Однесувајте се како граѓани на Царството!
Однесувајте се како граѓани на Царството!
„Живејте живот достоен на добрата вест“ (ФИЛ. 1:27)
КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?
Кои можат да бидат граѓани на Царството?
Како може да го научиме јазикот, и да се запознаеме со историјата и законите на Царството?
Како граѓаните на Царството покажуваат дека ги сакаат Божјите мерила?
1, 2. Зошто советот што им го дал Павле на браќата во Филипи бил од посебно значење за нив?
АПОСТОЛ Павле ги поттикнал христијаните во собранието во Филипи да ‚живеат живот достоен на добрата вест‘. (Прочитај Филипјаните 1:27.) Грчкиот збор „живејте“ што Павле го употребил овде може да се преведе и со изразот „однесувајте се како граѓани“. Овој израз имал посебно значење за браќата во Филипи. Зошто? Бидејќи, по сѐ изгледа, Филипи бил еден од малкуте градови чии жители имале римско граѓанство и биле заштитени со римскиот закон. Римските граѓани имале посебни повластици и биле горди на тоа.
2 Но, членовите на собранието во Филипи имале уште поголема причина да бидат горди. Павле ги потсетил тие помазани христијани дека нивното граѓанство е „на небесата“ (Фил. 3:20). Тие не биле граѓани на некое човечко царство, туку на Божјето Царство. Тоа им пружало заштита и повластици кои не можела да им ги даде ниту една друга влада (Еф. 2:19-22).
3. а) Кои можат да бидат граѓани на Божјето Царство? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Советот што Павле им го дал на Филипјаните главно се однесува на оние што ќе владеат со Христос на небото (Фил. 3:20). Но, начелото важи и за оние што ќе бидат поданици на Божјето Царство на Земјата. Зошто? Затоа што и двете групи му служат на истиот Цар, Јехова, и мора да живеат според истите мерила (Еф. 4:4-6). Денес некои луѓе многу се трудат да станат граѓани, односно државјани, на некоја богата земја. Колку повеќе треба да ја цениме можноста да бидеме граѓани на Божјето Царство! За да сфатиме колку голема чест е ова, да разгледаме некои сличности меѓу условите што треба да се исполнат за да се добие државјанство во некоја земја и условите што треба да ги исполнат граѓаните на Божјето Царство. Потоа ќе видиме кои три работи мора да ги правиме ако сакаме да останеме граѓани на тоа Царство.
УСЛОВИ ЗА ДРЖАВЈАНСТВО
4. Што претставува чистиот јазик, и како го „зборуваме“?
4 Научи го јазикот. Некои човечки влади бараат од оние што поднесуваат молба за државјанство да го зборуваат службениот јазик на земјата. Дури и откако ќе добијат државјанство, некои со години се трудат да го совладаат новиот јазик. Можеби брзо ќе ги научат граматичките правила, но ќе им треба време да научат точно да ги изговараат зборовите. На сличен начин, Божјето Царство бара од своите граѓани да научат нов јазик, кој во Библијата е наречен „чист јазик“. (Прочитај Софонија 3:9.) Што претставува овој јазик? Тоа е вистината за Бог и за неговите намери која се наоѓа во Библијата. Ние го „зборуваме“ чистиот јазик кога постапуваме во склад со Божјите закони и начела. Граѓаните на Божјето Царство обично за кратко време можат да ги научат основните библиски вистини и да се крстат. Но, дури и откако ќе се крстат, тие мораат да се трудат сѐ подобро да го „зборуваат“ чистиот јазик. На кој начин? Секој од нас мора постојано да се напрега да ги применува во животот библиските начела што ги учи.
5. Зошто треба да научиме сѐ што можеме за историјата на Јеховината организација?
5 Запознај се со историјата. Некои човечки влади бараат од оние што сакаат да добијат државјанство да знаат нешто за историјата на земјата. На сличен начин, оние што сакаат да бидат граѓани на Божјето Царство треба да научат сѐ што можат за него. Да го разгледаме примерот на потомците на Кореј, кои служеле во древниот Израел. Тие го сакале Ерусалим и храмот што бил во него, и сакале да зборуваат за историјата на тој град. Но, не биле восхитени од убавината на градот и на храмот, туку од она што тие го претставувале. Ерусалим бил „градот на Великиот Цар“, Јехова, односно местото каде што бил обожаван вистинскиот Бог. Таму луѓето биле поучувани за Јеховиниот Закон. Јехова — Царот на Ерусалим — им ја покажувал својата љубов и милост на оние над кои владеел. (Прочитај Псалм 48:1, 2, 9, 12, 13.) Исто како потомците на Кореј, дали и ти имаш желба да ја проучуваш историјата на земниот дел на Јеховината организација и да им раскажуваш на другите за неа? Колку повеќе учиме за Божјата организација и за тоа како Јехова му помага на својот народ, толку пореално ќе ни биде Божјето Царство. Ова ќе нѐ поттикне да проповедаме со уште поголема одушевеност (Ерем. 9:24; Лука 4:43).
6. Зошто е разумно Јехова да очекува од нас да ги знаеме и да ги почитуваме Неговите закони и начела?
6 Запознај се со законите. Човечките влади бараат од своите поданици да ги знаат и да ги почитуваат законите на државата. Затоа е разумно и Јехова да очекува од нас да ги знаеме и да ги почитуваме законите и начелата кои важат за сите граѓани на Царството (Иса. 2:3; Јован 15:10; 1. Јов. 5:3). Човечките закони честопати се неправедни и имаат недостатоци. За разлика од нив, „Јеховиниот закон е совршен“ (Пс. 19:7). Дали уживаме во Божјиот закон и дали секојдневно ја читаме неговата Реч? (Пс. 1:1, 2). Секој мора сам да ги проучува Божјите закони — никој друг не може да го стори тоа за нас.
ГРАЃАНИТЕ НА ЦАРСТВОТО ГИ САКААТ БОЖЈИТЕ МЕРИЛА
7. Зошто граѓаните на Царството им се подложуваат на Божјите закони?
7 За да останеме граѓани на Царството, не треба само да ги знаеме Божјите мерила, туку треба и да ги сакаме. Многу луѓе велат дека ги почитуваат законите на земјата во која живеат, но кога некое барање не им одговара или кога мислат дека никој не ги гледа, тие го прекршуваат законот. Обично таквите лица сакаат да им „угодуваат на луѓето“ (Кол. 3:22). Но, граѓаните на Царството им се послушни на Божјите закони од друга причина. Ние го сакаме Јехова, нашиот Законодавец. Затоа со радост се подложуваме на неговите закони дури и кога ниту еден човек не нѐ гледа (Иса. 33:22; прочитај Лука 10:27).
8, 9. Како можеш да знаеш дали навистина ги сакаш Божјите закони?
8 Како можеш да знаеш дали навистина ги сакаш Божјите закони? Размисли како реагираш кога ќе добиеш совет за нешто што мислиш дека е лична работа — на пример, за твојот изглед или облека. Пред да станеш граѓанин на Царството можеби си имал навика да се облекуваш немарно или провокативно. Но, како што растела твојата љубов кон Бог, си почнал да се облекуваш на начин со кој му оддаваш чест (1. Тим. 2:9, 10; 1. Пет. 3:3, 4). Можеби сега си мислиш дека носиш скромна облека. Но, што ако некој старешина ти каже дека повеќето објавители во твоето собрание имаат приговор на твојот начин на облекување? Како ќе реагираш? Дали ќе почнеш да се браниш, да се буниш или да се инаетиш? Еден од најважните закони на Божјето Царство е да го следиме примерот на Христос (1. Пет. 2:21). Во врска со Исус, апостол Павле напишал: „Секој од нас нека му угодува на својот ближен во она што е добро за изградување. Зашто, ниту Христос не си угодуваше себеси“ (Рим. 15:2, 3). За да го зачува мирот во собранието, еден зрел христијанин спремно ќе попушти и ќе ги направи потребните промени за да не ја вознемирува совеста на своите браќа (Рим. 14:19-21).
9 Да разгледаме уште две многу важни работи: нашиот став кон интимните односи и нашето гледиште за бракот. Оние што сѐ уште не се граѓани на Божјето Царство можеби не ја осудуваат хомосексуалноста, сметаат дека порнографијата е безопасна забава или мислат дека прељубата и разводот се лична работа. Но, граѓаните на Царството научиле да размислуваат за последиците од своето однесување, како и за начинот на кој нивните постапки ќе влијаат врз другите. Иако многу христијани претходно воделе неморален живот, сега сметаат дека интимните односи и бракот се дарови од Бог. Тие ги сакаат и ги ценат Јеховините високи мерила и добро знаат дека оние што упорно продолжуваат да живеат неморално не се достојни да бидат граѓани на Царството (1. Кор. 6:9-11). Но, сфаќаат и дека човечкото срце е измамливо (Ерем. 17:9). Затоа се благодарни кога ќе добијат конкретни предупредувања што им помагаат и понатаму да се држат за Божјите високи морални мерила.
ГРАЃАНИТЕ НА ЦАРСТВОТО ГИ ЦЕНАТ ПРЕДУПРЕДУВАЊАТА
10, 11. Кои важни предупредувања ни ги дава Божјето Царство, и што мислиш ти за нив?
10 Човечките влади понекогаш ги предупредуваат граѓаните дека некоја храна или лекарства се опасни за здравјето. Се разбира, не се штетни сите видови лекарства и храна. Но, ако некој производ е опасен, владата можеби ќе издаде предупредување за да се заштитат граѓаните. Всушност, таа е должна да го предупреди населението бидејќи во спротивно би била виновна за небрежност. Слично на ова, Божјето Царство дава навремени предупредувања во врска со одредени морални и духовни опасности. На пример, Интернет е корисно средство за комуникација, учење и забава. Божјата организација го употребува за добри цели. Но, многу интернет-страници се опасни во морален и во духовен поглед. Нема никакво сомнение дека порнографските страници претставуваат голема закана за духовното здравје на граѓаните на Божјето Царство. Верниот роб со децении нѐ предупредува на опасноста од нив. Многу сме благодарни за таквите предупредувања што ни помагаат да останеме духовно здрави.
11 Во последниве години, станаа многу популарни интернет-страниците познати како социјални мрежи. Тие имаат свои добри страни ако се користат внимателно, но можат да бидат и многу опасни. Преку нив некој би можел да се изложи на лошо друштво (1. Кор. 15:33). Затоа не зачудува што Божјата организација ни дава предупредувања во врска со ваквите страници. Дали ги имаш прочитано сите статии за социјалните мрежи што ги издаде верниот роб? Колку немудро би било да користиме такви страници без да ги имаме прочитано сите тие информации! * Тоа би било исто како да земаме јако лекарство без да прочитаме кои се можните несакани последици од него.
12. Зошто би било неразумно да ги игнорираме предупредувањата?
12 Оние што ги игнорираат предупредувањата од верниот роб сигурно ќе си наштетат и себеси и на своите најмили. Некои станале зависници од гледање порнографија или направиле неморал, а потоа се залажувале дека Јехова не може да го види она што го прават. Колку е неразумно да мислиме дека можеме да ги скриеме нашите постапки од Јехова! (Изр. 15:3; прочитај Евреите 4:13). Исто како што една човечка влада може да им го одземе државјанството на оние што извршиле одредени криминални дела, така и Бог нема да им дозволи на оние што постојано ги кршат неговите закони и понатаму да бидат граѓани на неговото Царство * (1. Кор. 5:11-13). Сепак, Јехова е милостив и преку старешините им помага на оние што згрешиле (Гал. 6:1). Сите што се каат и престануваат да грешат можат повторно да стекнат добар однос со Него и да останат граѓани на Царството (2. Кор. 2:5-8). Колкава чест е да му се служи на еден толку грижлив Цар!
ГРАЃАНИТЕ НА ЦАРСТВОТО ГО ЦЕНАТ ОБРАЗОВАНИЕТО
13. Како граѓаните на Царството покажуваат дека го ценат образованието?
13 Многу човечки влади се трудат да им го дадат потребното образование на своите граѓани. Тие градат училишта каде што луѓето можат да се описменат и да стекнат основно образование. Граѓаните на Божјето Царство ги ценат ваквите училишта и се трудат да научат да читаат, да пишуваат и да стекнат вештини кои ќе им помогнат да се издржуваат. Но, тие уште повеќе го ценат образованието што го добиваат како граѓани на Царството. На пример, преку христијанското собрание, Божјата организација нѐ поттикнува да читаме. Родителите се охрабрени да читаат заедно со своите деца. Секој месец, верниот роб ги издава библиските публикации Стражарска кула и Разбудете се! Ако читаш само по неколку страници дневно, ќе ги прочиташ сите списанија за еден месец. На тој начин, и понатаму ќе извлекуваш корист од образованието што ни го дава Јехова.
14. а) Какви поуки добиваме? б) Кои предлози во врска со Семејната вечер си ги користел?
14 Секоја седмица, граѓаните на Царството добиваат поуки на своите собраниски состаноци. На пример, повеќе од шест децении, Теократската школа за служба им помага на оние што учествуваат во неа делотворно да ги поучуваат другите за Божјата Реч. Дали и ти си запишан во оваа школа? Во последниве години, верниот роб особено ја нагласува важноста на Семејната вечер посветена на Јехова, која може да ги зајакне семејните врски. Дали веќе ги користеше предлозите за Семејната вечер што излегоа во нашите публикации? *
15. Која огромна чест ја имаме?
15 Многу луѓе се спремни јавно да ѝ дадат поддршка на некоја политичка партија. Некои дури одат и од врата до врата за да придобијат нови членови. И граѓаните на Царството низ целиот свет покажуваат дека го поддржуваат Божјето Царство со тоа што проповедаат на улица и од врата до врата. Всушност, како што беше спомнато во претходната статија, Стражарска кула, која го објавува Јеховиното Царство, сега е најчитаното списание на Земјината топка! Огромна чест е да им кажуваме на другите за Божјето Царство. Дали и ти ревносно учествуваш во проповедничкото дело? (Мат. 28:19, 20).
16. Како можеш да докажеш дека си добар граѓанин на Божјето Царство?
16 Наскоро Божјето Царство ќе биде единствената влада на Земјата и Божјите закони ќе бидат единствените закони според кои ќе живеат сите луѓе. Ќе бидеш ли добар граѓанин на Божјето Царство во тоа време? Уште сега можеш да го докажеш тоа. Секогаш кога донесуваш одлука, држи се за Јеховините закони и труди се да правиш сѐ за Божја слава. На тој начин ќе докажеш дека навистина се однесуваш како добар граѓанин на Божјето Царство (1. Кор. 10:31).
[Фусноти]
^ На пример, види во Разбудете се! од јули 2011, страници 24-27; од август 2011, страници 10-13 и од февруари 2012, страници 3-9.
^ Види во Стражарска кула од 15 март 2012, страници 30-31.
^ Види во Стражарска кула од 15 август 2011, страници 6-7 и Нашата служба за Царството од јануари 2011, страници 3-6.
[Прашања]
[Истакната мисла на страница 14]
Дали си послушен на предупредувањата што верниот роб ни ги дава за Интернет?
[Слика на страница 12]
Слично на потомците на Кореј, дали и ти од сѐ срце сакаш да му служиш на Јехова и да учиш за теократската историја?
[Слика на страница 15]
Семејната вечер може многу да ти помогне тебе и на твоето семејство да бидете добри граѓани на Царството