Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Решени да му служиме на Јехова каде и да било

Решени да му служиме на Јехова каде и да било

Никогаш порано немав проповедано сам. Толку имав трема што нозете ми се тресеа секогаш кога ќе излезев во служба. Згора на тоа, и повеќето луѓе на подрачјето не сакаа да ја слушаат добрата вест. Некои од нив отворено ми се противеа и ми се закануваа дека ќе ме претепаат. Првиот месец додека служев како пионер дадов само една брошурка! (Маркус)

ОВА се случи во 1949 год., пред повеќе од 60 години. Но, мојата животна приказна започна долго пред тоа. Се родив во 1927 год., во Дондерен, мало село во северниот дел на Дренте (Холандија). Бев четвртото од седумте деца во семејството. Татко ми се викаше Хендрик, и беше чевлар, а работеше и како градинар. Нашата куќа се наоѓаше покрај правливиот селски пат. Повеќето од соседите беа земјоделци, и мене многу ми се допаѓаше таквиот живот. Во 1947 год., кога имав 19 години, ја дознав вистината од еден сосед, кој се викаше Тојнис Бејн. Кога првпат го сретнав, Тојнис не ми беше многу симпатичен. Но, кратко по Втората светска војна, тој стана Јеховин сведок, и забележав дека е многу попријатен од порано. Ме интересираше зошто толку се смени, и затоа го слушав кога ми зборуваше дека Бог ветил оти Земјата ќе стане рај. Брзо ја прифатив вистината, и станавме доживотни пријатели. a

Почнав да проповедам во мај 1948 год., и веќе следниот месец, на 20 јуни, се крстив на конгресот што се одржа во Утрехт. На 1 јануари 1949 год., започнав со пионерска служба и бев доделен во едно мало собрание во Боркуло (источна Холандија). Дотаму имаше околу 130 километри, па затоа решив да одам со велосипед. Си мислев дека ќе ми требаат околу 6 часа, но, поради поројниот дожд и силниот ветар, стигнав дури по 12 часа, иако последните 90 километри ги поминав со воз! Доцна вечерта, конечно пристигнав во домот на едно семејство Сведоци. Кај нив живеев додека служев како пионер во тоа подрачје.

Во тие повоени години, луѓето немаа многу во материјален поглед. Јас имав само еден костум и еден пар панталони — костумот ми беше преголем, а панталоните прекратки! Иако првиот месец во Боркуло беше тежок, Јехова ме благослови со многу библиски студии. По девет месеци, бев префрлен да служам во Амстердам.

ОД СЕЛО ВО ГРАД

Пораснав на село, а сега одеднаш се најдов во Амстердам, најголемиот град во Холандија. Службата беше многу убава. Во првиот месец дадов повеќе литература отколку во претходните девет месеци. Наскоро водев повеќе од осум библиски студии. Откако бев именуван за слуга на собранието (кој сега се нарекува координатор на старешинството), требаше да го одржам моето прво јавно предавање. Воопшто не се чувствував дораснат за таа задача. Затоа многу ми олесна кога бев префрлен во друго собрание токму пред да го изнесам говорот. Тогаш не ни помислував дека низ годините ќе одржам повеќе од 5.000 говори!

Маркус (десно) сведочи на улица во близина на Амстердам во 1950 год.

Во мај 1950 год., бев испратен да служам во Харлем (северна Холандија). Потоа добив покана да служам во покраинското дело. Не можев да спијам цели три дена. Му реков на Роберт Винклер, еден брат кој тогаш служеше во подружницата, дека не сум доволно способен за таа задача. Но, тој ми рече: „Ти само пополни ја молбата. Ќе научиш“. Кратко потоа, добив едномесечна обука и почнав да служам во покраинското дело. Кога бев во посета на едно од собранијата, ја запознав Јани Татген, весела млада пионерка која беше самопожртвувана и многу го сакаше Јехова. Се венчавме во 1955 год. Но, пред да продолжам да раскажувам, Јани ќе ви каже како таа стана пионерка и како се запознавме.

СЛУЖИМЕ КАКО БРАЧЕН ПАР

Јани: Мајка ми се крсти во 1945 год., кога имав 11 години. Таа веднаш сфати колку е важно да ја проучува Библијата со нас, трите деца, но бидејќи татко ми се противеше, нѐ поучуваше кога тој не беше дома.

Првиот состанок на кој присуствував, всушност, беше еден конгрес кој се одржа во 1950 год. во Хаг. Следната седмица, отидов и на мојот прв состанок во Салата на Царството во Асен (Дренте). Татко ми толку се налути што ме истера од дома. Но, мајка ми ми рече: „Знаеш каде можеш да одиш“. Знаев дека мисли на нашите духовни браќа и сестри. Во почетокот живеев кај едно семејство Сведоци во близина. Но, бидејќи татко ми продолжи да ми прави проблеми, се преместив во собранието во Девентер (Оверијсел), кое се наоѓаше на околу 100 километри. По некое време, татко ми ми рече дека можам да се вратам. Што го наведе да се премисли? Бидејќи бев малолетна, властите го повикале на одговорност затоа што ме истера од дома. Иако никогаш не ја прифати вистината, на крајот ми дозволи да одам на сите состаноци и да проповедам.

Јани (десно) како феријален пионер во 1952 год.

Кратко откако си дојдов дома, мајка ми тешко се разболе, и јас морав да ги вршам сите домашни обврски. И покрај тоа, продолжив духовно да напредувам и се крстив во 1951 год., кога имав 17 години. Во 1952 год., откако мајка ми закрепна, служев како феријален (помошен) пионер заедно со три други пионерки. Живеевме на едно бротче и проповедавме во два града во Дренте. Станав општ пионер во 1953 год. Една година подоцна, еден млад покраински надгледник го посети нашето собрание. Тоа беше Маркус. И двајцата сакавме уште подобро да му служиме на Јехова и сметавме дека ќе успееме во тоа како брачен пар. Се венчавме во мај 1955 год. (Проп. 4:9-12).

На денот на нашата венчавка во 1955 год.

Маркус: Веднаш по нашата венчавка, бевме испратени како пионери во Вендам (Гронинген). Живеевме во едно сопче — два на три метри. Секоја вечер, моравме да ги поместуваме масата и двете столчиња за да го спуштиме ѕидниот кревет. Сепак, и од тоа мало катче, Јани направи пријатен дом.

По шест месеци, добивме покана да служиме во патувачкото дело во Фландрија, покраина во северна Белгија. Таму се зборува истиот јазик како во Холандија. Но, белгискиот акцент е многу поинаков, и во почетокот ни требаше време за да го совладаме. Во 1955 год., во таа земја имаше само 4.000 објавители. Сега има шест пати повеќе!

Јани: Потребна е голема самопожртвуваност за да се служи во патувачкото дело. За да стигнеме од собрание до собрание користевме велосипеди, а спиевме кај нашите браќа и сестри. Бидејќи немавме свој стан, останувавме кај нив до вторник наутро, и веднаш потоа продолжувавме со посета на следното собрание. Иако не беше лесно, за нас службата секогаш беше благослов од Јехова.

Маркус: Во почетокот, не познававме никого од браќата и сестрите во собранијата, но тие беа многу љубезни и гостољубиви (Евр. 13:2). Низ годините, неколку пати ги посетивме сите собранија на холандски јазик во Белгија. Ова ни донесе многу благослови. На пример, се запознавме со речиси сите браќа и сестри во холандските покраини, и ни станаа многу мили. Видовме како стотици деца растат и напредуваат во духовен поглед, и како се крштаваат и го ставаат Јехова на прво место во животот. Многу сме радосни што голем број од нив верно му служат на Јехова полновремено (3. Јов. 4). Ваквото ‚заемно охрабрување‘ ни помогна со цело срце да продолжиме да ја вршиме нашата служба (Рим. 1:12).

ГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК И ВИСТИНСКИ БЛАГОСЛОВ

Маркус: Од денот кога се земавме, имавме голема желба да одиме на Школата Гилеад. Секој ден учевме англиски најмалку еден час. Сепак, не беше лесно да се учи јазик само од книга. Затоа решивме да одиме на одмор во Англија за да можеме да го вежбаме јазикот така што ќе проповедаме таму. Конечно, во 1963 год., добивме еден плик од светското седиште во Бруклин. Во него имаше две писма, едното за мене, а другото за Јани. Во моето имаше покана да присуствувам на еден посебен десетмесечен клас на Гилеад. Главната цел на тој курс беше да се обучат браќата како да го организираат проповедничкото дело. Затоа, од 100-те учесници кои беа поканети, осумдесет и двајца беа браќа.

Јани: Во моето писмо бев замолена да размислам во молитва дали би била спремна да останам во Белгија додека Маркус присуствува на Гилеад. Морам да признаам дека во почетокот бев разочарана. Изгледаше како Јехова да не го благослови трудот што го вложив за да ми се исполни желбата. Но, не ја изгубив од вид целта на Гилеад — да се обучат учесниците за да помагаат да се шири добрата вест низ целиот свет. Затоа, се согласив да останам во Белгија и добив задача да служам како специјален пионер во градот Гент, заедно со Ана и Марија Колперт, две долгогодишни специјални пионерки.

Маркус: Бидејќи морав подобро да научам англиски, бев поканет да појдам во Бруклин пет месеци пред да почне школата. Таму работев во Службеното одделение и во Одделот за испорака. Меѓу другото, помагав да се подготват пратките на литература за Азија, Европа и Јужна Америка. Тоа ми помогна да станам уште посвесен дека сум дел од меѓународно братство. Особено силен впечаток ми остави брат А. Х. Мекмилан, кој бил пилгрим (патувачки надгледник) во времето на брат Расел. Кога го запознав, тој веќе беше стар и многу слабо слушаше, но сепак не испушташе ни еден состанок. Тоа ми помогна да сфатам колку многу треба да го цениме дружењето со браќата и сестрите (Евр. 10:24, 25).

Јани: Јас и Маркус се допишувавме неколку пати во седмицата. Многу ни беше тешко еден без друг! Сепак, Маркус уживаше во она што го учеше на Гилеад, а јас многу ѝ се радував на службата. До времето кога тој си дојде од САД, водев 17 библиски студии! Тоа што бевме разделени 15 месеци беше голем предизвик, но сфатив дека Јехова навистина нѐ благослови поради жртвите што ги направивме. Дента кога Маркус се врати, неговиот авион доцнеше неколку часа. Кога конечно пристигна, силно се прегрнавме и не можевме да ги запреме солзите. Оттогаш сме неразделни.

БЛАГОДАРНИ ЗА СИТЕ ТЕОКРАТСКИ ЗАДАЧИ

Маркус: Кога се вратив од Гилеад во декември 1964 год., бевме повикани да служиме во Бетел. Тогаш не знаевме дека тоа ќе биде само привремено. Три месеци подоцна, заедно со Јани бев испратен како областен надгледник во Фландрија. Кога Алзен и Елс Викерсма дојдоа како мисионери во Белгија, тие продолжија во таа служба наместо нас, а ние се вративме во Бетел каде што работев во Службеното одделение. Од 1968 до 1980 год., служевме наизменично или во Бетел или во патувачкото дело. На крајот, од 1980 до 2005 год., повторно служев како областен надгледник.

Иако нашата задача честопати се менуваше, никогаш не заборавивме дека му ветивме на Јехова дека ќе му служиме со сета душа. Навистина уживавме во сите задачи, уверени дека целта на секоја промена е да се шири делото на Царството.

Јани: Особено се радував кога заедно со Маркус имав чест да го посетам Бруклин во 1977 год. и Патерсон во 1997 год., каде што тој доби додатна обука како член на Одборот на подружницата.

ЈЕХОВА ГИ ЗНАЕ НАШИТЕ ПОТРЕБИ

Маркус: Во 1982 год., Јани имаше операција, но успешно закрепна. Три години подоцна, браќата во собранието во Левен љубезно ни понудија да живееме во станот над нивната Сала на Царството. Првпат по 30 години имавме свој дом. Секој вторник кога се спремавме да посетиме некое собрание, морав неколку пати да ги поминам 54-те скали одејќи горе-долу за да ги пренесам куферите! Благодарни сме што од 2002 год. имаме стан на приземје. Кога наполнив 78 години, бевме испратени како специјални пионери во градот Локерен. Многу сме среќни што можеме да служиме на ваков начин и да проповедаме секој ден.

„Цврсто сме уверени дека не е важно каде или на кој начин служиме, туку кому му служиме“

Јани: Заедно поминавме вкупно 120 години во полновремена служба! Јехова ветува дека ‚никогаш нема да нѐ остави‘ и дека, ако му останеме верни ‚ништо нема да ни недостасува‘. Од прва рака можеме да ја потврдиме вистинитоста на ова негово ветување (Евр. 13:5; 5. Мој. 2:7).

Маркус: Кога бевме млади, му се заветувавме на Јехова. Никогаш не баравме големи работи за себе и бевме спремни да ја прифатиме секоја задача. Цврсто сме уверени дека не е важно каде или на кој начин служиме, туку кому му служиме.

a Подоцна, татко ми, мајка ми, најстарата сестра и двајца од моите браќа исто така станаа Сведоци.