Каков дух покажуваш?
„Незаслужената доброта на Господарот Исус Христос нека биде со вашиот дух“ (ФИЛИМ. 25)
1. Што рекол повеќе пати Павле во своите посланија до соверниците?
ВО СВОИТЕ посланија до соверниците, апостол Павле повеќе пати рекол дека се надева оти Бог и Христос гледаат со одобрување на духот кој владеел во собранијата. На пример, во своето послание до Галатите, тој напишал: „Браќа, незаслужената доброта на нашиот Господар Исус Христос нека биде со вашиот дух! Амин“ (Гал. 6:18). Што сакал да каже Павле со изразот „дух“?
2, 3. а) Што сакал понекогаш да каже Павле кога го користел зборот „дух“? б) Кои прашања би можеле да си ги поставиме во врска со нашиот „дух“?
2 Овде Павле го користел зборот „дух“ за да укаже на нашиот став или размислување. Тој „дух“ е она што нѐ тера да зборуваме или да постапуваме на одреден начин. На пример, некој може да биде љубезен, обѕирен, благ, великодушен или спремен да прости. Библијата зборува пофално за мирниот и благ дух (1. Пет. 3:4; Изр. 17:27). Но, други се зајадливи, лесно се навредуваат, многу ги сакаат парите или не почитуваат никаков авторитет. Некои имаат уште полоши особини — тие се неморални, непослушни, па дури и бунтовни.
3 Според тоа, кога го користел изразот „Господарот нека биде со вашиот дух“, Павле сакал да ги поттикне своите браќа да се угледаат на Христос и да имаат став со кој ќе го радуваат Бог (2. Тим. 4:22; прочитај Колошаните 3:9-12). Добро е да се прашаме: ‚Каков „дух“, односно став имам јас? Како можам со мојот начин на размислување уште повеќе да го радувам Бог? Како можам уште повеќе да придонесам во моето собрание да владее добар дух?‘ На пример, во едно поле со сончогледи, блескавата жолта боја на секој цвет придонесува за убавината на пејзажот. Дали сме и ние како „цвет“ што придонесува за убавината на собранието? Треба да се потрудиме да бидеме такви. Да видиме сега како можеме да развиеме „дух“ кој му е угоден на Бог.
ЧУВАЈ СЕ ОД ДУХОТ НА СВЕТОТ
4. Што е „духот на светот“?
4 Библијата вели: „Ние не го примивме духот на светот, туку духот кој е од Бог“ (1. Кор. 2:12). Што е „духот на светот“? Тоа е истиот дух што е спомнат во Ефешаните 2:2, каде што стои: „Некогаш живеевте онака како што живее овој свет, по волјата на владетелот кој владее со воздухот, духот кој сега дејствува во непослушните синови“. Овој ‚воздух‘ е духот на светот, односно размислувањата кои преовладуваат во денешниот свет. Исто како дословниот воздух, тој е насекаде околу нас и се гледа во различните ставови на луѓето. На пример, многумина денес велат: „Никој нема да ми кажува што да правам!“ или „Бори се за своите права!“ Ваквите луѓе, кои се дел од Сатановиот свет, во Библијата се наречени ‚непослушни синови‘.
5. Каков став имале некои Израелци?
5 Таквите ставови не се ништо ново. Во времето на Мојсеј, Кореј се побунил против оние што го предводеле израелскиот народ. Тој особено зборувал против Арон и неговите синови, кои имале чест да служат како свештеници. Можеби му пречеле нивните слабости или, пак, тврдел дека Мојсеј е пристрасен и дека им дава влијателни положби само на своите најблиски. Како и да било, очигледно е дека Кореј почнал да гледа на работите од човечка гледна точка и јавно зборувал против оние што биле поставени од Јехова. Тој без никаква почит им рекол: „Доста беше!.. Зошто се возвишувате над Јеховината заедница?“ (4. Мој. 16:3). На сличен начин, и Датан и Авирон му приговарале на Мојсеј велејќи му дека нема право ‚да се прави кнез над нив‘. Кога биле повикани да дојдат кај него, тие дрско одговориле: „Нема да дојдеме!“ (4. Мој. 16:12-14). Очигледно, Јехова воопшто не го одобрувал таквиот став. Тој ги погубил сите бунтовници (4. Мој. 16:28-35).
6. Каков став имале некои поединци во првиот век, и што веројатно ги навело на тоа?
6 И во првиот век имало поединци кои не ги почитувале оние што имале одговорни положби во собранието. Тоа го покажале така што ‚зборувале навредливо за нив‘ (Јуда 8). Веројатно овие мажи не биле задоволни со своите задолженија и се обиделе да ги свртат и другите против одговорните браќа кои совесно ги вршеле задачите што им ги доверил Бог. (Прочитај 3. Јованово 9, 10.)
7. Од што треба да се чуваат сите христијани?
7 Јасно е дека во христијанското собрание нема место за бунтовен дух. Затоа мора да внимаваме и ние да не почнеме да размислуваме на таков начин. Старешините не се совршени, исто како што не биле совршени одговорните мажи во времето на Мојсеј и на апостол Јован. Можеби некој од нив ќе направи грешка од која ќе бидеме лично погодени. Ако се случи такво нешто, воопшто не би било во ред да постапуваме како луѓето од светот и упорно да бараме „правда“ или да бараме по секоја цена да се преземе нешто против тој старешина. Јехова може да одлучи да премине преку некои мали грешки на старешините. Зарем не можеме и ние да го сториме истото? Некои што направиле тежок грев одбиле да соработуваат со правниот одбор кој бил избран да им помогне бидејќи имале замерки на некој од старешините во тој одбор. Тие се како пациент кој ја одбива потребната терапија само затоа што нешто не му се допаѓа кај лекарот кој му ја припишал.
8. Кои стихови можат да ни помогнат да имаме исправен став кон браќата што предводат во собранието?
8 За да не паднеме во замката да размислуваме на таков начин, треба да имаме на ум дека, според описот даден во Откровението, Исус држи ‚седум ѕвезди во својата десна рака‘. ‚Ѕвездите‘ ги претставуваат помазаните старешини, но она што е кажано за нив се однесува и на сите старешини во собранијата. Исус ги води ‚ѕвездите‘ во својата рака како што тој смета дека е исправно (Отк. 1:16, 20). Според тоа, како Глава на христијанското собрание, Исус знае што точно се случува во сите старешинства. Неговите очи се „како огнен пламен“, и ако на некој од старешините навистина му треба исправка, тој ќе се погрижи тоа да се направи во вистинско време и на вистински начин (Отк. 1:14). Сѐ додека Исус не преземе нешто, ние мора да покажуваме почит кон оние што светиот дух ги поставил за надгледници, бидејќи Павле напишал: „Бидете им послушни на оние што ве предводат и бидете им подложни — зашто тие бдеат над вашите души како оние што ќе положат сметка за тоа — за да го прават со радост, а не со воздишки, зашто тоа вам би ви било на штета“ (Евр. 13:17).
9. а) Како може советот или укорот да влијае врз некој христијанин? б) Како е најдобро да реагираме ако добиеме укор?
9 На еден христијанин може да му биде тешко да задржи исправен став и ако добие совет или ако му бидат одземени некои одговорности во собранието. На пример, еден млад брат кој бил слуга-помошник добил тактичен совет од старешините затоа што играл насилни видеоигри. За жал, не го прифатил советот и повеќе не можел да служи како именуван брат бидејќи не ги исполнувал библиските барања (Пс. 11:5; 1. Тим. 3:8-10). Откако се случило ова, тој почнал да им кажува на другите дека не се согласува со одлуката на старешините. Повеќе пати испраќал писма до подружницата во кои ги критикувал старешините, па дури ги наговарал и другите во собранието да пишуваат до подружницата. Но, ништо нема да постигнеме ако настојуваме да ги оправдаме своите постапки. Така само би можеле да го доведеме во опасност мирот на целото собрание. Многу е подобро мирно да го прифатиме укорот и да бидеме благодарни што ни помогнал да видиме кај себе некои слабости за кои порано не сме биле свесни. (Прочитај Плач 3:28, 29.)
10. а) Што учиме од Јаков 3:16-18? б) Зошто треба да дозволиме да нѐ води „мудроста одозгора“?
10 Јаков 3:16-18 јасно покажува каков став треба да имаме и каков став не треба да имаме кон другите во собранието. Таму стои: „Каде што има љубомора и кавгаџиство, таму има неред и секакво зло. Но мудроста одозгора пред сѐ е чиста, потоа мирољубива, разумна, спремна да послуша, полна со милосрдие и со добри плодови, непристрасна, нелицемерна. А плодот на праведноста се сее во мир и ќе го соберат оние што творат мир“. Ако дозволиме да нѐ води мудроста што ја дава Бог, ќе ги покажуваме неговите особини и на тој начин ќе придонесеме да има добар дух во собранието.
ПОКАЖУВАЈ ПОЧИТ ВО СОБРАНИЕТО
11. а) Што нема да ни биде најважно ако имаме исправен став? б) Што учиме од примерот на Давид?
11 Не смееме да заборавиме дека Јехова им дал одговорност на старешините ‚да го пасат Божјето собрание‘ (Дела 20:28; 1. Пет. 5:2). Затоа, мудро е да го почитуваме начинот на кој Бог ги организира работите, сеедно дали сме старешини или не. Ако имаме исправен став, нема да ни биде најважно да служиме на некоја одговорна положба во собранието. Лош пример во овој поглед е израелскиот цар Саул. Тој се исплашил дека Давид би можел да му го преземе престолот, и почнал да ‚го гледа со недоверба‘ (1. Сам. 18:9). Дозволил кај него да се развие погрешен став и сакал дури да го убие Давид. Наместо да бидеме како Саул, кој бил преокупиран со својата положба, многу е подобро да се угледаме на Давид. И покрај тоа што доживеал многу неправди, Давид секогаш покажувал почит кон оние што Бог ги поставил на одговорни положби. (Прочитај 1. Самоилова 26:23.)
12. Што може да правиме за да го зачуваме единството во собранието?
12 Бидејќи сите немаме секогаш исто мислење за некоја работа, понекогаш може да дојде до несогласувања во собранието. Тоа може да се случи дури и меѓу старешините. Во такви ситуации, добро е да ги примениме следниве совети од Библијата: „Предводете во искажувањето почит еден кон друг“ и „Немојте самите себе да се сметате за разборити“ (Рим. 12:10, 16). Наместо упорно да тврдиме дека сме во право, треба да бидеме свесни дека за една иста работа честопати има повеќе исправни гледишта. Ако се трудиме да сфатиме како размислуваат другите, ќе помогнеме да се зачува единството во собранието (Фил. 4:5).
13. Кој пример од Библијата ни помага да сфатиме што треба да правиме откако сме го кажале своето гледиште?
13 Дали ова значи дека е погрешно да го кажеме своето мислење ако гледаме дека нешто во собранието треба да се промени? Не. На пример, кога меѓу христијаните во првиот век се појавило едно несогласување, браќата се договориле „Павле и Варнава и уште некои од нив да отидат кај апостолите и старешините во Ерусалим поради тој спор“ (Дела 15:2). Без сомнение, секој од нив имал свое мислење за тоа како да се реши проблемот. Сепак, откако сите си кажале што мислат и била донесена одлука под водство на светиот дух, браќата повеќе не изнесувале свои гледишта. Кога го добиле писмото со одлуката, собранијата ‚се израдувале на охрабрувањето‘ и ‚се зацврстиле во верата‘ (Дела 15:31; 16:4, 5). Слично и денес, откако ќе зборуваме со старешините за нешто што нѐ загрижува, треба да имаме доверба дека тие внимателно ќе размислат за она што сме им го кажале и ќе преземат сѐ што е потребно.
ТРУДИ СЕ ДА ИМАШ ДОБРИ ОДНОСИ СО ДРУГИТЕ
14. Како можеме во нашите односи со другите да покажеме дека имаме добар „дух“?
14 Во нашите односи со другите, има многу можности да покажеме дека имаме добар „дух“. На пример, убаво е ако сите сме спремни да простуваме кога некој ќе нѐ навреди. Во Божјата Реч пишува: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого. Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие“ (Кол. 3:13). Изразот „ако некој има жалба против некого“ покажува дека понекогаш можеби ќе бидеме лути некому, и тоа со оправдана причина. Сепак, не треба да им придаваме преголема важност на мааните на нашите браќа бидејќи тоа може да го наруши мирот во собранието. Наместо тоа, треба да се угледаме на Јехова така што ќе им простуваме и ќе продолжиме заедно да му служиме на нашиот Бог.
15. а) Што учиме од Јов за простувањето? б) Како молитвата може да ни помогне да имаме позитивен став кон другите?
15 Во врска со простувањето, можеме многу да научиме од Јов. Тројцата лажни тешители многу го повредиле со своите зборови, но тој сепак им простил. Што му помогнало во тоа? Библијата вели дека Јов ‚се помолил за своите пријатели‘ (Јов 16:2; 42:10). Кога се молиме за оние со кои имаме некакво недоразбирање, можеби ќе се промени и нашиот став кон нив. А кога се молиме за сите браќа и сестри, ќе ни биде полесно да ги гледаме онака како што ги гледа Исус (Јован 13:34, 35). Исто така, треба да се молиме и за свет дух (Лука 11:13). Божјиот свет дух ќе ни помогне да покажуваме христијански особини во нашите односи со другите (Прочитај Галатите 5:22, 23.)
ПОМОГНИ ДА СЕ ЗАЧУВА ДОБРИОТ ДУХ ВО СОБРАНИЕТО
16, 17. Што си решен да правиш за да придонесеш да има добар дух во собранието?
16 Кога секој објавител дава сѐ од себе за да владее добар дух во собранието, тоа ќе донесе големи благослови. Откако ја разгледавме оваа статија, можеби увидовме дека и ние лично треба да се подобриме во овој поглед. Во тој случај, да ѝ дозволиме на Божјата Реч да дејствува врз нас за да ги направиме потребните промени (Евр. 4:12). Псалмистот Давид изразил слична желба, кога напишал: „Испитај ме, Јехова, и искушај ме, прочисти ми ги бубрезите и срцето“ (Пс. 26:2).
17 Ако дозволиме да нѐ води „мудроста одозгора“ и ако не си придаваме преголема важност себеси или на своите одговорности, ќе придонесеме да има добар дух во собранието. Исто така, ако спремно простуваме и ако размислуваме позитивно за нашите соверници, ќе имаме мирољубиви односи со нив (Фил. 4:8). Доколку го правиме тоа, можеме да бидеме сигурни дека ќе ги радуваме Јехова и Исус ‚со нашиот дух‘ (Филим. 25).