Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали го гледаш „Невидливиот“?

Дали го гледаш „Невидливиот“?

„Остана постојан како да го гледа Невидливиот“ (ЕВР. 11:27)

1, 2. а) Објасни зошто изгледало дека Мојсеј е во опасност. (Види ја сликата погоре.) б) Зошто Мојсеј не се плашел од фараонот?

ФАРАОНОТ бил моќен владетел кој Египќаните го сметале за бог. Во една книга пишува дека во нивни очи, тој ги „надминувал сите земни суштества во мудроста и во моќта“ (When Egypt Ruled the East). За да им влее страв на своите поданици, фараонот носел круна на која имало слика од кобра која била спремна да нападне. Таа служела како потсетување дека секој што ќе му се спротивстави, веднаш ќе биде погубен. Замисли си само како се чувствувал Мојсеј кога Јехова му рекол: „Те праќам кај фараонот да го изведеш од Египет мојот народ, синовите на Израел“ (2. Мој. 3:10).

2 Мојсеј отишол во Египет и му ја објавил Божјата порака на фараонот. Со тоа го предизвикал неговиот гнев. По деветте неволји што ја погодиле земјата, фараонот го предупредил Мојсеј: „Гледај да не ми излезеш повеќе пред очи, зашто во тој ден кога ќе ми излезеш пред очи, ќе умреш!“ (2. Мој. 10:28). Пред да си отиде откај него, Мојсеј прорекол дека првородениот син на фараонот ќе го изгуби животот (2. Мој. 11:4-8). Потоа, Мојсеј му заповедал на секое израелско семејство да заколе јагне или јаре — животни кои биле свети за оние што го обожавале  египетскиот бог Ра — и со крвта да ја попрска влезната врата од својата куќа (2. Мој. 12:5-7). Како ќе реагирал фараонот на ова? Мојсеј воопшто не се плашел. Зошто? Затоа што имал вера во Јехова и му бил послушен. Не се ‚плашел од царскиот гнев бидејќи останал постојан како да го гледа Невидливиот‘. (Прочитај Евреите 11:27, 28.)

3. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

3 Дали твојата вера е толку силна што можеш да го ‚видиш Бог‘? (Мат. 5:8). Да го разгледаме примерот на Мојсеј кој ќе ни помогне да ја зајакнеме нашата вера за да можеме да го видиме „Невидливиот“. Како верата во Јехова му помогнала на Мојсеј да не се плаши од човек? Како покажал доверба во Божјите ветувања? Како тоа што можел да го види „Невидливиот“ го зајакнало Мојсеј кога тој и неговиот народ се наоѓале во опасност?

НЕ СЕ ПЛАШЕЛ ОД „ЦАРСКИОТ ГНЕВ“

4. Од човечка гледна точка, како изгледал Мојсеј во однос на фараонот?

4 Од човечка гледна точка, Мојсеј ни оддалеку не можел да се спореди со фараонот. Изгледало дека неговиот живот и иднина се во фараоновите раце. Самиот Мојсеј го прашал Јехова: „Кој сум јас да одам кај фараонот и да ги изведам од Египет синовите на Израел?“ (2. Мој. 3:11). Околу 40 години претходно, Мојсеј избегал од Египет. Можеби сега се прашувал: ‚Дали е навистина мудро да се вратам повторно во Египет и да го разлутам фараонот?‘

5, 6. Зошто Мојсеј имал страв од Јехова, а не од фараонот?

5 Пред Мојсеј да се врати во Египет, Бог го поучил за една важна вистина. Подоцна, самиот Мојсеј во книгата за Јов ја запишал истата вистина: „Стравот од Јехова — тоа е мудрост“ (Јов 28:28). За да му помогне на Мојсеј да стекне страхопочит и да постапува мудро, Јехова му покажал колку голема разлика постои меѓу луѓето и Семоќниот Бог. Тој го прашал Мојсеј: „Кој му ја дал устата на човекот, кој го прави нем или глув, кој му дава да гледа или да е слеп? Зарем не јас, Јехова?“ (2. Мој. 4:11).

6 Што требало да научи Мојсеј од ова? Тој немал никаква причина да се плаши. Јехова бил тој што го испратил кај фараонот и тој што ќе му дал сѐ што е потребно за да ја пренесе пораката. Освен тоа, фараонот не можел ни оддалеку да се спореди со Јехова. Но, ова не било првпат Божјите слуги да се најдат во опасност во Египет. Можеби Мојсеј длабоко размислувал како Јехова во минатото ги заштитил Авраам, Јосиф, па дури и него самиот од египетските фараони (1. Мој. 12:17-19; 41:14, 39-41; 2. Мој. 1:22 — 2:10). Поради тоа што имал вера во „Невидливиот“, односно во Јехова, Мојсеј храбро отишол кај фараонот и му го објавил секој збор што Јехова му заповедал да го пренесе.

7. Како верата во Јехова ѝ помогнала на една сестра?

7 Верата во Јехова ѝ помогнала на една сестра по име Ела да не подлегне на стравот од човек. Во 1949 год., Ела била уапсена во Естонија од КГБ. Била соблечена до гола кожа и млади полицајци гледале во неа. Таа рекла: „Се чувствував многу понижено. Но, откако му се помолив на Јехова ме обзеде внатрешен мир и спокој“. Потоа, Ела била ставена во самица три дена. Таа вели: „Полицајците гласно ми се закануваа: ‚Ќе ве истребиме од Естонија. Дури и името Јехова никој веќе нема да го спомнува! Ти ќе одиш во логор, а другите во Сибир!‘ Со подбив ми рекоа: ‚Каде е сега твојот Јехова?‘“ Дали Ела се исплашила од луѓето или имала доверба во Јехова? Кога била испрашувана, таа бестрашно рекла: „Многу размислував за ова, и повеќе би сакала да бидам во затвор и да не си го  расипам односот со Бог отколку да бидам слободна, а да ја изгубам неговата милост“. За Ела, Јехова бил толку реален како што биле луѓето што стоеле пред неа. Верата ѝ помогнала да не подлегне на притисокот.

8, 9. а) Кое е најдоброто оружје против стравот од човек? б) На кого треба да мислиш за да не подлегнеш на стравот од човек?

8 Верата во Јехова ќе ти помогне да ги победиш твоите стравови. Ако властите се обидат да ти забранат да му служиш на Бог, можеби ќе изгледа дека твојот живот и иднина се во нивни раце. Можеби дури ќе се прашуваш дали е мудро да продолжиш да му служиш на Јехова и со тоа да ги разгневиш властите. Не заборавај, најдоброто оружје против стравот од човек е верата во Бог. (Прочитај Изреки 29:25.) Псалмистот Давид рекол: „На Бог се надевам, нема да се плашам. Што може да ми направи смртен човек?“ (Пс. 56:4; Иса. 51:12, 13).

9 Мисли на твојот семоќен Татко. Тој ги гледа оние што неправедно се угнетувани од човечките владетели, сочувствува со нив и дејствува во нивна корист (2. Мој. 3:7-10). Дури и да мора да ја браниш својата вера пред властите ‚не грижи се како или што ќе зборуваш, зашто во тој час ќе ти биде дадено што да зборуваш‘ (Мат. 10:18-20). Човечките владетели ни оддалеку не можат да се споредат со Јехова. Ако се трудиш да ја зајакнеш својата вера, ќе го гледаш Јехова како реална личност што сака да ти помогне.

ПОКАЖАЛ ДОВЕРБА ВО БОЖЈИТЕ ВЕТУВАЊА

10. а) Какви упатства им дал Јехова на Израелците во месецот нисан 1513 год. пр.н.е.? б) Зошто Мојсеј ги послушал Божјите упатства?

10 Во месецот нисан 1513 год. пр.н.е., Јехова им кажал на Мојсеј и на Арон да им пренесат на Израелците упатства кои изгледале необично. Секое семејство требало да заколе по едно машко јагне или јаре кое било без маана и со неговата крв да ја попрска влезната врата (2. Мој. 12:3-7). Што направил Мојсеј? Подоцна, апостол Павле за него напишал: „Со вера ја прослави Пасхата и ги попрска вратите со крв, за погубителот да не ги допре нивните првородени“ (Евр. 11:28). Мојсеј знаел дека може да има доверба во Јехова и бил уверен дека тој ќе го исполни своето ветување и ќе ги погуби првородените синови на Египќаните.

11. Зошто Мојсеј ги предупредил другите?

11 Синовите на Мојсеј веројатно биле во Мадијам, далеку од „погубителот“ * (2. Мој. 18:1-6). Сепак, Мојсеј бил послушен и ги предупредил другите израелски семејства чии првородени синови се наоѓале во опасност. Во прашање биле многу животи, а Мојсеј го сакал својот народ. Библијата вели дека тој веднаш ги свикал сите старешини на Израел и им рекол: „Заколете ја пасхалната жртва“ (2. Мој. 12:21).

12. Која важна порака од Јехова им ја објавуваме на луѓето?

12 И денес, Јеховиниот народ под водство на ангелите ја објавува оваа важна порака: „Бојте се од Бог и оддајте му слава, зашто дојде часот на неговиот суд! Поклонете му се на оној што ги создаде небото и земјата и морето и изворите на вода!“ (Отк. 14:7). Сега е време да се објавува оваа порака. Мораме да ги предупредиме луѓето да излезат од Големиот Вавилон за да не ги снајдат неговите неволји (Отк. 18:4). ‚Другите овци‘ им се придружуваат на помазаните христијани и заедно со нив ги молат луѓето кои се отуѓени од Бог да ‚се помират‘ со него (Јован 10:16; 2. Кор. 5:20).

Верата во Јеховините ветувања ќе ти ја разгори желбата да ја објавуваш добрата вест во уште поголема мера (Види во пасус 13)

13. Што ќе нѐ поттикне уште повеќе да ја објавуваме добрата вест?

 13 Уверени сме дека живееме во ‚часот на судот‘. Исто така, уверени сме дека Јехова со добра причина го забрзува делото на проповедање и правење ученици. Во видение, апостол Јован видел „четири ангели како стојат на четирите агли на земјата, цврсто држејќи ги четирите земни ветрови“ (Отк. 7:1). Дали со очите на верата можеш да ги видиш ангелите кои се спремни да ги пуштат врз овој свет разорните ветрови на големата неволја? Ако да, ќе ја објавуваш добрата вест со уште поголема увереност.

14. Што нѐ поттикнува да ги предупредиме луѓето да го остават својот погрешен пат?

14 Како вистински христијани, имаме близок однос со Јехова и надеж да живееме вечно. Но, свесни сме дека имаме и одговорност да ги предупредиме другите луѓе да го остават својот погрешен пат за да се спасат. (Прочитај Езекиел 3:17-19.) Се разбира, не проповедаме само за да не сносиме вина за крв. Ние го сакаме Јехова, а ги сакаме и луѓето. Во споредбата за милосрдниот Самарјанин, Исус истакнал што значи да се покажува љубов и милосрдност. Добро е секој од нас да се праша: ‚Дали јас сум како Самарјанинот или како свештеникот и левитот? Дали сочувството кон луѓето ме поттикнува да сведочам во секоја прилика или си барам изговори да не проповедам?‘ (Лука 10:25-37). Верата во Божјите ветувања и љубовта кон другите ќе нѐ поттикне да дадеме сѐ од себе во проповедањето пред да дојде крајот.

 „ПОМИНАА ПРЕКУ ЦРВЕНОТО МОРЕ“

15. Зошто Израелците мислеле дека се фатени во стапица?

15 Верата што Мојсеј ја имал во „Невидливиот“ му помогнала кога Израелците излегле од Египет и се нашле во опасност. Во Библијата пишува: „Синовите на Израел погледнаа и забележаа дека Египќаните идат кон нив... Многу се уплашија и почнаа да викаат за помош кон Јехова“ (2. Мој. 14:10-12). Дали тоа што се случувало требало да ги изненади? Воопшто не. Јехова прорекол: „Ќе дозволам да му закорави срцето на фараонот, па ќе тргне во потера по нив. А јас ќе се прославам над фараонот и над сета војска негова. Така Египќаните ќе знаат дека јас сум Јехова“ (2. Мој. 14:4). И покрај тоа што Јехова им кажал што ќе се случи, Израелците го гледале само она што можело да се види со дословни очи — огромното Црвено Море кое се простирало пред нив, воените коли на фараонот кои им биле зад петици и осумдесетгодишниот пастир кој ги водел. Мислеле дека се фатени во стапица.

16. Како верата му помогнала на Мојсеј кај Црвеното Море?

16 Но, Мојсеј не се исплашил. Зошто? Затоа што со очите на верата видел некој што е многу помоќен од морето и од војската на фараонот. Тој бил уверен дека Јехова ќе се бори за Израелците и дека ќе ги спаси. (Прочитај 2. Мојсеева 14:13, 14.) Тоа што Мојсеј имал вера многу ги охрабрило и зајакнало Израелците. Во Библијата стои: „Со вера поминаа преку Црвеното Море како по суво, а кога Египќаните се обидоа да го сторат истото, се удавија“ (Евр. 11:29). По овој настан, ‚народот почнал да се бои од Јехова, и им поверувал на Јехова и на неговиот слуга Мојсеј‘ (2. Мој. 14:31).

17. Кој настан што ќе се случи наскоро ќе ја стави на испит нашата вера?

17 Наскоро, ќе изгледа дека и ние сме во смртна опасност. До времето кога ќе почне Армагедон, владетелите на овој свет потполно ќе ги уништат верските организации кои се многу поголеми и побројни од нас (Отк. 17:16). Во едно пророштво Јехова кажал колку беспомошно ќе изгледа неговиот народ. Тој го споредил со ‚земја во која има незаштитени села‘ и во која луѓето „живеат без ѕидови и немаат ни резе ни врати“ (Езек. 38:10-12, 14-16). Од човечка гледна точка, ќе немаме никакви шанси за преживување. Што ќе направиш тогаш?

18. Објасни зошто ќе можеме да му останеме верни на Јехова во големата неволја.

18 Нема причина да се плашиш. Зошто? Затоа што Јехова прорекол дека неговиот народ ќе биде нападнат, но и дека тој лично ќе го спаси. Во Библијата пишува: „‚Во тој ден, во денот кога Гог ќе дојде против земјата на Израел,‘ вели Севишниот Господар Јехова, ‚гневот ќе ми пламне од носниците. Во својата јарост, во огнот на својот гнев, ќе проговорам‘“ (Езек. 38:18-23). Тогаш, Бог ќе ги уништи сите оние што сакаат да му наштетат на неговиот народ. Ако имаш вера дека Јехова ќе те заштити во ‚неговиот голем и страшен ден‘, ќе го ‚гледаш спасението‘ што тој ќе го донесе и ќе му останеш верен (Јоил 2:31, 32).

19. а) Колку близок однос имал Мојсеј со Јехова? б) Каков благослов ќе добиеш ако на сите свои патишта го имаш Јехова на ум?

19 Уште сега подготви се за овие значајни настани така што ќе ‚останеш постојан како да го гледаш Невидливиот‘. Станувај сѐ поблизок со Јехова со тоа што редовно ќе проучуваш и ќе се молиш. Мојсеј бил многу близок со Јехова и тој го користел да направи моќни дела. Затоа Библијата вели дека Јехова го познавал Мојсеј „лице в лице“ (5. Мој. 34:10). Мојсеј бил посебен пророк. Ако имаш вера, Јехова и тебе ќе ти биде толку реален како да го гледаш со дословни очи. Божјата Реч те уверува дека, ако го имаш на ум „на сите свои патишта... тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Изр. 3:6).

^ пас. 11 По сѐ изгледа, Јехова испратил ангели да го извршат неговиот суд врз Египќаните (Пс. 78:49-51).