
Одлучив да не се омажам и да немам семејство за да можам „без пречка“ да се посветам на службата за Јехова. Сепак, имам многу духовни „деца“ (1. Кор. 7:34, 35). Сфатив дека во сегашниов живот не можам да имам сѐ. Затоа, на прво место го ставам она што е најважно — да му служам на Јехова со цело срце. Во новиот свет ќе имам доволно време да правам сѐ што сакам. Мојот омилен стих е Псалм 145:16 каде што Јехова нѐ уверува дека ‚ќе ја задоволи желбата на сѐ што е живо‘.
Сега, на возраст од 91 година, имам прилично добро здравје, и сѐ уште служам како пионер. Оваа служба ми помага да задржам млад дух и да водам исполнет живот. Кога за првпат стигнав во Ел Салвадор, проповедничкото дело само што започна. И покрај непопустливото противење на Сатана, денес во таа земја има повеќе од 39.000 објавители. Ова навистина ми ја зајакнува верата. Нема никакво сомнение дека Јехова го поддржува својот народ преку светиот дух!