Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Донесувај мудри одлуки

Донесувај мудри одлуки

„Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум“ (ИЗР. 3:5)

1, 2. Дали сакаш да донесуваш одлуки, и што мислиш за некои одлуки што си ги донел?

СЕКОЈ ден мора да носиме одлуки. Како се чувствуваш кога треба да одлучиш за нешто? Некои луѓе сакаат сами да одлучуваат за сѐ. Тврдат дека имаат право на тоа, и не сакаат никој да им се меша. Но, има и такви кои се плашат да донесуваат важни одлуки. Тие бараат совети во книги или кај стручни лица, а можеби трошат и многу пари за да ја добијат помошта која мислат дека им е потребна.

2 Повеќето од нас сфаќаме дека некои одлуки не се во наш домен и дека за одредени работи не можеме сами да одлучуваме. Сепак, среќни сме што има многу други работи за кои можеме да донесуваме лични одлуки (Гал. 6:5). Како и да е, најверојатно сме свесни дека сите одлуки што сме ги донеле не биле секогаш мудри или корисни.

3. Што може да ни помогне кога донесуваме одлуки, но зошто не е секогаш лесно да одлучиме што да правиме?

3 Како слуги на Јехова, ние сме среќни што тој ни дава јасни упатства во врска со многу важни работи во животот. Знаеме дека, ако ги слушаме тие совети, ќе донесуваме добри одлуки кои ќе го радуваат Јехова. Сепак, можеби ќе наидеме на проблеми или ситуации за кои нема конкретен совет во Божјата Реч. Како одлучуваме што да правиме во таков случај? На пример, знаеме дека не треба да крадеме (Еф. 4:28). Но, некои велат дека не е секогаш погрешно да земеме нешто што не ни припаѓа ако тоа нема голема вредност или, пак, ако навистина ни е потребно. Како донесуваме одлуки во врска со работи за кои некои велат дека се „сива зона“? Што може да ни помогне во тоа?

КАКО ДА ДОНЕСУВАШ РАЗУМНИ ОДЛУКИ

4. Кој совет би можел да ни го даде некој кога треба да донесеме одлука?

4 Кога ќе спомнеме дека треба да донесеме важна одлука, некој сохристијанин може да ни рече дека пред тоа треба добро да размислиме. Се разбира, ова е добар совет. И Библијата ни дава слично предупредување: „Секој што избрзува, сигурно оди кон немаштија“ (Изр. 21:5). Според тоа, пред да донесеме одлука, важно е да одвоиме време за разумно да ги одмериме работите и да ги дознаеме сите факти (1. Пет. 4:7). Сепак, тоа не е доволно. Зошто?

5. Зошто не треба да се потпираме само на својот ум кога донесуваме одлуки?

5 Бидејќи сме несовршени и грешни, никој од нас нема совршено здраво тело и совршен ум (Пс. 51:5; Рим. 3:23). Освен тоа, мнозина од нас порано биле ‚заслепени‘ од Сатана и не ја знаеле вистината за Јехова и за Неговите праведни мерила (2. Кор. 4:4; Тит 3:3). Поради овие причини, сеедно колку долго размислуваме пред да одлучиме нешто, ако се водиме само по она што ние сметаме дека е исправно и разумно, сепак би можеле да донесеме погрешна одлука (Изр. 14:12).

6. Што ќе ни помогне да си го промениме размислувањето и да стекнеме разборитост?

6 Иако ние сме несовршени, Јехова, нашиот небесен Татко, е совршен во секој поглед (5. Мој. 32:4). Среќни сме што тој ни помага да го промениме нашиот начин на размислување и да стекнеме разборитост. (Прочитај 2. Тимотеј 1:7.) Како христијани, сакаме да размислуваме и да постапуваме разумно. Затоа, мора да научиме да си ги контролираме мислите и чувствата, и да се трудиме да размислуваме, да чувствуваме и да постапуваме како Јехова.

7, 8. Кој пример покажува дека можеме да донесеме добра одлука, дури и ако сме под притисок или ако имаме проблеми?

7 Да разгледаме еден пример. Некои доселеници имаат обичај да ги праќаат своите новороденчиња кај роднините во својата земја. На тој начин, родителите можат да продолжат да работат во странство и да печалат пари. * Една жена која живеела во друга земја почнала да ја проучува Библијата и добро напредувала во духовен поглед. Отприлика во тоа време, родила убаво машко детенце. Пријателите и роднините почнале да вршат притисок врз неа и врз нејзиниот маж да постапат според обичајот, и да го испратат малото кај баба му и дедо му за да можат тие да го одгледаат. Но, додека проучувала, жената сфатила дека Бог им ја доверил таа одговорност на родителите, а не на некој друг (Пс. 127:3; Еф. 6:4). Дали решила да го следи обичајот затоа што другите мислеле дека тоа е исправно? Или, пак, решила да постапи во склад со она што го учела од Библијата, иако тоа значело дека ќе живеат со помалку пари и дека другите ќе ја критикуваат? Што ќе си направел да си бил на нејзино место?

8 Оваа млада жена била под силен притисок. Затоа му го излеала своето срце на Јехова во молитва и побарала водство од него. Додека разговарала со сестрата со која проучувала и со другите од собранието, почнала да сфаќа како гледа Јехова на нејзината ситуација. Исто така, размислувала и за тоа колку им е тешко на дечињата да бидат одвоени од родителите тогаш кога најмногу им се потребни. Откако внимателно размислила за библиските начела кои се однесувале на нејзината ситуација, таа заклучила дека не е во ред да се одвои од своето синче. Кога видел дека членовите на собранието спремно им помагаат и дека малиот добро напредува, нејзиниот сопруг почнал да ја проучува Библијата и да оди на состаноците заедно со неа.

9, 10. Како може да донесуваме добри одлуки?

9 Ова е само еден пример кој покажува дека, за да донесеме добра одлука, не е доволно само да постапиме како што ние сметаме дека е исправно или како што другите мислат дека е најдобро. Нашиот несовршен ум и несовршено срце можат да бидат како неточен часовник. Ако се потпираме само на нив, би можеле да западнеме во проблеми (Ерем. 17:9). За да не се случи такво нешто, мора да ги усогласиме нашите мисли и чувства со Божјите мерила, кои секогаш се исправни. (Прочитај Исаија 55:8, 9.)

10 Библијата со добра причина нѐ советува: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Изр. 3:5, 6). Забележи дека стихот вели „не потпирај се на сопствениот разум“, а потоа додава „имај го [Јехова] на ум“. Тој е Оној кој има совршен ум. Затоа, секогаш кога стоиме пред некоја одлука, треба да истражуваме во Библијата за да разбереме како гледа Бог на нашата ситуација, и потоа да донесеме одлука на темел на тоа. Значи, ако сакаме да донесуваме добри одлуки, треба да размислуваме како Јехова.

ВЕЖБАЈ ЈА СВОЈАТА МОЌ НА СОГЛЕДУВАЊЕ

11. Што треба да правиме за да научиме да носиме мудри одлуки?

11 Не е лесно да научиме да донесуваме добри одлуки и потоа да ги спроведуваме во пракса. Ова може особено да биде тешко за оние кои се крстиле неодамна или кои штотуку почнале да проучуваат. Таквите лица Библијата ги нарекува ‚деца‘. Сепак, и тие можат да напредуваат. На кој начин? Па, како учат малите дечиња да одат без да паѓаат? Така што секогаш одново пробуваат да прават мали чекори. Истото важи и за духовните деца кои треба да носат мудри одлуки. Апостол Павле рекол дека зрелите христијани имаат „моќ на согледување [која] преку искуство им е извежбана да разликува добро и зло“. Зборовите „преку искуство“ и „извежбана“ покажуваат дека постојано мора да вложуваме труд. Токму тоа треба да го прават и новите ако сакаат да донесуваат мудри одлуки. (Прочитај Евреите 5:13, 14.)

12. Како можеш да вежбаш да донесуваш мудри одлуки?

12 Како што спомнавме, секој ден мора да донесуваме многу одлуки, големи и мали. Според едно истражување, над 40 отсто од работите ги правиме по навика, без многу да мислиме. На пример, веројатно секое утро одлучуваш што ќе облечеш. Можеби за тебе тоа е ситна работа за која не размислуваш многу, особено ако се брзаш. Сепак, важно е да размислиш дали твојата облека е соодветна за еден Јеховин слуга (2. Кор. 6:3, 4). Кога купуваш облека, дали гледаш да биде модерна или размислуваш и за тоа колку чини и дали е скромна? Ако донесуваме добри одлуки за вакви навидум мали работи, ќе можеме да си ја вежбаме моќта на согледување. Тоа, пак, ќе ни помогне да донесуваме исправни одлуки и за поважни работи во животот (Лука 16:10; 1. Кор. 10:31).

ЗАЈАКНУВАЈ ЈА СВОЈАТА ВОЛЈА ДА ГО ПРАВИШ ОНА ШТО Е ИСПРАВНО

13. Што ќе ни помогне да ги спроведеме одлуките кои сме ги донеле?

13 Едно е да донесеш исправна одлука, но сосема друга работа е да ја спроведеш. На пример, некои не успеваат да прекинат со пушењето затоа што немаат доволно цврста волја. Потребна е решеност за да се спроведе некоја одлука. Некои сметаат дека волјата е како мускул — ако вежбаме, ќе се зајакне но, во спротивно, ќе ослабне и ќе омлитави. Тогаш, што може да ни помогне да ја зајакнеме нашата волја за да можеме да ги спроведеме одлуките што сме ги донеле? Мора да бараме помош од Јехова. (Прочитај Филипјаните 2:13.)

14. Зошто Павле имал сила да го прави она што знаел дека е исправно?

14 Апостол Павле, кој од лично искуство знаел дека е тешко да се постапува исправно, во една прилика рекол: „Способен сум да го сакам она што е добро, но не и да го правам она што е добро“. Тој знаел што сака или што треба да прави, но понекогаш не можел да постапува исправно. Затоа признал: „Според својот внатрешен човек навистина уживам во Божјиот закон, но во своите делови на телото гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме заробува со законот на гревот, кој е во моите делови на телото“. Дали неговата ситуација била безнадежна? Во никој случај! Кој можел да му помогне? Павле изјавил: „Му благодарам на Бог преку Исус Христос, нашиот Господар!“ (Рим. 7:18, 22-25). А на друго место напишал: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Фил. 4:13).

15. Зошто треба решително да го правиме она што е исправно?

15 Според тоа, за да му угодиме на Бог, треба решително да го правиме она што е исправно. Сети се на следниве зборови што им ги кажал Илија на слугите на Ваал и на отпадничките Израелци на планината Кармил: „До кога ќе кривите на двете страни? Ако е Јехова вистинскиот Бог, одете по него, а ако е Ваал, одете по него“ (1. Цар. 18:21). Израелците знаеле што треба да прават, но неодлучно ‚кривеле на двете страни‘, односно се обидувале да му служат и на Јехова и на Ваал. За разлика од нив, со години пред тоа, Исус Навин му дал одличен пример на народот, кога му рекол: „Ако не ви е по волја да му служите на Јехова, изберете си денес кому ќе му служите... А јас и мојот дом ќе му служиме на Јехова!“ (Ис. Нав. 24:15). Каков благослов добиле тој и оние што биле со него? Јехова им дозволил да влезат во Ветената земја, „земја во која тече мед и млеко“ (Ис. Нав. 5:6).

МУДРИТЕ ОДЛУКИ НОСАТ БОГАТИ БЛАГОСЛОВИ

16, 17. Какви благослови имаме кога донесуваме одлуки во склад со Божјата волја? Наведи пример.

16 Да разгледаме еден пример од нашево време. Еден брат кој се крстил неодамна има жена и три мали деца. Иако не бил добро платен на своето работно место, тој го избрал затоа што сакал да биде слободен за викендите за да оди на состаноци и во служба заедно со семејството. Но, еден колега му предложил да се префрлат во друга фирма каде што ќе добиваат поголема плата и ќе имаат други поволности. Нашиот брат размислувал и се молел пред да одлучи што да прави. Сфатил дека, ако ја прифати новата работа, најверојатно ќе помине долго време пред да добие слободни викенди. Што ќе си направел ти да си бил на негово место?

17 Откако размислил како оваа одлука ќе влијае врз неговиот однос со Јехова, овој брат не ја прифатил понудената работа. Што мислиш, дали подоцна зажалил за тоа? Ни најмалку. За него била многу поважна духовноста на семејството отколку поголемата плата. Тој и жена му биле пресреќни кога најголемата ќерка, која имала десет години, им кажала дека многу ги сака браќата и сестрите и Јехова, и дека има желба да се крсти. Добриот пример на нејзиниот татко, кој го ставил Јехова на прво место во животот, сигурно многу ѝ помогнал да донесе ваква одлука.

18. Зошто е важно да носиме мудри одлуки секој ден?

18 Исто како што Мојсеј ги водел Израелците низ пустината, така и Исус Христос со децении ги води вистинските слуги на Јехова низ Сатановиот свет. И, исто како што Исус Навин го предводел Божјиот народ во Ветената земја, Христос наскоро ќе им помогне на своите следбеници да влезат во ветениот нов свет на праведноста (2. Пет. 3:13). Сега не е време да му се вратиме на поранешниот начин на размислување, и на старите навики, вредности и цели. Денес треба да ни биде појасно од кога и да било порано која е Божјата волја за нас (Рим. 12:2; 2. Кор. 13:5). Затоа, да донесуваме мудри одлуки секој ден, и да покажеме дека сме достојни Јехова да нѐ благословува во сета вечност! (Прочитај Евреите 10:38, 39.)

^ пас. 7 Некои родители ги праќаат бебињата во својата земја за да можат бабите и дедовците да се фалат со нив пред роднините и пријателите.